Матеј 10 - Библија: Стариот и Новиот Завет КонстантиновАпостолска мисија 1 И ги повика Своите дванаесет ученици при Себе, и им даде власт над нечистите духови да ги изгонуваат и да исцелуваат секаква болест и секаква слабост. 2 А ова се имињата на дванаесетте апостоли: првиот Симон, наречен Петар, и неговиот брат Андреј, па Јаков Заведеев и брат му Јован, 3 Филип и Вартоломеј, Тома и Матеј цариникот, Јаков Алфеев и Тадеј, 4 Симон Кананит и Јуда Искариотски, кој и Го предаде. 5 Исус ги испрати тие дванаесетмина и им нареди, говорејќи: „Не одете по пат кај народите, и не влегувајте во град на Самарјаните; 6 туку одете подобро кај изгубените овци на Израелевиот дом. 7 И одејќи, проповедајте и кажувајте дека се приближи царството небесно. 8 Исцелувајте ги болните, воскреснувајте ги мртвите, очистете ги лепрозните, изгонувајте демони; бесплатно добивте, бесплатно давајте. 9 Не набавувајте ни злато, ни сребро, ниту бакар во вашите појаси; 10 ниту торба за пат, ни две облеки, ни обувки, ни стап, зашто работникот ја заслужува својата прехрана. 11 А кога влезете во кој и да било град или село, распрашајте кој е достоен во него; и останете таму додека не отидете од него. 12 А кога ќе влезете во домот, поздравете го. 13 И ако навистина куќата биде достојна, вашиот мир нека дојде на неа; а ако не биде достојна, вашиот мир нека ви се врати вам. 14 И ако некој не ве прими, ниту ги послуша вашите зборови, кога излегувате од таа куќа или град истресете го правот од вашите нозе. 15 Вистина ви велам, полесно ќе ѝ биде на Содомската и Гоморската земја во судниот ден, отколку на оној град.“ 16 “Ете, Јас ве испраќам како овци меѓу волци; затоа бидете мудри како змии и безопасни како гулаби. 17 Чувајте се од луѓето, зашто ќе ве предаваат на судовите и ќе ве бичуваат во своите синагоги. 18 Ќе ве изведуваат пред управителите и царевите, заради Мене, за сведоштво на нив и на народите. 19 А кога ќе ве предадат, не грижете се како или што ќе зборувате, зашто во оној час ви е дадено што треба да кажете; 20 зашто не сте вие кои зборувате, туку Духот на вашиот Татко, Кој зборува во вас. 21 А братот ќе го предаде брата си на смрт, и таткото - детето, и децата ќе станат против родителите и ќе ги убиваат. 22 И ќе бидете намразени од сите заради Моето име; но, кој претрпи до крај, тој ќе биде спасен. 23 Кога ќе ве гонат во градов, бегајте во друг; зашто вистина ви велам, нема да ги обиколите израелевите градови додека дојде Синот Човечки.“ 24 “Ученикот не е над учителот, ниту слугата над својот господар. 25 Доста му е на ученикот да стане како неговиот учител и на слугата како неговиот господар. Ако стопанот на куќата го нарекоа Велзевул, колку повеќе неговите домашни! 26 Затоа, не бојте се од нив; зашто нема ништо покриено, што не ќе се открие, ниту сокриено што не ќе се дознае. 27 Што ви говорам во темнина, кажете го во светлина; и што ќе чуете на уво, прогласете го од покривите. 28 И не бојте се од оние кои го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат. Туку бојте се повеќе од Оној, Кој може да ги погуби и душата и телото во пеко-лот. 29 Не се продаваат ли две врапчиња за асариј? Па ниедно од нив не паѓа на земјата без волјата на вашиот Татко. 30 А вам ви се изброени дури и влакната на главата. 31 И така, не бојте се. Вие сте поскапи од многу врапчиња.“ 32 “И така, секој кој Ме признава Мене пред луѓето, ќе го признаам и Јас него пред Мојот Татко, Кој е во небесата. 33 А кој ќе се одрече од Мене пред луѓето, и Јас ќе се одречам од него пред Мојот Татко, Кој е во небесата.“ 34 “Не мислете дека дојдов да донесам мир на земјата. Не дојдов да донесам мир, но меч. 35 Зашто дојдов да го раздвојам човекот од неговиот татко и ќерката од нејзината мајка, и снаата од нејзината свекрва, 36 и непријатели на чове-кот ќе бидат неговите домашни. 37 Кој го љуби таткото или мајката, повеќе од Мене, не е достоен за Мене, и кој го љуби синот или ќерката, повеќе од Мене, не е достоен за Мене; 38 и кој не го зема својот крст и не оди по Мене, не е достоен за Мене. 39 Кој ќе ја најде својата душа, ќе ја изгуби; и кој ќе ја изгуби својата душа заради Мене, ќе ја најде.“ 40 “Кој ве прима вас, Ме прима Мене, а кој Ме прима Мене, Го прима Оној, Кој Ме пратил. 41 Кој прима пророк во име на пророк, ќе прими пророчка награда; и кој прима праведник во име на праведник, ќе прими праведничка награда. 42 Кој ќе напои еден од овие мали само со чаша студена вода, зашто е ученик, вистина ви велам, никако нема да ја загуби својата награда.“ |
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.
City Bible Foundation