Матеј 27 - Библија: Стариот и Новиот Завет КонстантиновИсус пред Пилата 1 А кога се раздени, сите свештенички главатари и народните старешини се советуваа против Исуса, за да Го убијат. 2 И Го врзаа, Го одведоа и му Го предадоа на управителот Понтиј Пилат. 3 Тогаш Јуда, кој Го пре-даде, откако виде дека Го осудија, се покаја и ги врати триесетте сребреници на првосвештениците и на старешините; 4 велејќи: „Згрешив, зашто предадов невина крв.“ А тие му рекоа: „Што ни е нам? Гледај ти!“ 5 Тогаш ги фрли сребрениците во Храмот, излезе и отиде и се обеси. 6 А првосвештениците ги зедоа сребрениците и рекоа: „Не чини да се остават во храмската благајна, зашто се цена за крв.“ 7 Туку, откако се посоветуваа, ја купија со нив Грнчаревата Нива за гробишта за странци. 8 Затоа таа нива до денес се вика Крвна Нива. 9 Тогаш се исполни реченото преку пророкот Еремија; кој вели: „И ги зедоа триесетте сребреници, цената на Оценетиот, Кого Го оценија Израелевите синови, 10 и ги дадоа за Грнчаревата Нива, како што ми нареди Господ.“ 11 А кога Исус застана пред управителот, и управителот Го праша: „Ти ли си Јудејски цар?“ А Исус рече: „Ти велиш“. 12 И кога Го обвинуваа првосвештениците и старешините, не одговараше ни-што. 13 Тогаш Пилат Му рече: „Зар не слушаш што сѐ сведочат против Тебе?“ 14 И не му одговори ниту на еден збор, така што управителот се чудеше многу. 15 А на секој празник управителот имаше обичај да му пушти на народот еден затвореник, кого што би го побарале. 16 Тогаш имаа прочу-ен затвореник, кој се викаше Варава. 17 И кога се собраа, Пилат им рече: „Кого сакате да ви го пуштам? Варава ли, или Исуса, наречен Христос?“ 18 Зашто зна-еше дека Го предадоа од завист. 19 И додека седеше на судиската столица, неговата жена испрати до него да му кажат: „Не прави Му ништо на Тој Праведник, зашто денес многу пострадав, насон, заради Него!“ 20 Но првосвеште-ниците и старешините го нагово-рија народот да го измоли Варава, а Исуса да Го погуби. 21 Тогаш управителот во одговор рече: „Кого од двајцата сакате да го пуштам?“ А тие рекоа: „Варава!“ 22 Пилат им рече: „А што да направам тогаш со Исуса, наречен Христос?“ Сите рекоа: „Да биде распнат!“ 23 А тој рече: „Какво зло направил?“ А тие уште посилно викаа: „Да биде распнат!“ 24 А Пилат штом виде дека ништо не помага, туку викотницата станува сѐ поголема, зеде вода и ги изми рацете пред народот и рече: „Невин сум за крвта на Овој Праведник! Вие гледајте!“ 25 И целиот народ одговори и рече: „Неговата крв на нас и на нашите деца!“ 26 Тогаш им го пушти Варава, а Исуса Го бичува и Го предаде да Го распнат. 27 Тогаш војниците на управителот Го одведоа Исуса во преторијата и ја собраа целата чета околу Него. 28 Го соблекоа и Го наметнаа со црвена наметка; 29 исплетоа трнов венец и Му го положија на главата и трска во Неговата десница; па коленичеа пред Него и Му се потсмеваа, велејќи: „Здраво, јудејски Царе!“ 30 И плукаа на Него, ја зедоа трската и Го удираа по главата. 31 Откако Го исмеаја, ја соблекоа од Него црвената наметка и Го облекоа во Неговата облека и Го одведоа да Го распнат. Распнување 32 А на излегување сретнаа човек Киринеец, по име Симон, и го принудија да Му го носи крстот. 