Online Bible

- Reklamy -

Матеј 8 - Библија: Стариот и Новиот Завет Константинов


Очистување на лепрозен

1 А кога слезе од гората, големо мноштво Го следеше.

2 И ете, еден лепрозен Му пристапи и падна пред Него ничкум, велејќи: „Господи, ако сакаш, можеш да ме очистиш.“

3 Тогаш Исус ја испружи својата рака и го допре, велејќи: „Сакам! Биди очистен!“ И веднаш се очисти неговата лепра.

4 И Исус му рече: „Гледај, никому да не му кажеш, туку оди, покажи му се на свештеникот и принеси го дарот, што го заповедал Мојсеј, ним за сведоштво.“


Исцелување на стотников слуга

5 А кога влезе Исус во Капернаум, Му пристапи еден стотник и Го молеше, велејќи:

6 “Господи, мојот слуга лежи фатен дома и многу се мачи.“

7 Исус му рече: „Јас ќе дојдам и ќе го исцелам.“

8 А стотникот во одговор му рече: „Господи, не сум достоен да влезеш под мојот покрив; туку кажи само збор и мојот слуга ќе биде исцелен.

9 Зашто исто и јас сум подвластен човек, и имам војници под себе; му кажувам на едниот: ‘Оди!’ и тој оди; и на другиот: ‘Дојди!’ - и доаѓа; а на својот слуга: ‘Направи го тоа!’ - и тој прави.

10 А кога Исус го чу тоа се зачуди и им рече на оние, кои Го следеа: „Вистина ви велам, во никого во Израел не најдов толкава вера.

11 И ви велам дека мнозина ќе дојдат од исток и од запад, и ќе седнат со Авраама, Исака и Јакова во царството небесно;

12 а синовите на царството ќе бидат фрлени во крајна темнина, каде ќе биде плач и чкртање на заби.“

13 И Исус му рече на стотникот: „Оди си, нека ти биде, како што си верувал.“ И неговиот слуга оздраве во истиот час.


Исцелувања во Капернаум

14 И кога Исус дојде во Петровиот дом, ја виде неговата тешта како лежи болна од треска.

15 Ја допре раката нејзина, и треската ја оста-ви, и таа стана и им служеше.

16 А кога настапи вечер, Му доведоа многу опфатени од демони. Тој со збор ги истера духовите и ги исцели сите болни.

17 За да се исполни кажаното преку пророкот Исаија, кој вели: „Тој ги зеде нашите слабости и ги понесе нашите болести.“


Следење на Христа

18 А кога Исус виде големо мноштво околу Себе, заповеда да отпловат на другата страна.

19 И пристапувајќи Му еден книжник Му рече: „Учителе, јас ќе Те следам каде и да одиш.“

20 А Исус му рече: „Лисиците имаат легла и птиците небесни - гнезда, а Синот Човечки нема каде да ја положи главата.“

21 А друг од Неговите ученици Му рече: „Господи, дозво-ли ми најнапред да отидам и да го погребам татка си.“

22 А Исус му рече: „Следи Ме и остави ги мртвите да ги погребуваат своите мртовци.“


Стивнување на бура. Бесните Гадаринци

23 И кога влезе во коработ, Неговите ученици Го следеа.

24 И ете, голема бура се подигна во морето, така што брановите го покриваа коработ; а Тој спиеше.

25 И Му пристапија учениците и Го разбудија, велејќи: „Господи, спаси нѐ! Загинуваме!“

26 И им рече: „Зошто се боите, маловерни?“ Тогаш стана, ги прекори ветровите и морето, и настана голема тишина.

27 А луѓето се зачудија и рекоа: „Каков е Овој, та и ветровите и морето Му се покоруваат!?“

28 И кога дојде на другата страна, во Гадаринската земја, Го сретнаа двајца опседнати од демони, кои излегоа од гробовите, многу сви-репи, така што никој не можеше да помине по оној пат.

29 И ете, извикаа, велејќи: „Што имаш со нас Ти, Исусе Сине Божји! Дали дојде ваму, за да нѐ измачуваш пред време?“

30 А далеку од нив пасеше големо стадо свињи.

31 А демоните Го молеа, велејќи: „Ако нѐ изгониш, позволи ни да отидеме во свињите.“

32 И им рече: „Отидете!“ А тие излегоа и отидоа во свињите; и ете, целото стадо се стрча низ карпата во морето, и загина во водите.

33 А свињарите побегнаа, и штом дојдоа во градот, известија за сѐ, и за она што им се случи на опседнатите.

34 И ете, целиот град Му излезе во пресрет на Исуса, и кога Го видоа Го замолија да си отиде од нивниот крај.

The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov

Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®

Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.

City Bible Foundation
Následuj nás:



Reklamy