Матеј 3 - Свето Евангелие 2008ГЛАВА 3 (Зачало 5) 1 Во тие дни дојде Јован Крстител и проповедаше во пустината Јудејска, 2 и говореше: – Покајте се, зашто се приближи царството небесно! 3 Оти, овој е за кого рекол пророкот Исаија, велејќи: „Гласот на оној што вика во пустината: – Подгответе го патот Господов и исправете ги патеките Негови“. 4 А самиот Јован имаше облека од камилски влакна и појас од кожа околу половината своја, а храната му се состоеше од скакулци и див мед. 5 Тогаш, од Ерусалим и цела Јудеја и од целиот крај јордански доаѓаа при него 6 и се крштеваа од него во Јордан, исповедувајќи ги своите гревови. 7 А штом виде Јован дека при него идат мнозина фарисеи и садукеи, за да се крстат, им рече: – Породи змиини, кој ви кажа да бегате од гневот што иде? 8 Направете, пак, плод достоен за покајание 9 и немојте да говорите во себе: Наш татко е Авраам, зашто Бог може, ви велам, и од овие камења да издигне чеда на Авраама, 10 и секирата лежи веќе при коренот од дрвото: зашто секое дрво што не дава добар плод се сече и се фрла во оган. 11 Јас ве крштевам со вода за покајание, но Оној што иде по мене е посилен од мене; јас не сум достоен да Му ги понесам ни обувките; Он ќе ве крсти со Дух Свети и со оган. Крај на саботата и на првиот час 12 Лопатата е во рацете Негови и Тој ќе го очисти гумното Свое и ќе Си го прибере житото во амбар, а плевата ќе ја изгори со оган што не гасне. (Зачало 6) 13 Тогаш дојде Исус од Галилеја на Јордан при Јована, за да се крсти од него. 14 А Јован Го запираше, говорејќи: – Јас треба од Тебе да бидам крстен, а Ти при мене ли идеш? 15 Но Исус му одговори и рече: – Остави го сега тоа, зашто нам ни претстои да ја исполниме секоја правда. Тогаш Го остави. 16 И штом се крсти, Исус веднаш излезе од водата и Му се отворија небесата, и Го виде Духот Божји да слегува како гулаб и да се спушта над Него. 17 И ете, глас од небесата говореше: – Овој е Мојот возљубен Син, Кој е според Мојата волја. Крај на Богојавление и на деветтиот час |