Матеј 2 - Библија: Стариот и Новиот Завет КонстантиновПоклонување на мудреци 1 А кога Исус се роди во Витлеем Јудејски, во дните на цар Ирод, ете, мудреци од исток пристигнаа во Ерусалим, 2 и рекоа: „Каде е Тој кој се родил, Царот на Јудејците? Зашто ја видовме Неговата ѕвезда на исток и дојдовме да Му се поклониме.“ 3 Кога го чу тоа, царот Ирод се вознемири, и целиот Ерусалим со него. 4 И ги собра сите главни свештеници и народните книжници и ги распрашуваше каде треба да се роди Христос. 5 А тие му рекоа: „Во Витлеем Јудејски, зашто пророкот напиша така: 6 ’И ти, Витлееме, земјо Јудина, никако не си помал меѓу Јудините првенци, зашто од тебе ќе излезе Владетел, Кој ќе го пасе Мојот народ Израел.’ 7 Тогаш Ирод ги повика тајно мудреците и внимателно го научи од нив времето, кога се појавила ѕвездата, 8 и испраќајќи ги во Витлеем им рече: „Отидете и распрашајте се точно за Детето, и кога ќе Го најдете, јавете ми, за да дојдам и јас да Му се поклонам.“ 9 Тие, откако го ислушаа царот, тргнаа, и ете, ѕвездата, што ја видоа на исток, одеше пред нив додека не дојде и не застана над местото каде беше Детето. 10 И кога ја видоа ѕвездата, се зарадуваа со многу голема радост. 11 И кога влегоа во куќата, го видоа Детето со Неговата мајка Марија, и паднаа ничкум и Му се поклонија; ги отворија своите сокровишта и Му принесоа дарови: злато, темјан и смирна. 12 И откако беа предупредени од Бога во сон, да не се враќаат при Ирода, заминаа по друг пат за својата земја. Бегство во Египет и враќање 13 А кога си отидоа тие, ете, Господов ангел му се јави на Јосифа во сон и му рече: „Стани, земи Го Детето, и Неговата мајка, и бегај во Египет, и остани таму додека не ти кажам, зашто Ирод ќе Го бара Детето за да Го погуби.“ 14 И тој стана, Го зеде Детето и Неговата мајка, ноќе, и отиде во Египет; 15 и таму беше до Иродо-вата смрт; за да се исполни реченото од Господа преку пророкот кој вели: „Од Египет Го повикав Својот Син.“ 16 Тогаш Ирод, кога виде дека мудреците го измамија, се раз-гневи многу, па испрати да бидат погубени, во Витлеем и во целата негова околина, сите машки деца од две години и помали, според времето што го дозна точно од мудреците. 17 Тогаш се исполни реченото од пророкот Еремија кога рече: 18 “Глас се чу во Рама, плач и ридање големо; Рахил ги оплакува своите деца, и не сака да се утеши, зашто ги нема.“ 19 А кога умре Ирод, ете, Господов ангел му се јави на Јосифа во сон, во Египет, 20 и му рече: „Стани, земи Го Детето и Неговата мајка и оди во земјата Израелева, зашто умреа оние, кои ја бараа душата на Детето.“ 21 И тој стана, го зеде Детето и Неговата мајка, и дојде во земјата Израелева. 22 Но кога чу дека во Јудеја царува Архелај, место татка си Ирода, се уплаши да отиде таму; туку предупреден од Бога во сон отиде во пределите Галилејски; 23 и откако дојде се насели во градот наречен Назарет, за да се исполни реченото од пророците дека ќе се нарече Назареец. |
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.
City Bible Foundation