Исход 2 - Библија: Стариот и Новиот Завет КонстантиновМојсеј - Избавител 1 Некој си човек од Левиевото колено отиде и се ожени со девојка Левијка. 2 Жената зачна и роди син. Откако виде колку е красен, го криеше три месеци. 3 Кога не можеше веќе да го крие, набави кошница од папирусова трска, ја намачка со смола и катран, го стави детето во неа и го положи во трските на брегот на Реката. 4 Неговата сестра застана подалеку, да види што ќе биде со него. 5 Фараоновата ќерка слезе до Реката да се капи, додека нејзините слугинки шетаа по брегот на Реката. Таа ја забележа кошницата во трските, па ја испрати слугинката да ја донесе. 6 Ја отвори и погледа, а тоа во неа: дете! Машко чедо. Плачеше. Таа му се сожали. „Тоа ќе е еврејско дете“, рече. 7 Тогаш неговата сестра ѝ рече на фараоновата ќерка: „Сакаш ли да побарам доилка меѓу Еврејките, да ти го дои детето?“ 8 „Оди!“ ѝ одговори фараоновата ќерка. Така девојката отиде и ја повика мајката на детето. 9 „Земи го детево - ѝ рече фараоновата ќерка - и одгледај ми го, а јас ќе те платам.“ 10 Кога детето порасте, таа го доведе при фараоновата ќерка, која го посини. Му го даде името Мојсеј, „зашто го извадив - рече - од вода.“ 11 Еден ден, кога Мојсеј веќе беше порастен, дојде меѓу своите браќа и ги виде нивните маки. Тогаш забележа како еден Египетец бие еден Евреин - негов брат. 12 Се заврте ваму-таму и откако виде дека нема никој, го уби Египетецот и го закопа во песокот. 13 Тој излезе и другиот ден и најде двајца Евреи како се тепаат. „Зошто го тепаш својот другар?“ - му рече на напаѓачот. 14 Овој му одговори: „Кој те постави за наш старешина и судија? Имаш ли намера да ме убиеш и мене, како што го уби оној Египетец?“ Мојсеј се исплаши и си рече во себе: „Така! Сепак се научило.“ 15 Кога фараонот го чу тоа, сакаше да го погуби Мојсеја. Затоа Мојсеј избега од фараонот и се засолна во Мадијамската Земја. Таму седна покрај еден кладенец. 16 Мадијамскиот свештеник имаше седум ќерки. Тие дојдоа да нацрпат вода и да ги налеат поилата, за да го напојат стадото на својот татко. 17 Но дојдоа и пастирите и ги истераа. Мојсеј стана, ги одбрани и им го напои стадото. 18 Кога се вратија при својот татко Рагуил, тој ги праша: „Како се вративте денес толку брзо?“ 19 Тие одговорија: „Еден Египетец нѐ одбрани од пастирите, и уште ни нацрпи вода и ни го напои стадото.“ 20 „Каде е? - ги праша тој своите ќерки. - Зошто го оставивте човекот? Повикајте го на ручек.“ 21 Мојсеј се согласи да остане при човекот. Тој го ожени Мојсеја со својата ќерка Сепфора. 22 А кога таа роди син, тој му го даде името Гирсам, „зашто сум - рече - странец во туѓа земја.“ Разговор на Мојсеј со Бога 23 По долго време почина египетскиот цар. Израелците уште стенкаа во ропство. Викаа, и нивниот повик за помош, среде ропството, се издигна до Бога. 24 Бог го чу нивното викање за помош и се сети за Својот Завет со Авраама, Исака и Јакова. 25 И Бог погледна на Израелците, и се зазеде за нив. |
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.
City Bible Foundation