Јаков 4 - Библија: Стариот и Новиот Завет Константинов1 Од каде се војните и од каде се борбите меѓу вас? Не доаѓаат ли од вашите страсни желби, што се борат во вашите членови? 2 Сакате и немате, убивате и завидувате, и не можете да постигнете; се борите и војувате. Немате, зашто не молите. 3 Барате, но не добивате, зашто барате погрешно, за да го трошите во вашите страсни желби. 4 Прељубници, не знаете ли дека пријателството со светот е непријателство против Бога? И така, кој сака да му биде пријател на светот, Му станува непријател на Бога. 5 Или, мислите ли дека Писмото вели напразно: „До ревност го љуби духот, кој живее во нас?“ 6 Но дава поголема благодат. Затоа вели: „Бог им се противи на горделивите, а на смирените им дава благодат.“ 7 И така, покорете Му се на Бога; а противите се на ѓаволот и ќе побегне од вас. 8 Приближете се кон Бога, и Тој ќе се приближи кон вас; Исчистете ги рацете, грешници, и очистете ги срцата, луѓе со разделена душа! 9 Бидете нажалени, тагувајте, и заплачете: вашата смеа нека се претвори во тага, а радоста во жалост! 10 Бидете понизни пред Господа, и Тој ќе ве возвиши! 11 Не клеветете се еден друг, браќа; кој го клевети својот брат или го суди својот брат, го клевети законот и го суди законот. А ако го судиш законот, не си извршител на законот, туку негов судија. 12 Само еден е Законодавец и Судија, Кој може и да спаси и да погуби. А кој си ти, што го осудуваш ближниот? 13 Слушајте сега вие, кои велите: „Денес или утре ќе одиме во овој или во оној град, и таму ќе останеме една година, и ќе тргуваме и ќе спечалиме“, 14 вие, кои не знаете што ќе биде утре: зашто, што е вашиот живот? Вие сте пареа, која се јавува за миг, и потоа исчезнува. 15 Место да зборувате: „Ако Господ сака, ќе живееме и ќе направиме ова или она“, 16 вие сега се фалите во својата надуеност. Секоја таква фалба е зла. 17 И така, кој знае да прави добро, а не го прави, грев му е. |
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.
City Bible Foundation