Матеј 7 - Свето Евангелие 2008ГЛАВА 7 (Зачало 20) 1 Не судете, за да не бидете судени; 2 оти со каков суд судите, со таков ќе бидете судени; со каква мерка мерите, со таква и ќе ви се мери. 3 Зошто ја гледаш раската во окото на брат ти, а гредата во своето око не ја чувствуваш? 4 Или, како ќе му каж еш на брат ти: чекај да ти ја извадам раската од окото; а, пак, ете, во твоето око има греда? 5 Лицемере, прво извади ја гредата во твоето око, па тогаш ќе видиш како да ја извадиш раската од окото на брат ти. 6 Светињата не давајте им ја на кучињата, и не фрлајте си ги бисерите пред свињи, за да не ги изгазат со своите нозе, и кога ќе се свртат, ќе ве раскинат. 7 Сакајте и ќе ви се даде; барајте и ќе најдете; чукајте и ќе ви се отвори; 8 зашто секој што сака – добива, и кој бара – наоѓа, и на оној што чука, ќе му се отвори. Крај на саботата. Читај во понеделникот 9 Има ли меѓу вас човек, којшто, ако неговиот син му побара леб, да му даде камен, 10 и кога посака риба, да му даде змија? 11 И така, ако вие, кои сте лоши, умеете да им давате на своите чеда добри дарови, колку ли повеќе вашиот небесен Отец ќе им даде добра на оние што Му бараат? Крај на понеделникот (Зачало 21) 12 Сѐ она што сакате да ви прават луѓето, правете им и вие; оти тоа е Законот и Пророците. 13 Влезете низ тесната врата; зашто, широки се вратите и широк е патот што водат кон пропаст, и мнозина минуваат низ нив; 14 а тесни се вратите и тесен е патот што водат кон животот и малцина го наоѓаат. (Зачало 22) 15 Пазете се од лажните пророци, кои доаѓаат во овча кожа, а однатре се волци грабливи. 16 По нивните плодови ќе ги познаете. Се бере ли грозје од трње, или смокви од чичка? 17 Па така, секое добро дрво дава добри плодови, а лошото дрво дава лоши плодови; 18 не може доброто дрво да дава лоши плодови, ниту лошото дрво да дава добри плодови. 19 Секое дрво што не дава добар плод, го сечат и го фрлаат во оган. 20 И така, по нивните плодови ќе ги познаете. (Зачало 23) 21 Не секој што Ми вели: „Господи, Господи“, ќе влезе во царството небесно, туку оној што ја исполнува волјата на Мојот Отец Кој е на небесата. Крај на вторникот и на преподобните 22 Мнозина ќе ми речат во оној ден: „Господи, Господи, не пророкувавме ли во Твое име? И зар не изгонувавме бесови во Твое име? И не правевме ли многу чуда во Твое име?“ 23 И тогаш Јас ќе им кажам: – Никогаш не сум ве познавал; бегајте од Мене, вие што правите беззаконие! Крај на средата (Зачало 24) 24 И така, секој што ги слуша и исполнува овие Мои зборови, ќе го споредам со благоразумен маж, кој си направил куќа на камен; 25 и заврна дожд и надојдоа реки, и дувнаа ветрови и навалија на таа куќа, но таа не падна, оти беше изградена на камен. 26 А секој што ги слуша овие Мои зборови и не ги исполнува, прилега на човек глупав, кој си направил куќа на песок; 27 и заврна дожд, и надојдоа реки, и дувнаа ветрови и навалија на таа куќа, и таа падна, и паѓањето ѝ беше страшно. 28 И кога ги заврши овие зборови, народот се чудеше на Неговото учење, 29 зашто Он ги поучуваше како Оној што има власт, а не како книжниците. |