Матеј 13 - Библија: Стариот и Новиот Завет КонстантиновПараболи 1 Во оној ден Исус излезе од куќата и седна покрај морето. 2 И големи мноштва се собраа до Него, така што Тој влезе во кораб и седна, а сето мноштво стоеше на брегот. 3 И им говореше многу во параболи, велејќи: „Ете, сејач излезе да сее, 4 и кога сееше, некои зрна паднаа покрај патот, и птици дојдоа и ги исколваа. 5 Други паднаа на каменити места, каде немаше многу земја, и набргу никна, зашто немаше длабока земја. 6 А кога изгреа сонцето, изгореа, и бидејќи немаа корен, се исушија. 7 Други паднаа меѓу трње, и трњето израсна и ги загуши. 8 Други паднаа на добра земја и дадоа плод: едното сто, другото шеесет, а другото триесет. 9 Кој има уши да слуша, нека слуша!“ 10 И учениците Му се приближија и Му рекоа: „Зошто им зборуваш во параболи?“ 11 А Тој им одговори и рече: „Затоа што вам ви е дадено да ги знаете тајните на царството небесно, а ним не им е дадено. 12 Зашто кој има, ќе му се даде и ќе има изобилие; а кој нема, ќе му се одзеде и она, што го има. 13 Затоа им зборувам во параболи, зашто гледаат и не видуваат, слушаат и не чујат, ниту разбираат. 14 И врз нив се исполнува пророштвото на Исаија, кое вели: ‘Со уши ќе слушате и нема да разбирате; со очите ќе гледате и нема да видите. 15 Зашто срцето на овој народ отапело; и со ушите тешко слушаат, и ги затворија своите очи; за да не гледаат со очите, или да слушаат со ушите, и да разберат со срцето и да се обратат, и Јас да ги исцелам.’ 16 А вашите очи се блажени, зашто гледаат; и вашите уши зашто слушаат. 17 Зашто вистина ви велам, дека мнозина пророци и праведници посакуваа да видат што гледате вие, и не видоа, и да чујат што слушате вие, и не чуја.“ 18 “И така, чујте ја вие параболата за сејачот. 19 Кога некој го слуша словото за царството, а не го разбира, тогаш доаѓа лукавиот и го граби тоа што е посеано во неговото срце; тоа е, што е посеано покрај патот. 20 А посеаното на каменити места е оној, кој го слуша словото и веднаш го прима со радост, 21 но нема корен во себе, и привремен е, и кога ќе настане неволја или гонење заради словото, веднаш се соблазнува. 22 А посеаното меѓу трње е оној, кој го слуша словото, но грижите за светов и измамата на богатството го загушуваат словото, и станува неплоден. 23 А посеаното на добра земја е оној, кој го слуша словото и го разбира; кој навистина раѓа плод и донесува: едниот стократно, другиот шеесет, и другиот триесет.“ 24 Им претстави и друга парабола, велејќи: „Царството небесно е слично на човек, кој посеал добро семе на својата нива. 25 Но, кога луѓето спиеја, дојде неговиот непријател и посеа какол меѓу пченицата и си отиде. 26 А кога посевот порасте и донесе плод, тогаш се покажа и каколот. 27 А слугите на домаќинот пристапија и му рекоа: ‘Господару, зар не посеа добро семе на својата нива? Тогаш, откаде е каколот во неа?’ 28 А тој им рече: ‘Човек непријател го направи тоа.’ Слугите пак му рекоа: ‘Сакаш ли тогаш да одиме и да го исплевиме?’ 29 А тој рече: „Не, да не би корнејќи го каколот, да ја откорнете со него и пченицата. 30 Оставете ги нека растат двете заедно до жетвата. А во времето на жетвата ќе им речам на жетварите: ‘Соберете го најнапред каколот и врзете го во снопови, за горење; а житото приберете го во мојата житница’.“ 31 Друга парабола им претстави, велејќи: „Царството небесно е слично на синаповото зрно, кое човекот го зеде и го посеа на својата нива; 32 тоа е навистина најмало од сите семиња, но кога е пораснато, поголемо е од зеленчуците и станува дрво, така што птиците небесни доаѓаат и се гнездат на неговите гранки.“ 33 Друга парабола им кажа: „Царството небесно е слично на квас, што го зема жена и го сокри во три мери брашно, додека скисне сето.“ 34 Сето ова Исус им го кажа на на-родот во параболи, и без парабола Тој не им говореше; 35 за да се исполни реченото преку пророкот, кој вели: „Ќе ја отворам Својата уста во параболи; ќе го објавам сокриеното од создавањето на светот.“ 36 Тогаш ги отпушти мноштвата и дојде во куќата. И Неговите ученици дојдоа при Него и рекоа: „Објасни ни ја параболата за каколот на нивата.“ 37 А Тој им одговори и рече: „Сејачот на доброто семе е Синот Човечки. 38 Нивата е светот; доброто семе, тоа се синовите на Царството; а каколот се синовите на лукавиот, 39 а непријателот, што го посеа, е ѓаволот. Жетвата е свршетокот на векот, а жетварите се ангели. 40 Како што каколот се собира и се гори во оган, така ќе биде и на свршетокот на векот. 41 Синот Човечки ќе ги испрати Своите ангели, кои ќе ги соберат од Неговото царство сите соблазни, и оние, кои вршат беззаконие, 42 и ќе ги фрлат во огнена печка; таму ќе биде плач и чкртање со заби. 43 Тогаш праведниците ќе светнат како сонце во Царството на својот Татко. Кој има уши да слуша, нека слуша!“ 44 “И пак, царството небесно е слично на благо сокриено во нивата, кое човекот го нашол и го скрил, па во својата радост оди и продава сѐ што има, и ја купува таа нива.“ 45 “И пак, царството небесно е слично и на трговец, кој бара убави бисери. 46 А кога најде еден скапоцен бисер, оди и продава сѐ што има, и го купува.“ 47 “И пак, царството небесно уште е слично на мрежа, фрлена во морето, која собира риби од секаков вид. 48 Кога се наполни, ја извлекоа на брегот и седнаа, па ги собраа добрите во садови, а лошите ги исфрлија. 49 Така ќе биде и на свршетокот на векот; ангелите ќе излезат и ќе ги одделат злите од среде праведните, 50 и ќе ги фрлат во огнена печка; таму ќе биде плач и чкртање на заби.“ 51 Исус им рече: „Дали го разбравте сето ова?“ Му рекоа: „Да Господи!“ 52 А Тој им рече: „Затоа секој книжник, поучен за царството небесно, прилега на домаќин, кој од својата ризница изнесува ново и старо.“ Исус отфрлен во Назарет 53 И се случи кога Исус ги сврши тие параболи, да замине оттаму. 54 И штом дојде во Својот роден крај, ги поучуваше во нивните синагоги, така што се зачудуваа и зборуваа: „Откаде Му се на Овој оваа мудрост и силни дела? 55 Не е ли Овој син на дрводелецот? Мајка Му не ли се вика Марија, а Неговите браќа: Јаков, Јосиф, Симон и Јуда? 56 И Неговите сестри не се ли сите со нас? Откаде Му е тогаш на Овој сето тоа?“ 57 И се соблазнуваа во Него. А Исус им рече: „Пророкот не е без чест, освен во својата татковина и во својот дом.“ 58 И не изврши таму многу силни дела, заради нивното неверување. |
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.
City Bible Foundation