Лука 23 - Динамичен превод на Новиот завет на македонски јазик1 Тогаш целиот Совет стана и Го одведе Исуса кај римскиот гувернер Пилат, 2 па почна да ги изнесува своите обвиненија: „Утврдивме дека овој човек го заведува нашиот народ, ги поттикнува луѓето да не му плаќаат данок на императорот, а тврди и дека Тој е Месијата, царот!“ 3 Пилат Го праша: „Ти ли си царот на Евреите?“ Исус му одговори: „Самиот го велиш тоа.“ 4 Тогаш Пилат им рече на свештеничките поглавари и на народот: „Не наоѓам никаква вина за да Го осудам овој човек.“ 5 Но тие уште поупорно викаа: „Тој го поттикнува народот на бунт по целата јудејска земја! Најпрво почна од Галилеја, па втаса довде!“ 6 Откако Пилат го чу ова, праша: „Зар овој човек е Галилеец?“ 7 Кога разбра дека Исус потекнува од покраината над која владее Ирод Антипа, веднаш Го прати кај него, бидејќи тој во тоа време се наоѓаше во Ерусалим. 8 Ирод се израдува кога Го виде Исуса, зашто беше чул за Него и одамна имаше желба да Го види, надевајќи се дека Исус и пред него ќе изврши некое чудо. 9 Ирод Му поставуваше многубројни прашања, но Исус воопшто не му одговараше. 10 Тука беа и свештеничките поглавари и вероучителите, кои изнесуваа жестоки обвиненија против Исус. 11 Ирод и неговите војници Му се подбиваа на Исус и Го понижуваа. Потоа Го облекоа во раскошна облека и повторно Го испратија кај Пилат. 12 На тој ден Ирод и Пилат се спријателија, бидејќи дотогаш беа противници. 13 Пилат ги повика свештеничките поглавари, членовите на Врховниот совет и народот, 14 и им рече: „Вие ми го доведовте овој човек под обвинение дека го поттикнува народот на одметништво. Еве, јас Го испрашав пред вас и не утврдив никаква вина кај Него од она за што вие Го обвинувате, 15 ниту пак Ирод најде некаква вина кај овој човек и затоа Го врати назад кај мене. Овој човек не сторил ништо со што би заслужил смртна казна. 16 Предлагам да Го предадам на камшикување и да Го пуштам.“ 17 (Секоја година, по повод празникот Пасха, Пилат им ослободуваше по еден затвореник.) 18 Но тие сите во еден глас повикаа: „Погуби Го овој, а пушти ни го Бараба!“ 19 Бараба беше затворен поради учество во некој градски бунт и поради убиство. 20 Пилат сакаше да Го пушти Исуса, па затоа повторно им се обрати на присутните, 21 но тие продолжија да викаат: „Распни Го! Распни Го!“ 22 Пилат по третпат им се обрати: „А какво злосторство извршил? Јас не најдов никаква вина кај Него за да Го осудам на смрт! Затоа, предлагам да биде камшикуван, а потоа ослободен!“ 23 Но тие со голема викотница продолжуваа да бараат Исус да биде распнат и конечно надвладеаја. 24 Пилат реши да го задоволи нивното барање. 25 Им го пушти од затвор човекот чие ослободување го бараа - затвореникот за бунт и убиство - а Исуса им Го препушти на нивната волја. 26 Одведувајќи Го Исуса, војниците наидоа на еден човек по име Симон Киренеецот, кој се враќаше од полето и го натераа тој да го носи крстот за распнување на Исус, одејќи по Него. 27 По Исуса врвеше многуброен народ, меѓу нив и некои жени, кои плачеа и Го оплакуваа. 28 Исус се сврте кон нив и им рече: „Ќерки ерусалимски! Не оплакувајте Ме Мене, туку себеси и своите деца, 29 зашто идат денови, кога ќе се вели: ,Блазе си им на неротките, на утробите што не раѓале и на градите што не доеле!‘ 30 Во тие дни луѓето ќе им довикуваат на планините: ,Паднете врз нас!‘, и на ридовите: ,Затрупајте нe!‘ 31 Зашто, ако вака се постапува со зеленото стебло, тогаш што ли го очекува искршеното!?“ 32 Покрај Исус, на распнување водеа и двајца злосторници. 33 Кога пристигнаа на местото наречено ,Череп‘, таму ги распнаа Исуса и злосторниците: едниот оддесно, а другиот одлево на Исуса. 34 А Исус се молеше вака: „Прости им, Татко, зашто тие не се свесни, всушност, што прават!“ Неговите облеки ги поделија меѓу себе со жрепка. 35 Народот стоеше и го гледаше сето ова, а еврејските водачи Му се подбиваа, велејќи: „Другите ги спасуваше, нека се спаси сега Самиот Себеси, ако е Тој навистина Месијата - Избраникот Божји!“ 36 Му се подбиваа и војниците. Му приоѓаа и Го принудуваа да пие оцет, 37 говорејќи: „Спаси се, ако си цар на Евреите!“ 38 Над Него ставија штица со натпис, кој гласеше: ,Овој е Царот на Евреите!‘ 39 Еден од распнатите злосторници Го навредуваше Исуса и Му велеше: „Зар не си Ти Месијата? Ајде, спаси се и Себеси и нас!“ 40 Другиот, пак, го прекори и му рече: „Немаш ли малку страхопочит спрема Бога? И ти си осуден со истата казна! 41 Јас и ти сме праведно осудени и го добивме она што го заслуживме, а Тој ништо лошо не сторил!“ 42 Потоа Му се обрати на Исуса: “Исусе, спомни си за мене кога ќе дојдеш во Твоето царство!“ 43 Исус му одговори: „Ти ветувам дека денес ќе бидеш со Мене во рајот!“ 44 Беше околу дванаесет часот, кога наеднаш настапи мрак по целата земја, сe до петнаесет часот. 45 Сонцето потемне, а завесата во храмот се расцепи по средината. 46 Тогаш Исус гласно извика: „Небесен Татко, во Твоите раце Го доверувам Мојот дух!“ Изговарајќи го ова, Тој умре. 47 Кога римскиот офицер виде што се случи, Му оддаде почит на Бог и рече: „Овој човек навистина беше праведник!“ 48 Кога и народот што се беше собрал да гледа виде што се случи, секој си замина дома, удирајќи се в гради од жалост. 49 Сите што Го познаваа Исуса, меѓу кои и жените кои Го следеа уште од Галилеја, стоеја подалеку и гледаа. 50 Таму имаше и еден човек, по име Јосиф, кој беше од јудејскиот град Ариматеја и беше член на Врховниот совет. Тој беше добар и праведен човек, 51 и не се сложуваше со овие одлуки и постапки, зашто и самиот го очекуваше Божјото царство. 52 Тој отиде кај Пилат и го побара телото на Исус. 53 Потоа го симна телото од крстот, го завитка во платно и го положи во дотогаш некористена гробница, што беше издлабена во карпите. 54 Тој ден беше петок, а веќе настапуваше саботата. 55 Заедно со Јосиф дојдоа и жените кои одеа со Исус уште од Галилеја и ја видоа гробницата во која беше положено Исусовото тело. 56 Потоа си отидоа дома, да подготват мирисливи масла за премачкување на телото. Во саботата не работеа, согласно со верскиот Закон. |
Copyright © Dynamic Equivalence Translation of the New Testament in Macedonian 1999 by HBC Radosna Vest, Skopje, Macedonia. All rights reserved.