Лука 15 - Библија: Стариот и Новиот Завет КонстантиновПриказна за изгубената овца 1 Сите цариници и грешници се приближуваа при Него, за да Го слушаат. 2 А фарисеите и книжниците пак негодуваа, велејќи: „Овој прима грешници и јаде со нив.“ 3 Тогаш им ја кажа оваа парабола: 4 “Кој од вас, ако има сто овци, и загуби една од нив, не ќе ги остави деведесет и деветте во пустината и не ќе отиде по загубената, додека не ја најде. 5 А кога ќе ја најде, ќе ја крене, радувајќи се, на своите рамена 6 и кога ќе дојде дома ќе ги повика пријателите и соседите и ќе им рече: ‘Радувајте се со мене, зашто ја најдов својата изгубена овца!’ 7 Ви велам: така ќе биде на небото, поголема радост за еден грешник, кој се кае, отколку за деведесет и девет праведници, кои немаат потреба од каење.“ Приказна за изгубената драхма 8 “Или која жена, ако има десет драхми и изгуби една драхма, нема да запали светилка, и не ја мете куќата, и не ја бара внимателно, додека не ја најде? 9 А кога ќе ја најде, ќе ги повика пријателките и сосетките и ќе им рече: ‘Радувајте се со мене, зашто ја најдов драхмата, што ја изгубив!’ 10 Така, ви велам, се радуваат Божјите ан-гели, заради еден грешник, кој се кае.“ Приказна за блудниот син 11 И рече: „Некој човек имаше два сина. 12 И помладиот од нив му рече на татка си: ‘Татко, дај ми го делот од имотот, што ми припаѓа!’ И тој им го раздели имотот. 13 А по неколку дена помладиот син собра сѐ свое и отиде во далечна земја и таму го потроши својот имот, живеејќи развратно. 14 Кога потро-ши сѐ, настана голема глад во онаа земја, и тој се најде во скудност. 15 И отиде и се прилепи при еден човек на онаа земја, тој го испрати на своите полиња, за да ги пасе свињите. 16 И сакаше да го наполни својот желудник со лушпи, што ги јадеа свињите, но никој не му ги даваше. 17 А кога дојде на себеси, рече: ‘Колку наемници при татка ми имаат леб во изобилство, а јас умирам од глад тука! 18 Ќе станам и ќе отидам при татка си, и ќе му речам: ‘Татко, згрешив против небото и пред тебе; 19 не сум веќе достоен да се наречувам твој син. Прими ме како еден од своите наемници!’ 20 И стана и тргна кон татка си. И кога беше уште далеку, неговиот татко го виде и му се сожали, па се растрча, и му се фрли на вратот и го целиваше. 21 А синот му рече: ‘Татко, зрешив против небото и пред тебе; не сум веќе достоен да се наречувам твој син!’ 22 Но таткото им рече на своите слуги: ‘Бргу, донесете ја најубавата облека, и облечете го и ставете му прстен на раката, и обувки на нозете. 23 Дотерајте го згоеното теле и заколете го, да јадеме и да се веселиме, 24 зашто овој мој син беше мртов и оживе, беше изгубен - и се најде.’ И почнаа да се веселат. 25 А неговиот постар син беше во полето. Кога пак доаѓаше и ѝ се приближи на куќата, чу песна и играње; 26 па повика еден од слугите и го праша што е тоа. 27 А тој му рече: ‘Брат ти си дојде и твојот татко го закла згоеното теле, зашто го прими здрав.’ 28 Тој се налути и не сакаше да влезе; а неговиот татко излезе и почна да го моли. 29 А тој му одговори на татка си: ‘Еве, ти служам толку години и никогаш не прекршив ниедна твоја заповед, а ти никогаш не ми даде ни јаре, за да се повеселам со своите пријатели. 30 А кога дојде овој твој син, кој го растури твојот имот со блудници, му закла згоено теле!’ 31 Тој пак му рече: ‘Чедо, ти си секогаш со мене, и сѐ што е мое - е твое; 32 но требаше да се веселиме и да се радуваме, зашто овој твој брат беше мртов и оживе; беше изгубен и се најде.’“ |
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.
City Bible Foundation