Марко 14 - Библија: Стариот и Новиот Завет КонстантиновПомазание во Витанија. Јудино предавство 1 А беа два дни до Пасха и до празникот на Бесквасните лебови. И главните свештеници и книжниците бараа како да Го фатат на измама и да Го убијат, 2 но зборуваа: „Не на празникот, за да не се побуни народот.“ 3 И кога беше во Витанија, во куќата на Симон лепрозниот, додека беше прилегнат покрај трпезата, дојде една жена, која имаше сад од алабастер, со чисто скапоцено нардово миро; таа го скрши садот од алабастер и го излеа мирото врз Неговата глава. 4 А некои негодуваа, говорејќи меѓу себе: „Зошто да се растура така мирото! 5 Имено, мирото можеше да биде продадено за повеќе од триста денарии и да им се даде на сиромасите!“ И негодуваа против неа. 6 Но Исус рече: „Оставете ја! Зошто ѝ досадувате? Таа направи добро дело на Мене. 7 Зашто бедните ги имате секогаш со себе, и можете да им направите добро кога ќе посакате; а Мене Ме немате секогаш. 8 Таа направи што можеше; Го помаза предвреме Моето тело за погребение. 9 И вистина ви велам, каде и да биде проповедано Еван-гелието, по целиот свет, ќе се раскаже и што направи таа, за нејзин спомен.“ 10 И Јуда Искариотски, еден од Дванаесетмината, отиде при првосвештениците, за да им Го предаде. 11 А тие, кога чуја, се зарадуваа и му ветија да му дадат сребреници. И бараше погоден случај, за да Го предаде. Последна вечера 12 А во првиот ден на Бесквасните лебови, кога колеа за Пасха, Него-вите ученици Му рекоа: „Каде сакаш да отидеме и да приготвиме за да ја јадеш Пасхата?“ 13 И испра-ти двајца од Своите ученици и им рече: „Отидете во град и ќе ве сретне човек, кој носи вода во врчва. Одете по него 14 и каде ќе влезе, речете му на домаќинот: „Учителот праша: „Каде е Мојата соба, каде ќе ја јадам Пасхата со Моите ученици?“ 15 И тој ќе ви покаже голема соба - горница, послана, приготвена; згответе ни таму!“ 16 И Неговите ученици излегоа и отидоа во градот, и најдоа како што Тој им рече, па ја приготвија Пасхата. 17 А кога се свечери, дојде со Дванаесетмината. 18 И кога беа прилегнати покрај трпезата и јадеа, Исус им рече: „Вистина ви велам, еден од вас - кој јаде со Мене - ќе Ме предаде.“ 19 Тие се нажалија и почнаа да Му велат еден по еден: „Да не сум јас?“ А друг: „Дали јас?“ 20 А Тој им рече: „Еден од Дванаесетмината, кој макнува со Мене во чинијата. 21 Човечкиот Син си оди, како што е напишано за Него; но горко му на тој човек, преку кого Човеч-киот Син ќе биде предаден. Подобро би му било на тој човек, да не се родил.“ 22 И кога јадеа, зеде леб, благослови, го раскрши, им раздаде и рече: „Земете, јадете, ова е Моето тело.“ 23 И ја зеде чашата, заблагодари и им ја даде; и сите пиеја од неа. 24 И им рече: „Ова е Мојата крв на Новиот Завет, која се пролева за мнозина. 25 Вистина ви велам: нема веќе да пијам од лозовиот плод до оној ден, кога ќе пијам нов во Божјото Царство.“ Молитва во Гетсиманија 26 И откако испеаја песна, излегоа на Маслиновата Гора. 27 И Исус им рече: „Сите ќе се соблазните, зашто е напишано: „Ќе го удрам Пастирот, и овците ќе се разбегаат.“ 28 А по Своето воскресение, ќе отидам пред вас во Галилеја.“ 29 А Петар Му рече: „Ако и сите се соблазнат, но јас - не.“ 30 И Исус му рече: „Вистина ти велам, дека ти денес, во оваа ноќ, пред петелот да запее двапати, трипати ќе се одречеш од Мене.“ 31 Но тој уште поупорно зборуваше: „Ако треба и да умрам со Тебе, нема да се одречам од Тебе!“ И сите го велеа истото. 32 И дојдоа до место, по име Гетсиманија, и им рече на Своите ученици: „Седете тука, додека се помолам!“ 33 И ги зеде со Себе: Петра, Јакова и Јована, се натажи, и почна длабоко да се вознемирува. 34 И им рече: „Мојата душа е нажалена до смрт; останете тука и бдејте!“ 35 И отиде малку подалеку, падна на земја и се молеше, - ако е можно - да Го одмине тој час, 36 и велеше: „Ава, Татко! Сѐ е можно за Тебе. Отстрани ја од Мене оваа чаша! Но не како Јас што сакам, туку како Ти!