Online Bible

- Reklamy -

Рута 2 - Библија: Стариот и Новиот Завет Константинов


РУТА И ВОЗ 2:1-23 А. Рута во Возова нива

1 Ноемина имаше роднина по мажот, човек многу имотен, од Елимелеховото семејство: се викаше Воз.

2 Тогаш Моавката Рута ѝ рече на Ноемина: „Сакам да одам во полето за да доприбирам класови по оној, кај кого ќе најдам милост.“ Таа ѝ одговори: „Појди ќерко моја!“

3 И отиде, дојде во полето па почна да доприбира зад жетварите. А среќата ја доведе во полето, што му припаѓаше на Воз, од Елимелеховиот род.

4 И ете, дојде Воз од Витлеем. „Господ да е со вас!“ - ги поздрави тој жетварите. А тие му одговорија: „Господ да те благослови!“

5 Воз му рече тогаш на момокот што ги надгледуваше жетварите: „Чија е онаа млада жена?“

6 А момокот, кој беше над жетварите, одговори: „Тоа е младата Моавка што дојде придружувајќи ја Ноемина од Моавските Полиња.

7 Прашаше: ‘Дали смеам да доприбирам и да собирам класје меѓу сноповите зад жетварите.’ И ете дојде, и остана од утрото сѐ досега; и само малку влезе во куќата.“


Б. Воз ја фали Рутината вредност

8 Тогаш Воз ѝ рече на Рута: „Чуј ме, ќерко моја, не оди да доприбираш кај друг, туку држи се покрај моите ниви и покрај моите трудбеници.

9 Внимавај на која нива тие жнијат, па оди по нив. А им наредив на момчињата за да не те допира никој. Кога ќе жедниш, оди при садовите и пиј од тоа што моите слуги ќе налеат.“

10 Таа падна на своето лице, му се поклони до земјата и рече: „Со што придобив толкава милост во твоите очи, за да ми посветуваш внимание, кога сум туѓинка?“

11 Воз ѝ одговори: „Чув што си направила сѐ за својата свекрва по смртта на твојот маж; како си ги оставила твојот татко, твојата мајка и твојот роден крај па си дошла во народ што до вчера и до завчера не го познаваше.

12 Господ нека ти плати за сѐ што си направила, и нека ти додели полна награда Господ, Израелевиот Бог, кога си дошла за да се засолнеш под Неговите крилја!“

13 Таа презеде: „Кога би можела секогаш да наоѓам милост во твоите очи, господару, зашто ме утеши и ѝ проговори од срце на својата слугинка, иако не сум како некоја од твоите слугинки.“

14 Кога беше време за ручек, Воз ѝ рече: „Дојди ваму, јади од овој леб и топи го твојот залак во оцет!“ Таа седна покрај жетварите, а тој стави пред неа пржени зрна. Јадеше и се насити, и уште ѝ остана.

15 Кога стана да доприбира натаму Воз им заповеда на своите слуги: „Таа нека доприбира и меѓу сноповите, а вие немојте да ја навредувате.

16 Туку испуштајте класови и од своите ракатки, и оставајте ја нека собира и не ѝ бранете!“


В. Рута ѝ се доверува на Ноемина

17 И така дособираше сѐ до вечерта, па тогаш го очукаа она што го имаше доприбрано: беше околу една ефа јачмен.

18 Таа го зеде своето и дојде во градот, а свекрвата виде колку дособрала. Тогаш Рута извади и ѝ даде што ѝ остана откако се насити.

19 Свекрвата ја праша: „Каде доприбираше денес? Каде работеше? Нека биде благословен оној кој погледна на тебе!“ Тогаш таа ѝ раскажа на свекрвата кај кого работела и рече: „Човекот кај кого работев денес се вика Воз.“

20 Тогаш Ноемина ѝ рече на својата снаа: „Нека Господ го благослови оној кој не ги лиши од својата милост ни живите ни мртвите!“ И Ноемина додаде: „Тој човек е од нашиот род; еден од нашите роднини.“

21 Моавката Рута раскажа натаму: „Уште ми рече: ‘Држи се покрај моите работници додека не ожнеат сѐ мое!’“

22 Тогаш Ноемина ѝ рече на Рута, на својата снаа: „Добро е, ќерко моја, оди по неговите трудбеници за да не ти биде неприлика на некоја друга нива.“

23 И така се држеше покрај Возовите работници и доприбираше додека не ги ожнија и јачменот и пченицата. И живееше кај својата свекрва.

The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov

Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®

Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.

City Bible Foundation
Následuj nás:



Reklamy