Online Bible

- Reklamy -

Матеј 8 - Свето Евангелие 2008


ГЛАВА 8

1 Акога слезе од планината, по Него врвеше многу народ.

2 И ете, се приближи еден лепрозен, Му се клањаше и говореше: – Господи, ако сакаш, можеш да ме очистиш.

3 А Исус, кога ја пружи раката, се допре до него и рече: – Сакам, очисти се! И тој веднаш се очисти од лепрата.

4 И му рече Исус: – Гледај, никому не кажувај; а оди, покажи се на свештеникот и принеси дар, каков што заповедал Мојсеј, ним за сведоштво. Крај на саботата


(Зачало 25)

5 Акога влезе Исус во Капернаум, се приближи до Него еден стотник и Го молеше, говорејќи:

6 – Господи, слугата мој лежи дома фатен и многу страда.

7 Исус му рече: – Ќе дојдам и ќе го излекувам.

8 А стотникот одговори и рече: – Господи, не сум достоен да влезеш под мојот покрив; но кажи само збор и слугата мој ќе оздрави;

9 зашто и јас сум човек подвластен, а имам и потчинети војници; па кога ќе му речам на еден: оди, и тој оди; на другиот: дојди, и тој доаѓа; и на слугата: направи го тоа, и тој прави.

10 Кога го чу тоа Исус, се восхити и им рече на оние што врвеа по Него: – Вистина ви велам, ниту во Израилот не најдов толку голема вера.

11 И ви велам дека мнозина ќе дојдат од Исток и Запад и ќе седнат на трпезата со Авраама, Исаака и Јакова во царството небесно,

12 а синовите на царството ќе бидат фрлени во крајната темнина; таму ќе биде плач и крцкање со заби.

13 И му рече Исус на стотникот: – Оди си, и како што си поверувал, нека ти биде! И слугата негов во истиот час оздраве. Крај на неделата


(Зачало 26)

14 Кога дојде во домот на Петра, Исус ја виде тештата негова како лежи болна од треска,

15 и се допре до раката нејзина, и треската ја остави; таа стана и им служеше.

16 А кога се стемни, доведоа при Него мнозина бесни, и Он со еден збор, ги изгони духовите и ги излечи сите болни,

17 за да се исполни кажаното преку пророкот Исаија, кој вели: „Тој ги зеде на Себе нашите немошти и ги понесе болестите“.

18 Кога виде Исус околу Се бе многу народ, им заповеда на учениците да минат на другата страна.

19 И откако се приближи до Исуса еден книжник, Му рече: – Учителе, ќе врвам по Тебе каде и да одиш.

20 А Исус му рече: – Лисиците имаат легла и птиците небески – гнезда; а Синот Човечки нема каде глава да потслони.

21 Друг, пак, од учениците Негови Му рече: – Господи, дозволи ми, најнапред да отидам да го погребам татко ми.

22 Но Исус му рече: – Врви по Мене, и остави ги мртвите да ги погребуваат своите мртовци.


(Зачало 27)

23 И кога влезе во коработ, по Него влегоа и учениците Негови. Крај на саботата

24 И ете, настана голема бура во морето, така што брановите го покриваа коработ, а Он спиеше.

25 Тогаш се приближија учениците до Него, Го разбудија и рекоа: – Господи, спаси нѐ! Загинуваме!

26 А Он им рече: – Маловерни, зошто сте плашливи? Тогаш стана, им заповеда на ветровите и на морето, и настана голема тишина.

27 А луѓето се зачудија и рекоа: – Кој е Овој, та и ветровите и морето Му се покоруваат? Крај на четвртокот


(Зачало 28)

28 И кога пристигна на другата страна во земјата гергесинска, Го сретнаа двајца бесни, кои излегуваа од гробовите; беа толку лоши што никој не смееше да мине по тој пат.

29 И ете, извикаа и рекоа: – Што имаш со нас Ти, Исусе, Сине Божји? Зар си дошол тука предвреме да нѐ мачиш?

30 А далеку од нив пасеше голем број свињи.

31 И, бесовите Го молеа, велејќи: – Ако нѐ изгониш, позволи ни да отидеме во свињине.

32 И Он им рече: – Отидете! И тие излегоа и отидоа во свињите. И одеднаш се стрчаа низ стрмнината во морето, и се издавија во водата.

33 А свињарите побегнаа и, штом дојдоа во градот, раскажаа за сето тоа и за она, што беше се случило со бесните.

34 И ете, излезе целиот град да Го пресретне Исуса и кога Го видоа, Го молеа да си отиде од нивниот крај.

© Македонска Православна Црква 2008

© Мacedonian Orthodox Church 2008

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy