Матеј 20 - Библија: Стариот и Новиот Завет КонстантиновРаботници во лозје 1 Зашто небесното царство прилега на човек домаќин, кој излезе рано наутро да наеме работници за своето лозје. 2 И кога се погоди со трудбениците по денариј на ден, ги испрати во своето лозје. 3 И кога излезе пак околу третиот час виде други како стојат, на трговиштето, без работа, 4 и им рече: „Одете и вие во моето лозје, па ќе ви дадам што ќе биде право!“ 5 И тие отидоа. А кога излезе пак околу шестиот и деветтиот час го направи истото. 6 А околу единаесеттиот час пак излезе и најде други, како стојат, и им рече: „Зошто стоите тука цел ден без работа?“ 7 Му рекоа: „Никој не нѐ наеми.“ Тој им рече: „Отидете и вие во моето лозје.“ 8 А кога се свечери, господарот на лозјето му рече на својот управител: „Повикај ги трудбениците и плати им, почнувајќи од последните па до првите!“ 9 И така, дојдените околу единаесеттиот час примија по денариј. 10 Кога дојдоа првите, помислија дека ќе примат повеќе, но и тие примија по денариј. 11 Штом го примија, негодуваа против домаќинот, 12 велејќи: „Послед-ниве работеа еден час, а ти ги изедначи со нас, кои ги претрпевме тегобата на денот и жегата.“ 13 А тој му одговори на еден од нив и рече: „Пријателе, не ти правам неправда; зар не се погоди со мене за денариј? 14 Земи го своето и оди си; а јас сакам на последниов да му дадам колку и тебе. 15 Или зар немам право да сторам со своето, што сакам? Или твоето око е зло, зашто сум добар?“ 16 Така последните ќе бидат први, а првите - последни; зашто мнозина се повикани, а малкумина избрани.“ Патување за Ерусалим 17 И кога Исус се искачуваше кон Ерусалим, ги зеде Дванаесетми-ната насамо и им рече патем: 18 “Еве, одиме горе кон Ерусалим, и Човечкиот Син ќе им биде преда-ден на првосвештениците и книж-ниците, и ќе Го осудат на смрт, 19 и ќе им Го предадат на многу-бошците, за да Му се потсмеват, да Го бијат и да Го распнат, и на третиот ден ќе воскресне.“ 20 Тогаш мајката на Заведеевите синови Му пристапи заедно со своите синови, поклонувајќи Му се, за да измоли нешто од Него. 21 А Тој ѝ рече: „Што сакаш?“ Му одговори: „За-поведај овие мои два сина да седнат, едниот до Твојата десна, а другиот до Твојата лева страна, во Твоето Царство!“ 22 А Исус одговори и рече: „Не знаете што барате! Можете ли да ја пиете чашата, што ќе ја пијам Јас, или да се крстите со крштавањето со кое се крштавам Јас.“ Му рекоа: „Мо-жеме.“ 23 Им рече: „Мојата чаша ќе ја пиете; и со крштавањето, со кое се крштавам Јас, ќе се крстите; но да се седи од Мојата десна или лева страна, тоа не го давам Јас, туку ќе им припадне на оние, за кои Мојот Татко го приготвил.“ 24 И кога го чуја тоа десетмината, се налутија на двата брата. 25 А Исус ги повика и рече: „Знаете дека владетелите на народите господарат над нив и дека големците ги угнетуваат. 26 Нека не биде така меѓу вас! Туку, кој сака да биде голем меѓу вас, нека ви биде слуга! 27 И кој сака да биде прв меѓу вас, нека ви биде слуга; 28 како што Човечкиот Син не дојде да Му служат, туку да служи и да ја даде Својата душа за откуп на мнозина.“ 29 А кога излегуваа од Ерихон, големо множество тргна по Него. 30 И ете, двајца слепи, седејќи покрај патот, чуја дека Исус минува, и извикаа велејќи: „Господи, Давидов Сине, смилувај ни се!“ 31 А множеството им се закани да замолчат, а тие извикаа уште посилно: „Господи, Давидов Сине, смилувај ни се!“ 32 И Исус застана, ги повика и рече: „Што сакате да направам за вас?“ 33 Му рекоа: „Господи, да ни се отворат очите!“ 34 И Исус им се смили и им ги допре очите; и веднаш прогледаа и тргнаа по Него.“ |
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.
City Bible Foundation