Марко 16 - Библија: Стариот и Новиот Завет КонстантиновИсусово воскресение 1 А кога мина саботата, Марија Магдалена, Марија Јаковова и Салома, купија мириси, за да дојдат и да Го помажат. 2 И многу рано, во првиот ден на седмицата, дојдоа на гробот кога изгреваше сонцето. 3 И си зборуваа меѓу себе: „Кој ќе ни го одмести каменот од вратата на гробот?“ 4 И кога погледаа, видоа дека каменот е одместен. Имено, беше многу голем. 5 А кога влегоа во гробот, видоа младич во долга бела облека, како седи оддесно и се зачудија. 6 Но тој им рече: „Не бојте се! Вие Го барате распнатиот Исус Наза-реецот. Воскресна! Не е тука! Еве го местото, каде што Го положија. 7 Туку одете и кажете им на Неговите ученици, и на Петра; дека ‘Тој отиде пред вас во Галилеја; таму ќе Го видите, како што ви рече.’“ 8 А тие излегоа и побегнаа од гробот, зашто ги опфати трепет и страв. И никому ништо не рекоа, зашто се боеја. ( Исусово јавување 9 А кога воскресна рано, во првиот ден на седмицата, ѝ се јави прво на Марија Магдалена, од која беше истерал седум демони. 10 Таа отиде и им јави на оние, кои беа со Него - кои тагуваа и плачеа. 11 А тие, кога чуја дека е жив и дека таа Го видела - не поверуваа. 12 Потоа им се јави во друг лик, на двајца од нив, по патот, кога одеа во селото. 13 И тие отидоа и им јавија на другите; но и ним не им поверуваа. Апостолска мисија. Вознесение 14 Најпосле им се јави и на Единаесетмината, додека беа покрај трпезата, и ги укори заради нивното неверие и закоравеноста на срцето, зашто не им поверуваа на оние, кои Го видоа воскреснат. 15 И им рече: „Одете по целиот свет и проповедајте го Евангелието на секое создание! 16 Кој ќе поверува и се крсти, ќе биде спасен; а кој не поверува, ќе биде осуден. 17 А овие знаци ќе ги придружуваат оние, кои поверувале: во Мое име ќе истеруваат зли духови; ќе зборуваат нови јазици; 18 ќе фаќаат змии; ако испијат и нешто смртоносно - нема да им напакости. Ќе полагаат раце на болни и тие ќе оздравуваат. 19 А Господ Исус, откако им го рече тоа, се вознесе на небо и седна оддесно на Бога. 20 А тие излегоа и проповедаа насекаде; а Господ помагаше и го утврдуваше словото со знаци, кои го придружуваа. Амин!) |
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.
City Bible Foundation