Проповедник 10 - Библија: Стариот и Новиот Завет КонстантиновБ. Лажливост на сѐ на земја и гибел од глупост 1. Пропаст од глупост и помош од мудрост 1 Пцовисаната мува го засмрдува мирисливото масло, а и малку лудост му ја расипува мудроста и честа на чесниот. 2 Срцето на мудрецот е на десната страна, а на глупецот на левата. 3 Достатно е лудиот да тргне на пат: бидејќи нема разум, секому му покажува дека е луд. 4 Ако гневот на владетелот се подигне против тебе, не напуштај го своето место, зашто благоста ги спречува големите престапи. 5 Има зло што го видов под сонцето како престап што доаѓа од владетелот: 6 безумните се издигнуваат на највисоки места, а богатите заземаат ниски положаи. 7 Видов слуги на коњи, а кнезови кои одеа пеш како слуги. 8 Кој копа јама, паѓа во неа; кој разурнува ѕид, змија го каснува. 9 Кој крши камења, тоа го повредува; кој цепи дрва, може да настрада. 10 Кога ќе се затапи железото и неговата острица не е наострена, тогаш треба повеќе сила; а успехот е награда на мудроста. 11 Ако змијата касне пред вражањето, тогаш вражачот ништо не користи. 2. Глупост на празно зборување 12 Полни се со благодат зборовите од устата на мудрецот, а безумникот го упропастуваат неговите усни. 13 Тој ги почнува своите беседи со лудост и ги завршува со целосно безумство. 14 Лудакот зборува премногу: човекот не ја знае иднината, и кој може да му каже што ќе биде после него? 15 Лудите ги мори нивниот труд; зашто тие не знаат да отидат ни во градот. 3. Цар и кнезови 16 Тешко тебе земјо, кога ти е царот премлад и кога твоите кнезови се гостат веќе наутро. 17 Блазе ти, земјо, кога ти е царот син на благородник и кога твоите кнезови јадат на време, за да се поткрепат, а не да се испијанат. 18 Од мрзливост се свиткуваат гредите, заради негрижа прокапува куќата. 19 Но гозбите се заради забава, и виното го развеселува животот, а сребрениците набавуваат сѐ. 20 Не колни го царот ни во својата мисла, не колни го богатиот ни во својата соба, зашто птиците ќе го однесат гласот и сѐ што е крилесто, ќе ја каже клеветата. |
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.
City Bible Foundation