Јаков 5 - Библија: Стариот и Новиот Завет КонстантиновПредупредување за богатите 1 Послушајте сега, вие богати: плачете и ридајте над неволјите, што идат на вас. 2 Вашето богатство изгни, и молците ги изедоа вашите раскошни облеки. 3 Вашето злато и сребро за’рѓа; и нивната ‘рѓа ќе биде сведоштво против вас, и како оган ќе ги проголта вашите тела. Насобравте богатство во последните денови. 4 Еве, платата на работниците, кои ги ожнија вашите ниви, што вие им ја скусивте, вика, и извиците на жетварите дојдоа до ушите на Господ над Силите. 5 Вие живеевте на земјата раскошно и разуздано; ги потхранивте своите срца, како за денот на клање. 6 Го осудивте, го убивте праведникот; и тој не ви се противи. Бодрење и разни совети 7 И така, бидете трпеливи, браќа, до Господовото доаѓање! Ете, земјоделецот го чека скапоцениот род од земјата, чека трпеливо додека не го прими раниот и доцниот дожд. 8 Чекајте трпеливо и вие, зацврстете ги своите срца, зашто е близу Госповото доаѓање. 9 Не воздивнувајте, браќа, еден против друг, за да не бидете осудени: ете, Судијата стои пред вратата. 10 За пример на злострадањата и на долготрпението земете ги, браќа, пророците, кои зборуваа во Господово име. 11 Ете, блажени ги наречуваме оние, кои претрпеа. Чувте за трпењето на Јов, а видовте како Господ го заврши тоа; зашто Господ е многумилостив и сочувствителен. 12 А пред сѐ, браќа мои, не колнете се ни во небото, ни во земјата, ниту со некаква друга клетва! Вашето „да“, да биде „да“, а вашето „не“ - „не“, за да не паднете под суд. 13 Страда ли некој меѓу вас, нека се моли; весел ли е некој, нека Го фали Бога. 14 Боледува ли некој меѓу вас, нека ги повика старешините на црквата, и тие нека се помолат над него, и нека го помажат со масло во името на Господа, 15 и молитвата на вера, ќе го спаси болниот и Господ ќе го крене, и ако направил гревови, ќе му бидат простени. 16 И така, исповедајте си ги гревовите еден на друг и молете се еден за друг, за да оздравите! Делотворната молитва на праведникот има голема сила. 17 Илија беше човек по природа ист како и ние, и се помоли со молитва да нема дожд и не падна дожд на земјата три години и шест месеци. 18 И пак се помоли, па небото даде дожд, и земјата го произведе својот плод. 19 Браќа мои, ако некој се отклони од вистината, и некој го го поврати, 20 нека знае дека оној, кој ќе го врати грешникот од неговиот заблуден пат, ќе ја спаси неговата душа од смрт и ќе покрие мноштво на гревови. |
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.
City Bible Foundation