Левитска 24 - Библија: Стариот и Новиот Завет КонстантиновЗакони за обреди 1 Господ му рече на Мојсеја: 2 „Нареди им на Израелевите синови, да ти донесат: чисто масло од истолчени маслинки за светлина, за да гори светилникот непрекратно. 3 Арон нека го подготвува секогаш пред Господа, од вечер до утро, во Шаторот на средбата, пред завесата на Сведоштвото. Ова е вечен закон за вашите поколенија. 4 Арон нека ги одржува непрекратно светилките на чист светилник пред Господа.“ 5 „Потоа земи чисто пченично брашно и од него испечи дванаесет погачи. Во секоја погача нека има две десетини ефа. 6 Потоа нареди ги во два реда - по шест во ред - на чистиот стол што е пред Господа. 7 На секој ред стави чист темјан. Тоа нека биде на лебот за спомен - принос на Господа. 8 Во секоја сабота, постојано, нека бидат положувани пред Господа од Израелевите синови: тоа е вечен Завет. 9 Нека им припаднат на Арона и на неговите синови, кои ќе ги јадат на свето место; зашто тоа е пресвето за нив од Господовите жртви: тоа е вечна одредба.“ Смртна казна за хула 10 А синот на една Израелка, роден од татко Египетец, излезе меѓу Израелците и зафати во логорот, караница со еден Израелец. 11 И синот на Израелката го похули името Господово и го проколна. Тогаш го доведоа при Мојсеја. Името на мајка му беше Саломита, Давриина ќерка, од Дановото племе. 12 Го ставија под стража, додека не им се открие Господовата волја. 13 И Господ му рече на Мојсеја: 14 „Изведи го хулителот надвор од логорот. А сите кои го слушнаа нека ги положат своите раце на неговата глава. Тогаш целото општество нека го каменува. 15 Потоа ќе им прозбориш на Израелците вака: ‘Кој ќе Го проколне својот Бог, ќе го понесе својот грев; 16 кој ќе изговори хула против Господовото име, нека биде погубен - целата заедница нека го погуби со камења; било да е туѓинец или домородец, ако Го похули Господовото име, треба да умре. 17 Кој ќе убие кој и да е друг човек, треба да ѝ биде предаден на смртта. 18 Кој ќе усмрти животно, треба да го надомести: животно за животно. 19 Кој ќе го повреди својот ближен, нека му биде направено како што сторил тој: 20 скршено за скршено, око за око, заб за заб: каква повреда му направил на човекот, така да му се направи и нему. 21 Кој ќе усмрти животно, треба да го надомести; но кој ќе убие човек, треба да умре. 22 Судот нека ви биде еднаков и за придојденикот и за домородецот, зашто Јас Сум Господ, ваш Бог.’“ 23 Откако Мојсеј им го изложи тоа на Израелевите синови, го изведоа хулителот надвор од логорот и го засипаа со камења. И Израелците направија како што Господ му заповеда на Мојсеја. |
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.
City Bible Foundation