Лука 7 - Библија: Стариот и Новиот Завет КонстантиновИсцелување на стотниковиот слуга 1 А кога ги сврши сите Свои зборови, во ушите на народот, влезе во Капернаум. 2 А слугата на еден стотник - кого тој го почитуваше - беше болен на умирање. 3 И кога чу за Исуса, испрати при Него јудејски старешини, за да Го замолат да дојде и да му го излекува слугата. 4 А кога стигнаа при Исуса, Го молеа усрдно, велејќи: „Заслужува да го направиш тоа за него, 5 зашто го љуби нашиот на-род. И синагога ни изгради.“ 6 Исус тргна со нив. И кога веќе не беше далеку од куќата, стотникот испрати пријатели да Му речат: „Господи, не труди се, зашто не сум достоен да влезеш под мојот покрив. 7 Затоа и не се сметав достоен да Ти пристапам - туку кажи само збор и мојот слуга ќе оздрави! 8 Зашто исто и јас сум човек под власт, и имам потчинети војници; и на едниот му велам: ‘Оди!’ и тој оди; а на другиот: ‘Дојди!’ - и доаѓа; а на својот слуга: ‘Направи го тоа!’ - и го прави.“ 9 Кога го чу тоа, Исус се зачуди и се заврте кон народот, што врвеше по Него и рече: „Ви велам, толкава вера не најдов ни во Израел.“ 10 И кога испратените се вратија дома, го најдоа слугата здрав. Воскресение на момче во Наин 11 Потоа Исус отиде во градот наречен Наин; а со Него одеа Неговите ученици и големо мно-жество. 12 А кога се приближи до градската врата, ете, изнесуваа мртовец, единствен син на мајка му, која беше вдовица и со неа имаше големо множество од градот. 13 А кога Господ ја виде, се сожали на неа и ѝ рече: „Не плачи!“ 14 Тогаш се приближи и го допре носилото - носителите пак застанаа - и рече: „Момче, тебе ти зборувам, стани!“ 15 Мртвиот седна и почна да зборува; и Тој го предаде на мајка му. 16 И страв ги опфати сите, и Го славеа Бога и велеа: „Голем пророк се јави меѓу нас“ и „Бог го посети Својот на-род.“ 17 И се разнесе овој глас за Него по цела Јудеја и по целата околина. Пратеници на Јована Крстител 18 Му соопштија на Јована за сѐ тоа неговите ученици. 19 А Јован повика двајца свои ученици и ги испрати при Господа да Го прашаат: „Ти ли си Оној, Кој треба да дојде или да чекаме друг?“ 20 Кога овие мажи дојдоа при Него, рекоа: „Јован Крстител нѐ прати при Тебе, велејќи: Ти ли си Оној, Кој треба да дојде, или да чекаме друг?“ 21 Во тој час исцели мнозина од болести, маки и зли духови, и на мнозина слепци им подари вид. 22 Тогаш ним им одговори: „Одете и раскажете му на Јована што видовте и чувте: слепи прогледуваат, хроми проодуваат, лепро-зните се очистуваат, глувите прослушуваат, мртвите стануваат и на бедните им се проповеда Евангелието; 23 и блажен е оној, кој не ќе се соблазни во Мене!“ 24 А кога Јовановите пратеници си отидоа, почна да му зборува на народот за Јована: „Што излеговте да видите во пустината? Трска ли, што ветерот ја лулее? 25 Или, што излеговте да видите? Човек облечен во меки облеки? Ете, луѓето, кои носат сјајни облеки и живеат раскошно, се во царските дворци. 26 Туку, што излеговте да видите? Пророк ли? Да, ви велам и повеќе од пророк! 27 Тој е оној, за кого е пишано: „Ете, го праќам Мојот Ангел пред Твоето лице, кој ќе го приготви Твојот пат пред Тебе!“ 28 Ви велам: меѓу родените од жени никој пророк не е поголем од Јована; но најмалиот во Божјото Царство е поголем од него.“ 29 И сиот народ, кој чу - и цариниците - ја признаа Божјата правда, зашто беа крстени со Јовановото крштавање. 30 А фарисеите и закониците го отфрлија она, што Бог сакаше да направи со нив, и не го примија неговото крштавање. 31 А со кого да ги споредам луѓето од ова поколение? Кому му се слични? 32 Тие се како децата, кои седат по пазариштата и си викаат едни на други: ‘Ви свиревме и не игравте! Ридавме и не плачевте!’ 33 Зашто дојде Јован Крстител, ниту јаде леб, ниту пие вино, а велите: „Бес има!“ 34 Дојде Човечкиот Син, Кој јаде и пие, а велите: „Ете, изедник и пијаница, пријател на цари-ниците и грешниците! 35 И ја оправдаа мудроста сите нејзини чеда!“ Проштавање на грешница 36 Еден од фарисеите Го помоли да јаде со него. Тој влезе во фарисеевиот дом и прилегна до трпезата. 37 И ете, една жена од градот, која беше грешница, кога научи дека Тој е прилегнат до трпезата во фарисеевата куќа, донесе со себе алабастрен сад со миро, 38 и застана зад Неговите нозе плачејќи и почна да Му ги мие нозете со солзи, да ги брише со својата коса; и ги целиваше Неговите нозе и ги помазуваше со миро. 39 И кога го виде тоа фарисејот, кој Го повика, рече во себеси: „Да е Овој пророк, би знаел која е и каква е оваа жена, која се допира до Него: дека е грешница.“ 40 А Исус пак му одговори и рече: „Симоне, имам да ти кажам нешто.“ А тој: „Учителе, кажи!“ 41 Рече: „Двајца му беа должни на еден заемодавач; едниот му должеше пет стотини динарии, а другиот педесет. 42 А бидејќи немаа да му вратат, тој им прости на двајцата. И така, кој од нив ќе го возљуби повеќе?“ 43 Симон одговори: „Мислам оној кому повеќе му подарил.“ А Тој му рече: „Право пресуди!“ 44 И кога се заврте кон жената му рече на Симона: „Ја гледаш ли оваа жена? Влегов во твојот дом, ти не ми даде вода за нозе, а таа со солзи ми ги облеа нозете и со својата коса ги истри. 45 Ти не ми даде целив, а таа откако влегов, не прекратува да Ми ги целива нозете. 46 Ти не ми ја помаза главата со масло, а таа Ми ги помаза нозете со миро. 47 Затоа, ти велам, простени ѝ се многу гревови, зашто имаше многу љубов; кому малку се простува - малку љуби.“ 48 А нејзе ѝ рече: „Простени ти се гревовите.“ 49 А тие, кои беа заедно покрај трпезата, почнаа да зборуваат во себе: „Кој е Овој, Кој и гревови про-штава?“ 50 А на жената ѝ рече: „Твојата вера те спаси! Оди си со мир!“ |
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.
City Bible Foundation