Јаков 2 - Библија: Стариот и Новиот Завет КонстантиновПредупредување против предрасуди 1 Браќа мои, имајте вера во нашиот славен Господ Исус Христос, не гледајќи кој е кој! 2 Зашто ако на вашето собрание дојде човек со златен прстен и со светла облека, а влезе и сиромав во бедна облека, 3 па погледате во оној, во светлата облека, и му речете: „Ти седни тука убаво!“ а на сиромашниот му речете: „Ти стој таму!“ или „Седни до моето подножје.“ 4 Не правите ли разлики помеѓу себе и така станавте судии со лоши помисли?“ 5 Послушајте, возљубени браќа мои, не ги избра ли Бог оние, кои се сиромаси пред светот, за да бидат богати во вера и наследници на Царството, кое им го ветил на оние, кои Го љубат? 6 А вие го презревте сиромавиот! Не се ли богатите тие, кои ве угнетуваат и ве влечат по судилиштата? 7 Не го хулат ли тие доброто име со кое сте наречени? 8 Ако пак го исполнувате царскиот закон според Писмото: „Љуби го својот ближен како самиот себе!“- добро правите. 9 Но ако гледате на лице, правите грев, и законот ве осудува како престапници. 10 Зашто кој го пази целиот закон, а се сопне само во едно, станува виновен за сѐ. 11 Зашто Оној Кој рекол: „Не прави прељуба!“ рекол и: „Не убивај!“ Ако не направиш прељуба, а убиеш, стануваш престапник на законот. 12 Така зборувајте и така постапувајте како луѓе, кои ќе бидат судени по законот на слободата. 13 Зашто судот нема милост кон оној, кој не покажувал милост. Милоста слави победа над судот. Вера и дела 14 Каква е ползата, браќа мои, ако некој рече дека има вера, а нема дела? Може ли верата да го спаси? 15 Ако некој брат или сестра се голи и без секојдневната храна, 16 па некој од вас им рече: „Одете си во мир, стоплете се и наситете се!“ а не им даде она, што им е потребно за телото, каква е ползата? 17 Така и верата: ако нема дела, мртва е сама по себе. 18 Но ако некој рече: ти имаш вера, а јас имам дела. Покажи ми ја својата вера без дела, а јас ќе ти ја покажам верата од моите дела. 19 Ти веруваш дека има само еден Бог. Добро правиш; и бесовите веруваат и треперат. 20 Сакаш ли пак да сознаеш, суетни човеку, дека верата без дела е мртва? 21 Нашиот татко Авраам не беше ли оправдан од делата, кога го принесе на жртвеникот својот син Исак? 22 Гледаш дека верата соработуваше со неговите дела, и дека верата преку делата стигна до совршенството. 23 И така се исполни Писмото, кое вели: „Авраам Му поверува на Бога, и тоа му се засмета за правда, и се нарече Божји пријател.“ 24 Гледате дека човекот се оправдува преку дела, а не само преку вера. 25 Исто така и блудницата Раав не се оправда ли преку дела, кога ги прими согледувачите и кога ги испрати по друг пат? 26 Имено, како што е телото без дух мртво, така и верата без дела е мртва. |
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.
City Bible Foundation