Матеј 4 - Свето Евангелие 2008ГЛАВА 4 (Зачало 7) 1 Тогаш Духот Го одведе Исуса во пустината за да биде искушуван од ѓаволот. 2 И откако постеше четириесет дни и четириесет ноќи, најпосле огладне. 3 А кога се приближи до Него, искушувачот Му рече: – Ако си Син Божји, кажи, овие камења да станат лебови. 4 А Он му одговори и рече: – Напишано е – „не само од леб ќе живее човек, а и од секој збор што излегува од устата на Бога“. 5 Тогаш ѓаволот Го одведе во светиот град и Го постави на стреата од храмот 6 и Му рече: – Ако си Син Божји, фрли се долу, зашто е напишано: „На ангелите Свои ќе им заповеда за Тебе, да Те запазат и на раце ќе Те земат за да не Си ја сопнеш некако ногата на камен“. 7 А Исус му рече: – Напишано е, исто така – „не искушувај Го Господа, твојот Бог“. 8 Пак Го одведе ѓаволот на многу висока планина и Му ги покажа сите царства на светов и нивната слава, 9 и Му рече: – Сите овие ќе Ти ги дадам, ако паднеш и ми се поклониш. 10 Но Исус му рече: – Бегај од мене, сатано, зашто е напишано – „на Господа, твојот Бог ќе Му се поклониш и само Нему ќе Му служиш“! 11 Тогаш ѓаволот Го остави, и ете, дојдоа ангели и Му служеа. Крај на саботата на Просвештение (Зачало 8) 12 Акога чу Исус дека Јован е предаден, отиде во Галилеја; 13 и, кога го остави Назарет, дојде и се насели во Капернаум приморски, во пределите Завулонови и Нефталимови, 14 за да се исполни реченото преку пророкот Исаија, кој вели: 15 „Земјата Завулонова и земјата Нефталимова, на пат кон морето, оданде Јордан, незнабожечка Галилеја е. 16 Народот што седеше во мрак виде голема светлина и на оние што седеа во пределот, и во сенка смртна, им изгреа светлина“. 17 Оттогаш почна Исус да проповеда и да говори: – Покајте се, зашто се приближи царството небесно! Крај на неделата на Просвештение (Зачало 9) 18 И врвејќи покрај Галилејското Море, ги виде двајцата браќа, Симона, наречен Петар, и брат му Андреја, како фрлаат мрежа во морето, бидејќи беа рибари, 19 и им рече: – Врвете по Мене и Јас ќе ве направам ловци на луѓе. 20 А тие, пак, веднаш ги оставија мрежите и тргнаа по Него. 21 И откако премина отаде, виде други двајца браќа, Јакова Заведеев и брат му Јована, во кораб со Заведеја, татко им, кои си ги крпеа мрежите свои, и ги повика. 22 Тие, пак, веднаш го оставија коработ и татка си и тргнаа по Него. 23 И одеше Исус по цела Галилеја и кога поучуваше по синагогите, го проповедаше Евангелието на царството и лекуваше секаква болест и слабост кај луѓето. Крај на неделата 24 Па се разнесе глас за Него по цела Сирија; и ги доведоа при Него сите болни, нападнати од различни болести и страданија, и бесомачни, и месечари, и фатени, и Он ги излечи. (Зачало 10) 25 И по Него одеше многу народ од Галилеја и од Десетградието, од Ерусалим и од Јудеја, оданде Јордан. |