Евреите 5 - Библија: Стариот и Новиот Завет Константинов1 Зашто, секој првосвештеник, кој е избран од помеѓу луѓето, се поставува за луѓето, за да служи пред Бога, за да принесува дарови и жртви за гревовите, 2 како оној кој може да биде благ кон оние кои не знаат и се заблудени, зашто и самиот е со слабост. 3 И заради тоа е должен да принесува жртви за гревовите, како за народот, така и за себеси. 4 И никој не ја зема оваа почест за себе, туку Бог го повикува, како и Арона. 5 Така и Христос не се прослави Сам Себеси за да биде Првосвештеник, туку Оној Кој Му рече: „Ти си Мој Син, Јас Те родив денес,“ 6 како што Тој и на друго место вели: „Ти си свештеник довека по редот Мелхиседеков.“ 7 Тој, во деновите на Своето тело, Му принесе молитви и молби со силно викање и солзи, на Оној Кој можеше да Го спаси од смрт, и беше чуен заради богобојазливоста. 8 Иако беше Син, ја научи послушноста од она што го претрпе 9 и откако се усоврши, им стана на сите кои Му се послушни, Повод за вечно спасение, 10 наречен од Бога Првосвештеник по редот Мелхиседеков. Укорување на оние на кои им е испратено посланието 11 За ова имаме да зборуваме многу, што е тешко да се протолкува зашто станавте мрзливи за слушање. 12 Имено, според времето требаше да бидете учители; меѓутоа вам ви е пак потребно да ве учи некој на основните начела на Божјите пророчки зборови; и станавте такви што ви е потребно млеко, а не тврда храна. 13 Зашто секој, кој се храни со млеко, неискусен е во словото на правдата, зашто е младенец. 14 А тврдата храна е за полнолетните, кои преку навика, ги извежбале сетилата да разликуваат добро и зло. |
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.
City Bible Foundation