Лука 19 - Библија: Стариот и Новиот Завет КонстантиновЗакхеј 1 И кога влезе во Ерихон, минуваше низ градот. 2 И ете, некој човек, по име Закхеј, кој беше началник на цариниците и богат, 3 сакаше да Го види Исуса, Кој е, но не можеше од народот, зашто беше низок по раст. 4 И истрча напред, се качи на дива смоква за да Го види, зашто требаше да мине покрај неа. 5 И кога Исус дојде на тоа место, погледна нагоре и му рече: „Закхеј, слези бргу, денес треба да бидам во твојот дом!“ 6 И слезе веднаш и Го прими на гости со радост. 7 А сите, кои го видоа тоа, почнаа да негодуваат и да зборуваат: „Дојде во куќа на грешен човек, да почине!“ 8 Закхеј стана и Му рече на Господа: „Еве, Господи, половината од својот имот ќе ја дадам на сиромасите; и ако сум зел од некого нешто несправедливо, ќе вратам четвор-но.“ 9 А Исус му рече: „Денес му дојде спасението на овој дом, зашто и тој е Авраамов син. 10 Зашто Човечкиот Син дојде да го бара и да го спаси изгубеното.“ Приказна за десет сребреници 11 И кога тие го слушаа тоа, им кажа една парабола, зашто беа близу до Ерусалим, а тие мислеа дека Божјото Царство ќе се појави веднаш. 12 И рече: „Некој благо-родник замина во далечна земја, за да прими царство за себе и да се врати. 13 Откако ги повика своите десет слуги, им даде десет сребреници и им рече: „Тргувајте додека се вратам!“ 14 Но неговите граѓани го мразеа и испратија по него пратеници да кажат: „Неј-ќеме тој да царува над нас.“ 15 А кога се врати, по примањето на царството - заповеда да му ги повикаат оние слуги, на кои им беше дал сребро, за да види кој колку спечалил. 16 Така, првиот дојде и рече: ‘Господару, твојот сребреник донесе десет сребреници.’ 17 И му рече: ‘Убаво, добар слуго, зашто беше верен во нешто сосем мало, имај власт над десет градови.’ 18 Дојде и друг и рече: ‘Господару, еве го твојот сребреник, донесе пет сребреници.’ 19 Му рече и на овој: ‘И ти биди над пет градови!’ 20 Дојде и друг и рече: ‘Господару, еве го твојот сребреник, што го чував во крпче, 21 зашто се плашев од тебе, бидејќи си строг човек: земаш што не си оставил и жнееш што не си посеал!’ 22 Му рече: ‘Зол слуго, ќе ти судам според твоите зборови. Знаеше дека сум строг човек, дека земам што не сум оставил и дека жнеам што не сум посеал; 23 зашто тогаш не ги вложи моите сребреници при трговците, и јас по доаѓањето ќе ги примев со добивка?’ 24 А на оние, кои беа присутни им рече: ‘Одземете му го сребреникот и дајте му го на оној, кој има десет!’ 25 Тогаш му рекоа: ‘Господаре, тој има десет!’ 26 Ви велам, дека ќе му се даде на секој, кој има; а на оној, кој нема ќе му се одземе и она што има. 27 А оние мои непријатели, кои не сакаа да царувам над нив, доведете ги тука и исечете ги пред мене!“ Месија влегува во Ерусалим 28 А кога го рече тоа, тргна натаму, одејќи горе во Ерусалим. 29 И кога се приближи до Витфагија и Витанија, до гората наречена Маслинова, испрати два ученика 30 и им рече: „Одете во селоно, што е спроти вас! И кога ќе влезете во него, ќе најдете врзано осле, на кое никој од луѓето никогаш не седнал; и одврзете го и доведете го. 31 И ако некој ве праша: ‘Зошто го одврзавте?’ - речете му вака: ‘На Господа Му е потребно.’ 32 А испратените отидоа и најдоа како што им рече; 33 и кога го одврзуваа ослето, неговите стопани им рекоа: „Зошто го одврзувате ослето?“ 34 А тие рекоа: „На Господа Му е потребно!“ 35 И го доведоа пред Исуса и ги ставија врз ослето своите облеки, и Го кренаа Исуса. 36 А кога одеше, ги постилаа своите облеки по патот. 37 И кога веќе наближуваше до стрмнината на Маслиновата Гора, целото мно-жество ученици почна радосно и гласно да Го прославува Бога, за сите чудеса што ги видоа, 38 велејќи: „Благословен е Царот, Кој доаѓа во Господово име! Мир на небото и слава на висините!“ 39 А некои од фарисеите, меѓу на-родот, Му рекоа: „Учителе, забра-ни им на Твоите ученици!“ 40 Тој одговори: „Ви велам, ако овие замолчат, камењата ќе викаат.“ 41 А кога се приближи и го виде градот, заплака за него и 42 рече: „Кога и ти би узнал, дури барем во овој твој ден, што е за твојот мир! Но сега е сокриено од твоите очи. 43 Зашто ќе дојдат денови за тебе, кога твоите непријатели ќе те опкружат со опкопи, ќе те опколат и ќе те притеснат од сите страни. 44 И ќе те срамнат со земјата тебе, и твоите деца во тебе; и не ќе остане, во тебе, ни камен на камен, зашто не го позна времето кога беше посетен!“ 45 И кога влезе во Храмот, почна да ги изгонува продавачите, 46 велејќи им: „Напишано е: ‘Мојот Дом да биде Дом за молитва, а вие го направивте разбојничка пештера.’ 47 И поучуваше секој ден во Храмот. А свештеничките глава-тари, книжниците и народните првенци гледаа да Го погубат. 48 Но не најдоа што да сторат, зашто сиот народ Го слушаше неотстапно. |
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.
City Bible Foundation