A Bíblia On-line

- Anúncios -


Софонија 1 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)


Суд за Јудеја

1 Словото Господово упатено до Софонија, синот на Кушиј, син Гедалиев, син Амариев, син Езекиин, во деновите на Јошија, син Амонов, цар јудејски.

2 Сѐ ќе истребам од земјата, вели Господ;

3 ќе ги збришам луѓето и животните, ќе ги истребам птиците небески и ри­бите морски и ќе направам да паднат безбожниците; ќе ги истребам луѓето од лицето на земјата, вели Господ.

4 И ќе ја протегнам раката Своја врз Јудеја и врз сите жители на Ерусалим; ќе ги истребам од тоа место остатоците на Ваал, името на служителите негови со свештениците негови,

5 и оние, кои на покривите се поклонуваат на небесната војска, и од поклониците оние што се колнат во Гос­под, но се колнат и во својот цар,

6 како и оние, што отстапија од Гос­под, не Го бараат Господа ниту прашу­ваат за Него.

7 Замолкни пред лицето на Господ Бог, зашто близу е денот Господов. Ве­ќе го приготви Господ жртвеното кла­ње, ги определи и гостите свои.

8 Во денот на жртвата Господова, Јас ќе ги казнам кнезовите, синовите на царот и сите, што се облекуваат во об­леки на туѓинци;

9 ќе ги казнам во оној ден сите, кои го прескокнуваат прагот, што го исполнуваат домот на својот Господ со насил­ство и измама.

10 И во тој ден, вели Господ, ќе има вик кај Рибните Порти и ридање во новиот дел на градот, а и големо уривање на ридови.

11 Плачете жители на Махтеш, зашто загинаа сите трговци; истребени се сите што мерат сребро.

12 А во тоа време Јас ќе го прегледам Ерусалим со светило и ќе ги казнам оние, кои седат на своите остатоци и велат во срцето свое: „Господ не прави ни добро ни лошо“;

13 пак ќе станат богатствата нивни пљачка и куќите нивни ќе се запустат; иако градеа куќи, тие нема да живеат во нив; садеа лоза, но вино нема да пијат од неа.


Страшниот ден

14 Близу е денот велик на Господ, бли­зу е – и брзо доаѓа. Горчлив е гласот на денот Господов, ќе завика тогаш дури и најхрабриот.

15 Тој ден е ден на гнев, ден на жалост и на мачнотија, ден за запустување и уривање, ден на темнина и на мрак, ден облачен и маглив,

16 ден на труба и на боен повик против утврдените градови и високите кули.

17 И Јас ќе ги притеснам луѓето, и тие ќе се тетерават како слепи, зашто згрешија против Господ, и растурена ќе биде крвта нивна како прав, и телата нивни како смет.

18 Ни среброто нивно, ниту златото нивно не ќе може да ги спаси во денот на гневот Господов, а од огнот на рев­носта Негова ќе биде уништена целата земја, и тоа ќе биде ненадеен крај на сите жители нејзини.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006 

Macedonian Bible Society
Siga-nos em:



Anúncios