Online Bibel

- Annoncer -

Марко 1 - Свето Писмо: Стандардна Библија 2006 (66 книги)


Улогата на Јован Крстител
( Мт 3,1-12 ; Лк 3,1-18 ; Јн 1,19-28 )

1 Почеток од Евангелието на Исус Христос, Син Божји.

2 Како што е напишано кај проро­к Исаија: „Еве, Јас го испраќам пред ли­цето Твое Мојот ангел, кој ќе го при­готви Твојот пат пред Тебе:

3 ‚Гласот на оној, што вика во пустината: пригответе го патот на Господ, из­рамнете ги патеките Негови.‘“

4 Се јави Јован, крштавајќи во пустината и проповедајќи покајно крштавање за проштавање на гревовите.

5 И доаѓаа кај него од целата Јудејска страна и од Ерусалим, и тој ги крш­та­ва­ше сите во реката Јордан, а тие ги ис­по­ведаа своите гревови.

6 А Јован носеше облека од камилски влакна и појас од кожа околу половината своја, и се хранеше со скакулци и див мед.

7 Тој проповедаше, велејќи: „По мене иде Посилниот од мене, на Кого не сум достоен да се наведнам и да Му ги од­вр­зам ремењата од обувките Негови.

8 Јас ве крстив со вода, а Тој ќе ве крс­ти со Дух Свети.“


Исусовото крштавање
( Мт 3,13 ; Лк 3,21-22 )

9 А во оние дни дојде Исус од Назарет Галилејски и се крсти од Јован во Јор­дан.

10 И кога излегуваше од водата, вед­наш виде како се отвораат небесата, и Духот, во вид на гулаб, како слегува над Него.

11 И се чу глас од небесата: „Ти си Мојот возљубен Син, Кој е по Мојата волја.“


Исусовото искушување во пустината
( Мт 4,1-11 ; Лк 4,1-13 )

12 Веднаш потоа Духот Го изведе во пустината.

13 И беше таму, во пустината, че­ти­ри­е­сет дни искушуван од сатаната; беше со ѕверови и ангелите Му служеа.


Исус го проповеда Евангелието во Галилеја
( Мт 4,12-17 ; Лк 4,14-15 )

14 А потоа, откако Јован беше зат­во­рен, дојде Исус во Галилеја и ја про­по­ведаше радосната вест за царството Божјо,

15 и велеше: „Времето се исполни и царството Божјо наближи; покајте се и верувајте во Евангелието.“


Повик до четирите рибари
( Мт 4,18-22 ; Лк 5,1-3 . 10-11 )

16 И, одејќи покрај Галилејското Мо­ре, Исус го виде Симон и брат му Ан­дреј како фрлаат мрежа во морето, зашто беа рибари.

17 Исус им рече: „Врвете по Мене и Јас ќе ве направам ловци на луѓе!“

18 И тие веднаш ги оставија мрежите и тргнаа по Него.

19 Па, штом одмина малку, го виде Ја­ков Заведеев и брат му Јован, исто така во кораб како ги крпат мрежите свои;

20 веднаш ги повика и нив. И тие, ос­тавајќи го татка си Заведеј во коработ со наемниците, тргнаа по Него.


Исус во Капернаум
( Лк 4,31-37 )

21 И дојдоа во Капернаум; и веднаш во саботата Тој влезе во синагогата и поу­чуваше.

22 И се чудеа на Неговата наука, заш­то Тој ги учеше како Оној што има власт, а не како книжниците.

23 Имаше во синагогата нивна човек со нечист дух, и извика, говорејќи:

24 „Што имаш Ти со нас, Исусе од На­зарет! Си дошол ли да нѐ погубиш? Те знам Кој си Ти, Светец Божји!“

25 Но Исус му заповеда, велејќи: „Молкни и излези од него!“

26 Тогаш го стресе нечистиот дух, па извика со силен глас и излезе од него.

27 И сите се стресоа од ужас, така што еден со друг се прашуваа и велеа: „Што е ова!? Ново учење со власт; Тој и на нечистите духови им заповеда, и тие Му се покоруваат!“

28 И одеднаш се разнесе глас за Него по целиот Галилејски крај.


Исцелување на тештата на Симон
( Мт 8,14-17 ; Лк 4,38-39 )

29 Штом излегоа од синагогата, дојдоа со Јаков и Јован во куќата на Симон и Андреј.

30 А тештата на Симон лежеше од треска; и веднаш Му јавија за неа.

31 Тој пристапи, ја фати за рака и ја подигна; и треската веднаш ја остави; и таа стана и ги служеше.


Исус исцелува мнозина
( Мт 4,24 ; 8,16-17 ; Лк 4,40-41 )

32 А приквечер, кога заоѓаше сонцето, кај Него донесуваа секакви болни и бесомачни.

33 И целиот град се беше собрал пред портата.

34 И излекува мнозина што страдаа од разни болести; истера многу демони и не им дозволуваше на демоните да зборуваат, зашто Го знаеја.


Исус во Галилеја
( Мт 4,23 ; Лк 4,42-44 )

35 А утредента, во темни зори, стана, излезе и отиде на пусто место и таму се молеше.

36 А Симон, и оние што беа со Него, тргнаа да Го бараат;

37 па, кога Го најдоа, Му рекоа: „Сите Те бараат!“

38 А Тој им рече: „Да појдеме до блис­ките села и градови, и таму да про­по­ве­дам, зашто затоа сум дошол.“

39 И проповедаше во нивните синагоги.


Исус исцелува лепрозен
( Мт 8,1-4 ; Лк 5,12-16 )

40 И дојде кај Него еден лепрозен, па, молејќи Го, падна пред Него и Му рече: „Ако сакаш, можеш да ме очистиш.“

41 Смилувајќи се, Исус протегна рака, се допре до него и му рече: „Сакам! Очисти се!“

42 И штом го рече тоа, се изгуби лепрата од него, и тој стана чист;

43 откако му за­по­веда, го отпушти,

44 и му рече: „Гледај, никому ништо да не кажуваш; но оди, покажи му се на свештеникот и принеси дар за очистува­ње, како што заповедал Мојсеј – ним за сведоштво.“

45 А тој, штом излезе, почна да рас­ка­жува многу и да разгласува, така што Исус не можеше јавно да влезе во гра­дот, а се задржуваше надвор, во оса­ме­ни места. И доаѓаа кај Него отсекаде.

© Библиско Здружение на Р. Македонија 2006

© Bible Society of the Republic of Macedonia 2006 

Macedonian Bible Society
Følg os:



Annoncer