A Bíblia On-line

- Anúncios -


Јован 1 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)


Словото на животот

1 Во почетокот беше Словото, и Словото беше во Бога и Словото беше Бог.

2 Тоа во почетокот беше во Бога.

3 Сѐ стана преку Него и без Него ништо не стана, од она што постана.

4 Во Него беше Животот и Животот им беше светлина на луѓето.

5 Светлината свети во темнината и темнината не ја опфати.

6 Имаше еден човек по име Јован, ис­пратен од Бога;

7 тој дојде за сведоштво, да сведочи за Светлината, та сите да поверуваат пре­ку него.

8 Тој не беше Светлината, туку дојде да сведочи за Светлината.

9 Беше Вистинска Светлина, Ко­ја го осветлува секој човек, што доаѓа­ во светов.

10 Во светот беше и светот преку Него постана, но светот не Го позна.

11 Дојде кај Своите, но Своите не Го примија.

12 А на сите што Го примија – на сите што веруваа во Неговото име – им даде моќ да станат чеда Божји;

13 кои не се родија од крв, ниту по желба на телото, ниту од похот машка, туку од Бога.

14 И Словото стана тело и се всели ме­ѓу нас, полно со благодат и вистина; и ние ја видовме Неговата слава, слава како на Единороден од Отецот.

15 Јован сведочеше за Него и велеше зборувајќи: „Ова е Тој за Кого реков: Оној, Кој иде по мене, Тој е пред мене, бидејќи постоеше порано од мене!“

16 И од Неговата полнота ние сите примивме благодат врз благодат;

17 зашто Законот беше даден преку Мојсеј, а благодатта и вистината станаа преку Исуса Христа.

18 Бога никој никогаш не Го видел; Единородниот Син, Кој е во пазувите на Отецот – Тој Го објави.


Сведоштвото на Јован Крстител
( Мт 3,1-12 ; Мк 1,1-8 ; Лк 3,1-18 )

19 И тоа е сведоштвото на Јован, кога Јудејците испратија од Ерусалим свеш­теници и левити за да го прашаат: „Кој си ти?“

20 Тој призна и не одрече, туку објави: „Не сум јас Христос.“

21 И го прашаа: „Кој си, тогаш? Илија ли си ти?“ И рече: „Не сум.“ „Про­рок ли си?“ И одговори: „Не.“

22 А тие му рекоа: „Па кој си, за да мо­жеме да им одговориме на оние што нѐ испратија; што велиш за себе?“

23 Тој рече: „Јас сум глас на оној што вика во пустината: израмнете го Госпо­довиот пат, како што вели пророкот Исаија.“

24 А испратените беа од фарисеите;

25 и го запрашаа велејќи: „Зошто тогаш крштеваш, кога не си Христос, ниту Илија, ниту пророк?“

26 Јован им одговори и рече: „Јас крш­тевам со вода, но меѓу вас стои Еден, Кого вие не Го познавате.

27 Тој е Оној што иде по мене, Кој бе­ше пред мене, Кому јас не сум досто­ен да Му ги одврзам ремењата од обув­ките Негови.“

28 Ова се случи во Витанија, отаде Јордан, каде што крштеваше Јован.


Божјото Јагне

29 На другиот ден Го виде Јован Исуса како доаѓа кај него и рече: „Еве Го Јаг­нето Божјо, Кое ги зема гревовите на светот врз Себе!

30 Овој е оној, за Кого реков: по мене иде Човек, Кој пред мене беше, бидејќи пос­то­еше пред мене.

31 Јас не Го познавав, но дојдов да крштевам со вода, за Тој да му биде об­јавен на Израил.“

32 И сведочеше Јован, велејќи: „Го ви­дов Духот да слегува од небото како гу­лаб и остана над Него.

33 Јас не Го познавав, но Оној, што ме прати да крштевам со вода, Тој ми рече: ‚Врз Кого ќе видиш дека слегува Духот и дека останува над Него, Тој е Оној што ќе крштева со Дух Свети.‘

34 И јас видов и посведочив дека Тој е Син Божји.“


Првите Исусови ученици

35 А на другиот ден, пак, стоеше Јован и двајца од неговите ученици.

36 И штом Го виде Исуса како оди, рече: „Еве Го Јагнето Божјо!“

37 Кога ги чуја од него тие зборови, обата ученика отидоа по Исуса.

38 А Исус, кога се сврте и виде дека одат по Него, им рече: „Што барате?“ Тие Му одговорија: „Рави што значи – Учителе, каде живееш?“

39 Им рече: „Дојдете и видете!“ Тие отидоа и видоа каде живее и останаа тој ден кај Него. Беше околу десеттиот час.

40 А еден од двајцата, што беа чуле за Исус и беа тргнале по Него, беше Ан­дреј братот на Симон Петар.

41 Тој прво го најде брата си Симона и му рече: „Го најдовме Месијата, што значи: Христос.“

42 И го одведе кај Исуса. А Исус го погледна и му рече: „Ти си Симон, си­нот на Јона; ти ќе се наречеш Кифа, што значи: Петар.“


Повикот до Филип и Натанаил

43 На другиот ден Исус намисли да отиде во Галилеја и го најде Филип, па му рече: „Врви по Мене!“

44 И Филип беше од Витсаида, од градот на Андреј и Петар.

45 Филип го најде Натанаил и му рече: „Го најдовме Оној за Кого пишуваше Мојсеј во Законот и Пророците – Исус, синот Јосифов од Назарет!“

46 А Натанаил му рече: „Може ли нешто добро да излезе од Назарет?“ Филип му рече: „Дојди и види!“

47 Исус, кога го виде Натанаил како доаѓа кај Него, рече: „Еве вистински Израилец, во кого нема лукавство!“

48 Натанаил Му рече: „Од каде ме познаваш?“ Исус му одговори и рече: „Уште пред да те повика Филип, кога беше под смоквата, Јас те видов.“

49 Му одговори Натанаил и рече: „Рави! Ти си Син Божји, Ти си Царот на Израил!“

50 А Исус, одговарајќи, му кажа: „Да­ли веруваш, бидејќи ти реков дека те видов под смоквата? Ќе видиш повеќе од ова.“

51 И пак рече: „Вистина, вистина ви велам: отсега ќе го гледате небото от­во­рено и ангелите Божји како се иска­чу­ваат и слегуваат над Синот Човечки.“

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006

Macedonian Bible Society
Siga-nos em:



Anúncios