Матеј 6 - Свето Евангелие 2008ГЛАВА 6 (Зачало 16) 1 Гледајте да не ја покажувате вашата праведност пред луѓето, за да ве видат; инаку, нема да имате награда од вашиот Отец Кој е на небесата. 2 И така, кога правиш милостина, не разгласувај, како што прават лицемерите по синагогите и улиците, за да ги фалат луѓето. Навистина ви велам, тие ја добиваат својата награда. 3 А ти кога правиш милостина, да не знае твојата лева рака што прави десната, 4 за да биде твојата милостина тајна; и тогаш, твојот Отец, Кој гледа тајно, ќе те награди јавно. 5 И кога се молиш, не бидикако лицемерите, кои сакаат да стојат по синагогите и раскрсниците за да се молат и да се покажуваат пред луѓето. Навистина ви велам дека тие веќе ја добиваат својата награда. 6 А ти, кога се молиш, влези во својата скришна соба и откако ќе ја затвориш вратата своја, помоли Му се на твојот Отец, Кој е во тајност, и Твојот Отец, Кој гледа тајно, ќе те награди јавно. 7 Кога се молите, не говорете многу како незнабошците, зашто тие мислат дека во своето многуговорење ќе бидат услишани; 8 вие, пак, немојте да бидете како нив, оти вашиот Отец знае од што имате потреба уште пред да сте Го помолиле. 9 Туку молете се вака: Оче наш, Кој си на небесата, да се свети името Твое; 10 да дојде царството Твое; да биде волјата Твоја, како на небото, така и на земјата; 11 лебот наш насушен дај ни го денес; 12 и прости ни ги долговите наши, како што им ги проштеваме и ние на нашите должници; 13 и не воведи нѐ во искушение, но избави нѐ од лукавиот, зашто Твое е царството, и силата, и славата во вековите. Амин. Крај на саботата (Зачало 17) 14 Бидејќи, ако им ги простите на луѓето грешките нивни и вам ќе ви ги прости вашиот Отец небесен; 15 ако ли не им ги простите грешкитена луѓето и вашиот Отец нема да ви ги прости вашите. 16 Кога постите, не бидете жалосни како лицемерите; зашто тие си ги прават лицата мрачни, за да се покажат пред луѓето дека постат. Навистина ви велам оти тие си ја добиваат својата награда. 17 А ти, кога постиш, помажи ја главата своја и измиј го лицето свое, 18 па да се покажеш дека постиш не пред луѓето, туку пред твојот Отец, Кој е во тајност; и твојот Отец, Кој гледа тајно, ќе те награди јавно. 19 Не собирајте богатства на земјата, каде што ги јаде молецот и 'рѓата, и каде што крадците ги поткопуваат и крадат; 20 но, собирајте си богатства на небото, каде што ниту молец, ниту 'рѓа ги јаде, и каде што крадци не ги поткопуваат, ниту крадат; 21 зашто, каде што е богатството ваше, таму ќе биде и срцето ваше. Крај на сиропусната недела (Зачало 18) 22 Светило за телото е окото. Затоа, ако твоето око биде чисто и целото твое тело ќе биде светло; 23 ако, пак, твоето око биде лошо, сето тело ќе ти биде темно. И така, ако светлината што е во тебе е темнина, тогаш каква ли ќе е темнината? 24 Никој не може да им слугува на двајца господари: или едниот ќе го засака, а другиот ќе го намрази; или кон едниот ќе се приврзе, а другиот ќе го презре. Не можете да служите на Бога и на Мамона. 25 Затоа ви велам: немојте да се грижите за вашата душа, што ќе јадете или што ќе пиете; ниту за вашето тело, во што ќе се облечете. Зар не чини душата повеќе од храната, и телото – од облеката? 26 Погледајте ги птиците небески; дека ни сејат, ни жнеат, ниту во амбар собираат; и вашиот Отец небесен ги храни. Зар не сте вие многу поскапи од нив? 27 А кој од вас, грижејќи се, може на својот раст да му придодаде макар еден лакот? 28 И за облеката, зошто се гриж ите? Погледајте ги полските кринови како растат: не се трудат, ниту предат; 29 но ви велам, дека ни Соломон, во целата своја слава, не се облече така, како еден од нив; 30 и, ако полската трева, што денеска постои, а утре во оган се фрла, Бог така ја облекува, колку ли повеќе вас, маловерни! (Зачало 19) 31 Па затоа, не грижете се и не говорете: што да јадеме или што да пиеме, или во што да се облечеме? 32 Зашто, сето тоа го бараат незнабошците; вашиот Отец небесен знае дека од сето ова имате потреба. 33 Но, барајте го најнапред царството Божјо и Неговата правда, и сето ова ќе ви се придаде. Крај на неделата 34 И така, немојте да се грижите за утре, зашто утрешниот ден ќе се грижи за своето; на секој ден доста му е неговото зло. Изостави на понеделникот |