A Bíblia On-line

- Anúncios -


Софонија 2 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)


Позив за враќање кон Господ

1 Соберете се, соберете се, народи бесрамни,

2 додека не бидете одвеани како плева, додека уште не е дојден врз вас пламнатиот гнев Господов, додека не настапил денот на јароста Господова.

3 Побарајте Го Господа, сите скромни на земјата, вие што ги извршувате законите Негови; побарајте ја правдата, побарајте ја понизноста; можеби ќе бидете заштитени во денот на гне­вот Господов.


Суд за Филистеја

4 Зашто Газа ќе биде напуштена и Ашкелон ќе запусти, Ашдод ќе биде изгонет среде ден, а Екрон ќе се искорени.

5 Тешко им на жителите од приморскиот крај, на народот од Крит! Словото Господово е против вас, Хананци, земјо филистејска! Јас ќе те истребам, и во тебе нема да има жите­ли,

6 па ќе стане приморскиот крај ли­вада, овчарско пасиште и ограда за добиток.

7 И тој крај ќе му припадне на остатокот од домот Јудин, и ќе пасат таму и во куќите на Ашкелон вечерта ќе ја поминуваат, зашто Господ, нивниот Бог, ќе ги посети и ќе им ја измени судбината.


Суд за Моав и Амон

8 Го чув хулењето од Моав и на­вре­дите од синовите Амонови, како се подигруваат со Мојот народ и како се шират во пределите негови.

9 Но жив сум Јас, вели Господ Саваот, Бог Израилев: Моав ќе биде како Содом, и синовите на Амон ќе бидат како Гомора, земја на коприви, соларник, пустина за навек; остатокот од Мојот народ ќе ги плени, и оние што ќе останат од Мојот народ, ќе ги наследи.

10 Тоа ќе им биде цената за гордоста нивна, зашто се подигруваа и се ши­реа над народот на Господ Саваот.

11 Страшен ќе биде за нив Господ: Тој ќе ги истреби сите земни богови, и Нему ќе Му се поклонат – сите од своите места, сите острови на народите.


Суд над Етиопија

12 И вие, Етиопјани, ќе бидете пора­зени од Мојот меч.


Суд над Асирија

13 Потоа Господ ќе ја протегне ра­ка­та Своја на север, ќе го уништи Ашур, а Ниневија ќе ја претвори во урнатина, во место суво како пустина,

14 и стада ќе лежат по неа и секаков вид животни: буф и еж ќе ноќеваат врз столбовите, утки и гаврани ќе гракаат по праговите, зашто нивните кедарски градби ќе запустат.

15 Тој ли е прочуениот град, кој жи­вееше безгрижно и во срцето свое си велеше: „Јас сум и нема друг освен мене!?“ И еве, ќе стане урнатина, лег­ло за ѕверови! И секој што ќе помине покрај него, ќе потсвирне и ќе мавне со раката.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Macedonian Bible Society
Siga-nos em:



Anúncios