Филипјаните 1 - Библија: Стариот и Новиот Завет КонстантиновВовед 1 Павле и Тимотеј, слуги на Христа Исуса, до сите свети во Христа Исуса, кои се во Филипи, со надзорниците и ѓаконите: 2 благодат вам и мир од Бога нашиот Татко и од Господа Исуса Христа. 3 Му благодарам на својот Бог секогаш кога си спомнувам за вас; 4 непрекратно во секоја своја молитва се молам за сите вас со радост, 5 заради вашето учество во проповедањето на Евангелието од првиот ден досега. 6 Уверен сум во тоа, дека Оној, Кој го почна доброто дело во вас, ќе го доврши до Денот на Христа Исуса. 7 А и право е да го мислам тоа за сите вас, зашто ве имам во срцето сите вас, кои сте соучесници со мене во благодатта - како во моите окови, така и во одбраната и утврдувањето на Евангелието. 8 Зашто Бог ми е сведок како копнеам по сите вас во чувствителното милосрдие на Христа Исуса. 9 И затоа се молам вашата љубов да изобилува сѐ повеќе и повеќе во сознавањето и во секакво расудување, 10 за да можете да испитувате за она што е подобро: да бидете чисти и беспрекорни за Денот Христов, 11 исполнети со плодовите на правдата, кои се преку Исуса Христа, за слава и пофалба на Бога. Положбата на апостолот и Евангелието 12 А сакам да знаете, браќа, дека ова што се случува со мене помогна мошне многу за ширењето на Евангелието, 13 така што им стана јасно на целата царска стража и на сите други, дека сум во окови заради Христа, 14 и дека повеќето од браќата во Господа, охрабрени од моите окови, се осмелуваат сѐ повеќе да го проповедаат без страв Божјото слово. 15 Навистина, едни Го проповедаат Христа од завист и љубов кон препирки, а други од добра волја; 16 едни од љубов, знаејќи дека лежам во окови за одбрана на Евангелието, 17 а други Го навестуваат Христа од нечесно честољубие, не со чиста намера, мислејќи да ми нанесат неволја во моите окови. 18 Но што тогаш? Само тоа: дека на секој начин, било дволично или искрено, Христос се проповеда. И му се радувам на тоа, а и ќе се радувам, 19 зашто знам дека ова - преку вашата молитва и помошта на Духот на Исуса Христа, ќе ми биде за избавување, 20 согласно моето цврсто очекување и надеж, дека во ништо нема да се засрамам; но како и секогаш во сета смелост, така и сега, Христос ќе се возвеличи во моето тело, било преку живот, или преку смрт. 21 Зашто за мене живот е Христос, а умирањето - придобивка. 22 Но ако и натаму живеам во телото, тоа за мене значи: плодна работа - и не знам што да изберам. 23 Притиснат сум од две страни: имам желба да си отидам и да бидам со Христа, што е далеку подобро, 24 но заради вас е попотребно да останам во телото. 25 И наполно уверен во тоа, знам дека ќе останам и ќе продолжам со сите вас, за ваше напредување и за радост во верата. 26 И вашата пофалба во Христа Исуса да биде уште поизобилна во мене, заради моето повторно доаѓање меѓу вас. Повик за единство и срдечна верност 27 Само однесувајте се достојно за Христовото Евангелие, за да можам јас - било да дојдам и да ве видам, било да сум отсутен да чујам за вас, дека стоите цврсто во еден дух, дека еднодушно се борите заедно за верата на Евангелието, 28 и дека во ништо не се плашите од противниците: тоа е за нив знак за погибел, а за вас за спасение, и тоа од Бога, 29 зашто вам ви се даде милост заради Христа не само да верувате во Него, туку и да страдате заради Него, 30 имајќи ја истата борба, како што видовте во мене, а и сега слушате за мене. |
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.
City Bible Foundation