Даниел 5 - Библија: Стариот и Новиот Завет КонстантиновД. Валтазарова гозба 1. Осквернување на садови на Храм 1 Царот Валтазар им приреди голема гозба на илјада свои големци. 2 Испијанет со вино, Валтазар нареди да се донесат златните и сребрените посатки, што неговиот татко Навуходоносор ги беше ограбил од ерусалимското Светилиште, па од нив да пијат царот, неговите големци, неговите жени и соложници. И така ги донесоа златните и сребрените посатки грабнати од Божјиот Храм во Ерусалим, и почнаа да пијат од нив царот и неговите големци, неговите жени и соложници. 4 Пиеја вино и ги славеа своите богови од злато и сребро, од бронза и железо, од дрво и камен. 2. Натпис врз ѕид 5 Одненадеж се појавија прсти на човечка рака кои почнаа да пишуваат, спроти големиот светилник, по варосаниот ѕид на царскиот дворец, и царот ја виде дланката на раката што пишуваше. 6 Царот пребледе, мислите го смутија, зглобовите на неговите колкови попуштија, и колената почнаа да му удираат едно со друго. 7 Гласно ги повика волшебниците, ѕвездарите и гаталците. И царот им рече на вавилонските мудреци: „Кој ќе го прочита ова писмо и му ја открие неговата смисла, ќе биде облечен во црвено сукно, ќе носи златна веришка околу вратот, и ќе биде трет во царството.“ 8 Сите цареви мудреци пристапија, но не можеа да го прочитаат писмото, ниту да му го откријат значењето. 9 Царот Валтазар се исплаши многу заради тоа, пребледе, а неговите големци останаа збунети. 3. Царица му укажува на Валтазар за Даниел 10 Царицата откако ги чу зборовите на царот и на големците, влезе во гозбената дворница и рече: „Цару, жив да бидеш довека! Твоите мисли нека не се возбудуваат и твоето лице нека не бледнее! 11 Во твоето царство има човек во кого е Духот на Светиот Бог. Уште во времето на твојот татко се најде во него светлина, разум и мудрост слична на мудроста на боговите. И затоа царот Навуходоносор, твојот татко, го назначи за старешина на волшебниците, гаталците, ѕвездарите и мудреците. 12 Бидејќи во тој Даниел - кого царот го нарече Валтазар - се најде вонреден дух, знаење, бистрина, вештина да ги толкува соништата, да ги решава гатанките и да ги разрешува тешкотиите, затоа повикај го Даниела, и тој ќе ти го каже значењето.“ 13 Го доведоа Даниела пред царот, а царот го праша: „Дали си ти Даниел, еден од јудејските заточеници, кои татко ми, царот ги доведе од Јудеја? 14 Слушам дека Божјиот Дух е во тебе и дека во тебе се: светлината, разумот и вонредната мудрост. 15 Ми ги доведоа мудреците и волшебниците за да го прочитаат ова писмо и да ми го кажат неговото значење, ама тие не се способни да ми ја откријат неговата смисла. 16 А слушам дека ти можеш да дадеш толкување и дека разрешуваш гатанки. И така, ако можеш да го прочиташ ова писмо и да ми го кажеш неговото значење, ќе бидеш облечен во црвено сукно, и ќе носиш златна веришка околу вратот и ќе бидеш трет во царството.“ 4. Толкување на таинствениот натпис 17 Даниел го прифати зборот и му одговори на царот: „Твоите дарови нека ти останат, и своите поклони дај им ги на други! А јас ќе го прочитам ова писмо на царот и ќе му го кажам неговото значење. 18 О цару, Сѐвишниот Бог му даде царство, величина, чест и слава на Навуходоносор, твојот татко. 19 Заради величината што му ја даде трепереа од страв пред него народите, племињата и јазиците: тој убиваше според својата волја, го оставаше во живот кого што сакаше, го возвишуваше кого што сакаше, го понизуваше кого што сакаше. 20 Но кога срцето му се издигна и духот се ожесточи до дрскост, тогаш беше оборен од својот царски престол и славата му беше одземена. 21 Беше протеран од човечкото општество и неговото срце стана слично на животинското: престојуваше со диви ослици; јадеше трева како вол; небесната роса го миеше неговото тело, додека не созна дека Сѐвишниот Бог има власт над човечкото царство и дека го става на чело оној кого што Тој сака. 22 Но ти, Валтазаре, сине негов, не го понижи своето срце иако го знаеше сѐ ова: 23 ти се издигна против Небесниот Господ, нареди да ти ги донесат посатките од Неговиот Храм и пиевте вино од нив, ти, твоите големци, твоите жени и твоите соложници, фалејќи ги боговите од злато и сребро, од бронза и железо, од дрво и камен кои не гледаат, не слушаат, ниту разбираат, а не Му даде слава на Бога Кој во Својата рака ги држи твојот здив и сите твои патишта. 24 И затоа Тој ја испрати оваа рака, која го напиша ова писмо. 25 А еве што е напишано: Мене, Мене, Текел, Уфарсин. 26 А тие зборови значат: Мене: Господ го измери твоето царство и му ставил крај: 27 Текел: беше мерен врз мерилка и најден си прелесен; 28 Уфарсин: твоето царство е разделено и им е предадено на Мидијанците и на Персијанците.“ 5. Наградување на Даниел и убиство на Валтазар 29 Тогаш Валтазар нареди да го облечат Даниела во црвено сукно, да му обесат златна веришка околу вратот, и да го прогласат за трет во царството. 30 Во таа иста ноќ халдејскиот цар беше убиен. А Мидијанецот Дариј го презеде царството веќе стар шеесет и две години. |
The Macedonian Bible: Old and New Testament, Konstantinov
Copyright © 1999, 2004, by Loukas Foundation ®
Used by permission of City Bible Foundation ® All rights reserved worldwide.
City Bible Foundation