Софонија 3 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (со девтероканонски книги)Грешниот Ерусалим 1 Тешко на непокорен, осквернет и насилнички град! 2 Не слуша повик, не прифаќа поука, не се надева на Господ, не се приближува до својот Бог. 3 Кнезовите негови се како лавови што рикаат, судиите негови – вечерни волци, кои до утрината не оставаат ниту една коска. 4 Пророците негови се луѓе лесномислени, неверни; свештениците негови ја осквернуваат светињата, ги кршат законите. 5 Господ е праведен среде него, не врши неправда, секое утро го произнесува Својот суд на видело, но беззаконикот не знае за срам. 6 Јас ги истребив народите – разрушени им се тврдините; ги опустив улиците нивни, така што никој не оди по нив; разорени се градовите нивни: нема ниту еден човек, нема жител. 7 Јас реков: „Можеби ќе се исплаши од Мене, ќе прими поука; не е можно да ги заборавиле бројните Мои походи.“ Но, не! Тие грижливо се трудеа да ги расипат сите свои дела. Народите пред Господ 8 И така, чекајте Ме, вели Господ, до оној ден, кога ќе се кренам како судија; што Јас одлучив да ги соберам народите, да ги свикам царствата, за да го излијам врз нив Мојот гнев, сета јарост на Мојот гнев; зашто од огнот на јароста Моја ќе биде уништена целата земја. 9 Тогаш Јас пак ќе им дадам на чистите народи уста да го призовуваат името на Господ и да Му служат еднодушно. 10 Од краиштата отаде реките на Етиопија поклониците Мои – Моите растурени деца – ќе Ми принесат дарови. 11 Во тој ден ти нема да се срамуваш за твоите бунтовни постапки, со кои грешеше против Мене, зашто тогаш Јас ќе ги отстранам од твојата средина горделивите фалбаџии и нема повеќе да се гордеат на Мојата света гора. 12 Но ќе оставам среде тебе народ скромен и понизен, и тие ќе бараат закрила во името Господово. 13 Остатоците од Израил нема да вршат неправда, нема да зборуваат лага, и во устата нивна нема да се најде јазик сплеткарски. Тогаш ќе пасат и ќе лежат, и никој нема да ги вознемирува. Радосна песна 14 Радувај се, ќерко Сионова, ликувај, Израиле, весели се и радувај се од сѐ срце, ќерко ерусалимска: 15 Господ ја одмени пресудата над тебе, го изгони непријателот твој. Господ, Царот Израилев, е среде тебе: нема повеќе да се плашиш од зло. 16 Во оној ден ќе му речат на Ерусалим: „Не бој се“ и на Сион: „Да не заслабнат рацете твои.“ 17 Господ, твојот Бог, е среде тебе. Тој е силен да те спаси; ќе се развесели за тебе со радост, ќе те обнови според љубовта Своја, ќе се гордее за тебе со песни, како на празничен ден. Божјо ветување за Неговиот народ 18 Ќе ја отстранам неволјата од тебе, за да не го носиш повеќе срамот. 19 Ете, Јас ќе ги притеснам сите твои мачители во она време, ќе го спасам она што е куцо, ќе ги соберам расеаните и ќе им дадам чест и слава по целата земја, каде што беа под срам. 20 Во она време ќе ве доведам, во она време ќе ве соберам вас, зашто ќе ве направам прочуени и почитувани меѓу сите народи на земјата, кога ќе ја изменам вашата судбина пред очите ваши, вели Господ. |
© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006
© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006
Macedonian Bible Society