Матеј 28 - Свето Евангелие 2008ГЛАВА 28 (Зачало 115) 1 Кога измина саботата, на осамнување, во првиот ден од седмицата, дојдоа Марија Магдалина и другата Марија, да го видат гробот. 2 И ете, стана голем потрес: ангел Господов слезе од небото, пристапи, го оттргна каменот од гробната врата и седеше на него; 3 лицето му беше како молња, а алиштата – бели како снег; 4 и стражарите, уплашени од него, трепереа и беа како мртви. 5 Ангелот се заврте кон жените и им рече: – Не плашете се; знам дека Го барате Исуса Распнатиот; 6 не е овде, воскресна, како што беше рекол. Дојдете и видете го местото, каде што лежел Господ, 7 па отидете побргу и кажете им на учениците Негови дека Он воскресна од мртвите. И ете, ќе отиде во Галилеја, порано од вас; таму ќе Го видите. – Ете, ви кажав. 8 И откако излегоа набрзина од гробот, тие со страв и голема радост отрчаа да им соопштат на учениците Негови. 9 Кога одеа да им јават на Неговите ученици, ете, Исус ги сретна и рече: – Радувајте се! Крај на предутреното евангелие на Велигден А тие се приближија, се фатија за нозете Негови и Му се поклонија; 10 тогаш Исус им рече: – Не плашете се; одете и соопштете им на браќата Мои, да отидат во Галилеја, и таму ќе Ме видат. 11 Кога одеа тие, ете, некои од стражарите, влегувајќи в град, им кажаа на првосвештениците за сето она што беше се случило. 12 И тие, кога се собраа со старешините и направија совет, им дадоа многу пари на војниците, 13 велејќи: – кажете дека учениците Негови дојдоа и Го украдоа, кога ние спиевме; 14 и, ако за тоа чуе управникот, ние ќе го смириме и ќе направиме и вам ништо да не ви се случи. 15 А тие ги зедоа парите и направија, како што беа подучени. И тој глас се пренесува меѓу Јудејците и до ден-денеска. (Зачало 116) 16 Аединаесетте ученици отидоа во Галилеја, во гората, каде што им беше заповедал Исус; 17 па штом Го видоа, Му се поклонија; а некои се сомневаа. 18 А Исус, кога се приближи, им проговори, велејќи: – Ми се даде секаква власт на небото и на земјата. 19 Одете и научете ги сите народи, крштевајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, 20 и, учејќи ги да пазат сѐ што сум ви заповедал; и ете, Јас сум со вас преку сите дни, до крајот на светот. – Амин! Крај на Велика Сабота и на првото воскресно евангелие. |