“ 37 И дојде и ги најде како спијат; и му рече на Петра: „Симоне, спиеш ли! Не можеше ли да бидеш буден еден час! 38 Бдејте и молете се, за да не паднете во искушение! Духот е бодар, но телото е слабо.“ 39 И пак отиде и се помоли, изговарајќи ја истата молитва. 40 Кога се врати, пак ги најде како спијат, зашто очите им беа натежнале и не знаеја што да му одговорат. 41 И дојде по третпат и им рече: „Сѐ уште спиете и почи-вате!“ Доста е, часот дојде! Еве, Го предаваат Човечкиот Син во гре-шнички раце. 42 Станете, да одиме! Еве, наближи Мојот предавник!“ 43 И веднаш, додека Тој уште зборуваше, дојде Јуда - еден од Дванаесетмината, и со него мно-жество, со мечеви и со стапови; испратени од главните свештеници, книжниците и старешините. 44 А Неговиот предавник им беше дал знак, велејќи: „Кого ќе Го целивам, Тој е; фатете Го Него и одведете Го внимателно.“ 45 И кога дојде, веднаш Му пристапи и рече: „Рави! Рави! И Го целива топло.“ 46 А тие ставија раце на Него и Го фатија. 47 А еден од оние, кои стоеја таму, истрга меч и го удри слугата на првосвештеникот и му го отсече увото. 48 Исус пак одговори и им рече: „Излеговте како на разбојник, со мечеви и стапови, за да Ме фатите! 49 Секој ден бев при вас, во Храмот, и поучував, но не Ме фативте. Но, Писмата треба да се исполнат!“ 50 Тогаш, сите Го оставија и се разбегаа. 51 А по Него одеше еден млад човек, наметнат со платно на голото тело, и го фатија него; 52 но тој го остави платното и избега гол од нив. Исус пред Синедрионот. Петро-вото одречување 53 И Го одведоа Исуса при првосве-штеникот, и се собраа сите главни свештеници, старешини и книж-ници. 54 А Петар Го следеше од-далеку сѐ до - во дворот на прво-свештеникот. Таму седеше со слугите и се грееше покрај огнот. 55 А првосвештениците и целиот Синедрион бараа сведоштво против Исуса, за да Го убијат, но не најдоа. 56 Зашто мнозина сведочеа лажно против Него, но сведоштвата не беа еднакви. 57 И некои станаа и сведочеа лажно против Него, велејќи: 58 “Ние Го чувме како зборуваше: „Ќе го урнам овој ракотворен Храм и за три дни ќе изградам друг - неракотворен.„ 59 Но ни така нивното сведоштво не беше еднакво. 60 Тогаш првосве-штеникот стана на средина и Го праша Исуса, велејќи: „Ништо ли не одговараш? Што сведочат овие против Тебе?“ 61 А Тој молчеше и ништо не одговори. Првосве-штеникот Го праша пак: „Ти ли си Христос, Синот на Благосло-вениот?“ 62 А Исус рече: „Јас Сум. И вие ќе Го видите Човечкиот Син, како седи оддесно на Силата и како иде со небесните облаци.“ 63 Тогаш првосвештеникот ја рас-кина својата облека и рече: „Зошто ни се потребни веќе сведоци? 64 Чувте богохулство! Како ви се гледа?“ А тие сите Го осудија дека заслужува смрт. 65 И некои почнаа да Го плукаат и да Му го покриваат лицето, да Го удираат со тупаници и да Му велат: „Проречи!“ И слугите Го удираа по образите. 66 И кога Петар беше долу, во дворот, дојде една од слугинките на првосвештеникот; 67 и кога го виде Петра, како се грее, го погледна и му рече: „И ти беше со Исуса Назареецот!“ 68 Но тој одрече, велејќи: „Ниту знам, ниту разбирам што зборуваш!“ И излезе надвор во преддворјето и петел запеа. 69 А слугинката го виде и почна пак да им зборува на оние, кои стоеја таму: „И овој е од нив!“ 70 А тој пак одрече. Подоцна, оние, кои стоеја таму, пак му рекоа на Петра: „Навистина си од нив, зашто и ти си Галилеец а и говорот се сложува.“ 71 А тој почна да се колне и да се заколнува: „Не Го познавам човекот за Кого зборувате.“ 72 И веднаш петелот запеа по вторпат. А Петар се сети на зборовите, што му ги рече Исус: „Пред петелот да запее двапати, трипати ќе се одречеш од Мене.“ И почна да плаче. |
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.
City Bible Foundation