33 И кога стигнаа на местото наречено Голгота - што значи: череп, 34 Му дадоа да пие вино, измешано со жолчка, но кога вкуси, не сакаше да пие. 35 А кога Го распнаа, ги разделија Неговите облеки, фрлајќи жрепка, за да се исполни кажаното преку пророкот: „Ги разделија алиштата Мои меѓу себе и за облеката Моја фрлија жрепка.“ 36 И седеа и Го пазеа таму. 37 И Му ставија над Неговата глава натпис за Него-вата вина: „Овој е Исус, Јудејски Цар.“ 38 Тогаш распнаа со Него двајца разбојници: едниот оддесно, а едниот одлево. 39 А минувачите Го хулеа, вртејќи ги главите 40 и велејќи: „Ти, што го разурнуваш Храмот и што за три дни го соѕидуваш, спаси се Себеси, ако си Божји Син; слези од крстот!“ 41 Исто зборуваа првосвештениците, со книжевниците и старешините, потсмевајќи Му се: 42 “Другите ги спаси, а Самиот Себе не може да се спаси. Тој е Израелев Цар! Нека слезе сега од крстот и ќе Му поверуваме! 43 Тој се надеваше на Бога, нека Го избави сега, ако Го сака, зашто рече: „Божји Син Сум!“ 44 А исто така Го навредуваа и разбојниците распнати со Него. 45 А од шестиот час беше темнина по целата земја до деветтиот час. 46 Околу деветтиот час Исус извика со силен глас и рече: „Или! Или! Лама Савахтани!? - тоа значи: „Боже Мој, Боже Мој! Зошто си Ме оставил?“ 47 А некои од оние, кои стоеја таму, кога го чуја тоа, рекоа: „Овој го вика Илија!“ 48 И веднаш еден од нив отрча, зеде сунѓер, го натопи во киселина, ја надена на трска, и Му даваше да пие. 49 А другите велеа: „Остави! Да видиме дали ќе дојде Илија да Го спаси!“ 50 А Исус извика пак со силен глас и го испушти духот. 51 И ете! Завесата во Храмот се расцепи надве, одозгора додолу, и земјата се стресе, и карпите се распукаа, 52 а гробовите се отворија, и воскреснаа многу тела на упокоени свети; 53 и излегоа од гробовите по Неговото воскресение, влегоа во Светиот Град и се јавија на мнозина. 54 А стотникот и оние, кои со него Го чуваа Исуса, откако го видоа земјотресот и сѐ што стана, се уплашија многу и рекоа: „Навистина, Овој беше Божји Син!“ 55 А таму беа и гледаа оддалеку многу жени, кои Го следеа Исуса од Галилеја и Му служеа. 56 Меѓу нив беа: Марија Магдалена и Марија, мајката Јаковова и Јосиева, и мајката на Зеведеевите синови. Исусово погребение 57 А кога се стемни, дојде богат човек од Ариматеја, по име Јосиф, кој и самиот беше Исусов ученик; 58 тој отиде при Пилата и го побара Исусовото тело. Тогаш Пилат нареди да му биде дадено. 59 И Јосиф го зеде телото, го завитка во чисто платно 60 и го положи во својот нов гроб, што го беше издлабил во карпа. И навали голем камен на гробната врата и си отиде. 61 А Марија Магдалена и другата Марија, седеа таму спроти гробот. 62 А на идниот ден, по подготвувањето, првосвештениците и фарисеите се собраа кај Пилата 63 и му рекоа: „Господаре, се сетивме дека оној измамник, уште додека беше жив, рече: „Ќе воскреснам по три дни.“ 64 Затоа, заповедај да биде чуван гробот до третиот ден, за да не дојдат Неговите ученици да Го украдат, и да му речат на народот: ‘Воскресна од мртвите,’ и последната измама ќе биде поло-ша од првата.“ 65 Пилат им рече: „Ене ви стража; отидете и чувајте како што знаете!“ 66 Тие отидоа и го обезбедија гробот, го запечатија каменот - со стража. |
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.
City Bible Foundation