Online Bible

- Reklamy -

Послание на апостол Павле до Тит 2 - Библија: Стариот и Новиот Завет Константинов


Должности на поединците

1 А ти говори за она што се сложува со здравата наука:

2 старците да бидат трезвени, чесни, разумни, здрави во верата, во љубовта, во трпението;

3 исто така постарите жени да се владеат како што доликува на свети, да не клеветат, да не се предаваат на многу вино, туку да бидат учителки за доброто,

4 за да ги учат младите жени да ги љубат своите мажи и своите деца,

5 да бидат разумни, чисти, добри домаќинки, покорни на своите мажи, за да не се хули Божјото Слово.

6 Исто така, опоменувај ги младите да бидат здраворазумни,

7 давајќи се во сѐ себеси како пример за добри дела, во науката - нерасипаност, достоинство,

8 здраво и беспрекорно слово, за да се засрами секој противник, немајќи што да каже лошо за нас.

9 Опоменувај ги робовите за да им се покоруваат на своите господари, да настојуваат да им угодат, да не им противречат,

10 да не поткрадуваат, туку да ја покажат својата добра верност, та да ја украсуваат во сѐ науката на нашиот Спасител, Бога.

11 Зашто се јави Божјата благодат, која носи спасение за сите луѓе,

12 која нѐ воспитува да се откажеме од безбожноста и светските похоти; да живееме разумно, праведно и побожно во сегашниов век,

13 очекувајќи ја блажената надеж и славното јавување на нашиот Сѐмоќен Бог и Спасител, Исус Христос,

14 Кој се даде Самиот Себе место нас, за да нѐ избави од секакво беззаконие и да очисти за Себе сопствен народ, кој Му припаѓа, кој ревнува за добрите дела.

15 Зборувај го ова и опоменувај, и изобличувај со целосна власт. Никој да не те презира!

The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov

Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®

Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.

City Bible Foundation
Následuj nás:



Reklamy