Лука 13 - Библија: Стариот и Новиот Завет КонстантиновПокајание или погибел 1 Во исто време дојдоа некои и Го известија за Галилеј-ците, чија крв Пилат ја измеша со нивните жртви. 2 Тој одговори и им рече: „Мислите ли дека тие Галилејци беа повеќе грешни од сите други Галилејци, зашто настрадаа така? 3 Не, ви велам, но ако не се покаете, сите ќе загинете така. 4 Или мислите дека оние осумнаесет души, врз кои падна Силоамската кула и ги уби, беа повиновни од сите луѓе, кои живеат во Ерусалим? 5 Не, ви велам! Но ако не се покаете, сите ќе загинете така.“ 6 Ја кажа и оваа парабола: „Некој имаше посадено смоква во своето лозје; и дојде да побара плод на неа, но не најде. 7 Тогаш му рече на лозарот: „Еве, веќе три години доаѓам и барам плод на оваа смоква, но не наоѓам. Пресечи ја! Зошто уште да ја испостува земјата?“ 8 Но тој му одговори и рече: „Господаре, остави ја уште оваа година, додека раскопам околу неа и ја наѓубрам; 9 па можеби ќе роди, ако пак не роди, ќе ја пресечеш во иднина.“ Исцелување на жена во сабота. Приказна за синапово зрно и за квасот. Тесна врата. Тажачка над Ерусалим 10 А кога поучуваше во сабота, во една синагога, 11 ете, таму беше една жена, која осумнаесет години имаше дух, предизвикувач на болеста; и беше згрчена и не можеше да се исправи. 12 Штом Исус ја виде, ја повика и ѝ рече: „Жено, ослободена си од својата болест.“ 13 И ги стави рацете врз неа, а таа се исправи веднаш и Го славеше Бога. 14 А настојникот на синагогата негодуваше, дека Исус исцели во сабота и му рече на народот: „Има шест дена во кои треба да се работи! Во тие дни доаѓајте и лекувајте се! А не во саботен ден!“ 15 Но Господ во одговор му рече: „Лицемери! Не го одврзува ли секој од вас својот вол, или осле од јаслите во сабота и не го води ли да го напои? 16 А оваа Авраамова ќерка, која сатаната ја врзал веќе осумнаесет години; не требаше ли да биде одврзана од оваа врска во саботен ден?“ 17 А кога го рече тоа, се засрамија сите Негови противници; а целиот народ им се радуваше на сите славни дела, што ги изврши. 18 Потоа рече: „На што е слично Божјото Царство и со што да го споредам? 19 Слично е на синапово зрно, што човек го зема и го посејува во својата градина, каде израснува и станува големо дрво и небесните птици се населија на неговите гранки.“ 20 И пак рече: „Со што да го споредам Божјото Царство? 21 Тоа е слично на квасот, што го зема жена и го замесува во три мери брашно, додека скисне сето.“ 22 И патувајќи кон Ерусалим, минуваше низ градови и села и поучуваше. 23 А некој му рече: „Господи, малку ли се оние, кои се спасуваат?“ Тој пак им рече: 24 “Борете се да влезете низ тесната врата, зашто ви велам: мнозина ќе настојуваат да влезат, но не ќе можат. 25 Кога домаќинот ќе стане и ќе ја затвори вратата, а ако вие останете надвор и почнете да чукате на вратата и да говорите: „Господи, отвори ни!“ Тој ќе ви одговори: „Не знам од каде сте!“ 26 Тогаш ќе почнете да зборувате: „Јадевме и пиевме пред Тебе; а Ти поучуваше по нашите улици.“ 27 А Тој ќе ви рече: „Ви велам, не знам од каде сте? Отстапете од Мене сите, кои вршите неправда!“ 28 Таму ќе биде плач и чкртање со заби, кога ќе ги видите Авраама, Исака и Јакова и сите пророци во Божјото Царство, а себеси - истерани надвор. 29 И ќе дојдат од исток и запад, од север и југ, и ќе седнат во Божјото Царство. 30 И ете, има последни, кои ќе бидат први; и има први, кои ќе бидат последни.“ 31 И во истиот час пристапија некои фарисеи и Му рекоа: „Излези и оди си оттука, зашто Ирод сака да Те убие!“ 32 И им рече: „Одете и кажете ѝ на таа лисица: „Еве изгонувам зли духови и исцелувам денес и утре; и на третиот ден ќе завршам. 33 Но денес, утре и задутре, треба да патувам, зашто не бива пророк да загине надвор од Ерусалим.“ 34 “Ерусалиме, Ерусалиме, што ги убиваш пророците и со камења ги погубуваш оние, кои се испратени при тебе; колку пати сакав да ги соберам твоите деца, како ква-чката своите пилиња под крилја, но не сакавте! 35 Ете, ви се остава пуст вашиот дом. И ви велам: нема да Ме видите додека не дојде време да кажете: „Благословен е Оној Кој доаѓа во Господово име!“ |
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.
City Bible Foundation