Левитска 6 - Библија: Стариот и Новиот Завет Константинов1 Господ му рече уште на Мојсеја: 2 „Ако некој згреши и направи престап пред Господа, измамувајќи го својот ближен за нешто што му е доверено нему или за залог, а исто и со кражба или со исползување на својот ближен; 3 или, ако најде нешто загубено, па излаже и се заколне криво, во било кој и да е грев што човек може да го стори; 4 ако некој згреши така и стане виновен, тогаш она што го одзеде со кражба или што го придоби со искористување; или нештото што му беше доверено; или загинатата работа што ја нашол; 5 или она за што се заколнал лажно - нека биде вратено целосно и, додавајќи му петина на тоа, нека му го даде на оној кому што му припаѓа, во истиот ден кога ќе ја сознае својата вина. 6 Потоа на свештеникот за надомест, како принос за престап на Господа, нека му доведе од своето стадо овци еден овен без недостаток, според твоја процена, 7 И свештеникот ќе направи да се покрие вината пред Господа, и ќе му биде простено, што и да сторил, сѐ, со што станал виновен.“ 8 Господ му рече уште на Мојсеја: 9 „Нареди им на Арона и на неговите синови: обредот за жртва паленица е ваков: жртвата паленица нека остане на жарта во жртвеникот цела ноќ до утрото; и оган нека гори непрекратно на жртвеникот. 10 Свештеникот нека облече врз себе ленена кошула, нека навлече ленени гаќи врз своето тело; потоа нека ја собере пепелта во што огнот ја претвори паленицата на жртвеникот, и нека ја остави покрај жртвеникот. 11 Потоа нека ја соблече својата облека и нека облече друга, па нека ја однесе пепелта на чисто место надвор од логорот. 12 Огнот на жртвеникот треба да гори секогаш; не смее да гасне. Секое утро, свештеникот нека реди дрва и тогаш нека ја положи жртвата паленица врз него. Таму нека го изгорува лојот од помирителната жртва. 13 Огнот на жртвеникот нека гори непрекратно; нека не гасне.“ За жртва: лебен принос 14 „Ова е закон за лебниот принос: Ароновите синови нека го принесуваат во присуство на Господа пред жртвеникот. 15 Откако еден од нив земе грст чисто брашно и масло од лебниот принос и сиот темјан што ќе биде на него, откако тоа ќе го изгори на жртвеникот како спомен-жртва, пријатен мирис пред Господа, 16 остатокот - во вид на бесквасни лебови - нека го изедат Арон и неговите синови; нека го јадат на посветеното место: во дворот на Шаторот на средбата. 17 Нека не се пече со квас. Тоа е дел од жртвите, палени за Мене, што Јас им го давам - најсветиот дел, исто како и приносот за грев и приносот за престап. 18 Секое машко од Ароновото потомство може да го јаде тој дел од жртвите палени на Господа, и тоа е вечен закон за сите ваши поколенија: кој и да се допре до нив, ќе биде осветен.“ 19 Господ му рече уште на Мојсеја: 20 „Арон и неговите синови, на денот на нивното помазание, нека Му го принесат на Господа овој принос: десетина ефа од чисто пченично брашно како редовен лебен принос, половина наутро, а половина навечер. 21 Нека биде зготвен во сад за пржење со масло. Донеси го добро наквасен и принеси Му го на Господа како пријатен мирис. 22 Така нека го зготви свештеникот, кој - од неговите синови - ќе биде помазан за да го наследи. Тоа е вечен закон. Тоа нека се изгорува цело за Господа! 23 Секој свештенички лебен принос треба да биде изгорен сосем; од него да не се јаде.“ За жртва за грев 24 Господ му рече уште на Мојсеја: 25 „Кажи им на Арона и на неговите синови: ‘Ова е закон за принос за грев: жртвата за грев нека биде заклана пред Господа на местото каде се коле жртва паленица - најсвета е! 26 Свештеникот кој ја принесува жртвата за грев нека јаде од неа; таа нека биде јадена на свето место, во дворот на Шаторот на средбата. 27 Секој што ќе се допре до нејзиното месо, ќе биде посветен; ако крвта ја испрска облеката, испрсканиот дел нека биде испран на свето место. 28 А садот од глина, во кој ќе биде варено месото, нека биде скршен; а ако биде варено во бронзен сад, нека се истрие и нека се измие со вода. 29 Секое машко од свештеничкиот род може да јаде од неа - пресвета е! 30 Но ниедна жртва за грев - од која крвта е донесена во Шаторот на средбата за покривање на гревот во Светото место - нека не се јаде, туку да биде изгорена на оган.’ |
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.
City Bible Foundation