Online Bible

- Reklamy -

Проповедник 5 - Библија: Стариот и Новиот Завет Константинов

1 Не избрзувај со својата уста и срцето да не брза со зборови пред Бога, зашто Бог е на небото, а ти си на земјата; затоа штеди ги своите зборови.

2 Сонот доаѓа од многу грижи, а лудиот говор од многу зборови.

3 Кога ќе му заветуваш нешто на Бога, исполни го тоа веднаш, зашто Нему не Му се мили безумниците. Затоа исполни го секој свој завет.

4 Подобро е да не се заветува отколку да се заветува, а да не се исполни заветот.

5 Не дозволувај ѝ на својата уста да ти наведе телото на грев, и не вели подоцна пред ангелот дека било грешка. Зошто да Му се дава прилика на Бога да се разгневи на твојот збор и да го уништи делото на твоите раце?

6 Зашто колку повеќе соништа и зборови; толку повеќе и суети.


Затоа бој се од Бога. 5. Угнетување на беден

7 Ако видиш дека го угнетуваат сиромавиот и дека ги газат правдата и судот во земјата, не чуди се на тоа, зашто над високиот набљудува повисокиот, а над него највисокиот.

8 Ползата од земјата е за сите: и царот зависи од нивите.


6. Богатство и среќа

9 Кој ги сака сребрениците, никогаш ги нема достатно; кој го сака богатството, никогаш не му се доста приходите. И тоа е суета.

10 Каде се умножува богатството, се умножуваат и тие кои го јадат; па каква полза му е од тоа на господарот, освен да го гледа со очите?

11 Сладок е сонот на трудољубивиот, дали јал малку или многу, додека богатството не го остава богатиот да заспие.


7. Богатство и несреќа

12 И видов тешко зло под сонцето: собрано богатство што му е на пропаст на својот сопственик.

13 Зашто при лоша незгода пропаѓа таквото богатство, па не му останува ништо на синот што му се родил.

14 Гол излезе од утробата на својата мајка и така гол и ќе си отиде каков што дојде; ништо нема да понесе од сиот свој труд.

15 И тоа е тешко зло зашто си заминува така како што и дошол; па каква му е ползата од тоа што се измачувал за ветер.

16 Сите свои денови ги јаде во темнина, во неволја, во грижа, во болест и во гнев.


8. Среќа - Божји дар

17 Затоа го заклучувам ова: права среќа за човекот е да јаде и да пие и да биде задоволен со сиот свој труд, со кој се измачува под сонцето за време на краткиот век што му го дал Бог, зашто таква судбина му е дадена во дел.

18 Па ако Бог му дал на човекот богатство и имот за да ги ужива и за да биде задоволен со своето дело - и тоа е дар од Бога.

19 Зашто тогаш барем не мисли многу на деновите на својот живот, кога Бог му дава да му се весели срцето.

The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov

Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®

Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.

City Bible Foundation
Následuj nás:



Reklamy