Јован 2 - Библија: Стариот и Новиот Завет КонстантиновСвадба во Кана Галилејска и прво чудо 1 А на третиот ден имаше свад-ба во Кана Галилејска, и Исусовата мајка беше таму. 2 Ги повикаа на свадбата и Исуса и Неговите ученици. 3 Кога сврши виното, Му рече на Исуса Неговата мајка: „Немаат вино.“ 4 Исус ѝ одговори: „Што имам Јас со тебе, жено? Уште не дошол Мојот час.“ 5 Неговата мајка им рече на слугите: „Што и да ви рече, направете.“ 6 Таму имаше шест камени садови, според прописот за јудејското миење, што собираа по две до три мери. 7 Исус им рече: „Наполнете ги садовите со вода!“ И ги наполнија догоре. 8 Тогаш им рече: „Сега нацрпете и однесете му на старосватот!“ И му однесоа. 9 А кога старосватот вкуси од водата претворена во вино - а не знаеше од каде е, но знаеја слугите, кои црпеа од водата - го повика младоженецот 10 и му рече: „Секој чо-век најнапред го изнесува доброто вино, а кога ќе се поднапијат - слабото. Ти си го чувал доброто вино досега.“ 11 Ова го направи Исус во Кана Галилејска како почеток на чудесата и ја објави Својата слава; и Неговите ученици поверуваа во Него. 12 Потоа слезе во Капернаум, Тој и мајка Му, и Неговите браќа, и Неговите ученици, и останаа таму неколку дена. Протерување на трговци од Хра-мот 13 И беше близу јудејската Пасха и Исус се искачи во Ерусалим. 14 И ги најде во Храмот продавачите на волови, овци и гулаби и мену-вачите на сребреници - како седат таму. 15 Направи бич од јажиња и ги истера сите од Храмот, заедно со овците и воловите. На среброменувачите им ги истури сребрениците и им ги преврте масите. 16 А на оние, кои продаваа гулаби им рече: „Однесете го тоа оттука! Не правете трговска куќа од Домот на Мојот Татко!“ 17 Него-вите ученици се сетија дека е напишано: „Ревноста за Твојот Дом Ме изеде.“ 18 Тогаш Јудејците Го прашаа: „Со каков знак ни го докажуваш тоа што го правиш?“ 19 А Исус им одговори и рече: „Разурнете го овој Храм, и ќе го подигнам за три дни!“ 20 Тогаш Јудејците рекоа: „Храмов е граден четириесет и шест години, а Ти за три дни ли ќе го подигнеш?“ 21 Но Тој зборуваше за Храмот на Своето тело. 22 Кога воскресна, пак, од мртвите, Неговите ученици се сетија дека го рече тоа; па им поверуваа на Писмото и на зборот, што Исус им го рече. 23 А кога беше во Ерусалим, на празникот Пасха, мнозина поверуваа во Неговото име, гледајќи ги знаците, што ги правеше. 24 Но Самиот Исус не им се доверуваше, зашто ги познаваше сите, 25 и немаше потреба некој да Му сведочи за човекот, зашто Самиот знаеше што има во човекот. |
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.
City Bible Foundation