Ефесјаните 3 - Библија: Стариот и Новиот Завет КонстантиновПавле ѝ служи на Божјата тајна 1 Затоа јас, Павле, сум затвореник на Христа Исуса за вас народите, 2 само ако сте чуле за управителството на Божјата благодат, која ми е дадена за вас; 3 дека по откровение ми е соопштена тајната, како што порано пишав накратко. 4 Читајќи оттаму можете да го разберете моето сфаќање на тајната на Христа, 5 која што во другите поколенија не им беше кажана на човечките синови, како што сега преку Духот им е откриена на Неговите свети апостоли и пророци: 6 дека народите се сонаследници и припадници на истото тело, и заедничари на Неговото ветување во Христа Исуса, преку Евангелието, 7 на кое му станав служител според дарот на Божјата благодат, која ми е дадена според дејството на Неговата сила. 8 На мене - најмалиот од сите свети - ми е дадена оваа благодат: да им го навестувам на народите Евангелието на неистражливото Христово богатство 9 и на сите да им расветлам во што се состои распределбата на тајната, која од вечноста беше скриена во Бога - Создателот на сѐ; 10 та многуразличната Божја мудрост да им се соопшти сега преку Црквата на началствата и на властите во небесните места, 11 според вечната намера, која ја оствари во Христа Исуса, нашиот Господ, 12 во Кого имаме смелост и пристап кон Бога, полни со доверба - преку верата во Него. 13 Затоа ве молам да не се обесхрабрувате заради моите неволји, што ме снајдоа заради вас; тие се ваша слава. 14 Заради тоа ги преклонувам своите колена пред Таткото на нашиот Господ Исус Христос, 15 од Кого секој род на небесата и на земјата добива име; 16 да ви даде, според богатството на Својата слава - да зајакнете со сила преку Неговиот Дух во внатрешниот човек, 17 та преку вера да се всели Христос во вашите срца; да бидете вкоренети и засновани во љубовта: 18 за да можете да сфатите со сите свети, што е ширина и должина, и височина и длабочина, 19 и да ја познаете Христовата љубов, која го надминува знаењето; за да се исполните во целата Божја полнота. 20 А на Оној, Кој со Својата сила, што дејствува во нас, може да направи прекумерно над сѐ што ние молиме или мислиме - 21 Нему нека е слава во Црквата и во Христа Исуса на сите поколенија од века до века! Амин! |
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.
City Bible Foundation