Online Bible

- Reklamy -

Матеј 27 - Свето Евангелие 2008


ГЛАВА 27 (Зачало 110)

1 Акога се раздени, сите првосвештеници и старешини народни направија совет против Исуса, за да Го убијат;

2 и откако Го врзаа, Го одведоа и предадоа на управникот Понтиј Пилат. Крај на Вел. Четврток, на литургијата.


(Зачало 111)

3 Тогаш Јуда, којшто Го предаде, кога виде дека е Он осуден, се покаја и ги врати триесетте сребреници на првосвештениците и старешините,

4 велејќи: – Згрешив, оти предадов невина крв. А тие му рекоа: – Што ни е грижа нам? Мисли му ти!

5 И откако ги фрли сребрениците во храмот, излезе и отиде, та се обеси.

6 Првосвештениците ги прибраа сребрениците и рекоа: – Не чини да се стават во храмовата каса, бидејќи се цена за крв.

7 И откако се советуваа, ја купија со нив грнчаревата нива, за да погребуваат на неа луѓе од други места;

8 затоа и до денес таа нива се вика Крвна Нива.

9 Тогаш се исполни реченото преку пророкот Јеремија: „И ги зедоа триесетте сребреници, цената на Оценетиот, Кого Го оценија синовите Израилеви,

10 и ги дадоа за грнчаревата нива, како што им кажа Господ“.

11 А Исус застана пред управникот; и тој Го праша, велејќи: – Ти ли си Царот Јудејски? Исус му одговори: Ти велиш.

12 И кога Го обвинуваа првосвештениците и старешините, Он ништо не одговараше.

13 Тогаш Му рече Пилат: – Не слушаш ли колку сведочат против Тебе?

14 И не му одговори ниту на еден збор, така што управникот се чудеше многу.

15 А на секој празник Пасха управникот имаше обичај да му отпушта на народот по еден затвореник, кого што би го побарале;

16 тогаш тие имаа еден прочуен затвореник, по име Варава.

17 И кога се собраа, Пилат им рече: – Кого сакате да ви го пуштам: Варава ли, или Исуса, наречен Христос?

18 Оти знаеше дека Го беа предале од завист.

19 Во тоа време, кога тој седеше во судот, жена му порача да му кажат: – не прави Му ништо на Тој Праведник, оти денеска многу пострадав насон, заради Него.

20 Но, првосвештениците и старешините го наговорија народот да го измоли Варава, а Исуса да Го погуби.

21 Тогаш управникот ги праша: – Кого од двајцата сакате да ви го пуштам? Тие одговорија: – Варава!

22 Пилат им рече: – А што да направам со Исуса, наречен Христос? Му одговорија сите: – Да биде распнат!

23 Управникот рече: – А какво зло направил? Но тие уште посилно завикаа и рекоа: – Да биде распнат!

24 Пилат, штом виде дека ништо не помага, а се зголемува буната, зеде вода, ги изми рацете пред народот и рече: – Невин сум за крвта на Овој Праведник; мислете му вие!

25 И, одговарајќи целиот народ, рече: – Крвта негова нека падне на нас и на нашите деца!

26 Тогаш им го пушти Варава, а Исуса Го биеше и Го предаде да биде распнат.


(Зачало 112)

27 Потоа, управниковите војници Го зедоа Исуса во судницата и ја собраа целата чета против Него,

28 па, откако Го соблекоа, Му облекоа пурпурна наметка;

29 и сплетоа трнов венец, Му Го кладоа на главата и Му дадоа во десната рака трска; и, паѓајќи на колена, Му се потсмеваа и велеа: – Радувај се, Царе Јудејски!

30 И плукаа на Него и, откако ја зедоа трската, Го удираа по главата.

31 А кога Го исмеаја, Му ја соблекоа пурпурната наметка, Му ги облекоа Неговите алишта и Го поведоа на распнување.

32 На излегување сретнаа еден киринеец, по име Симон; него го натераа да Му го носи крстот. Крај на петтото евангелие за страданијата Христови, за поклонението на Чесниот Крст, и за ризата Господова.


(Зачало 113)

33 И кога дојдоа на местото, наречено Голгота, што значи: место на черепи,

34 Му дадоа да пие оцет, измешан со жолчка; но Он вкуси и не сакаше да пие.

35 А штом Го распнаа, ги разделија алиштата Негови, фрлајќи ждрепка,

36 па седеа таму и Го пазеа;

37 и Му кладоа над главата натпис, со вината Негова: „Овој е Исус, Царот Јудејски“.

38 Тогаш распнаа со Него и двајца разбојници: едниот од десната страна, а другиот од левата. Премини за Вел. Петок, вечерта, на зачало 111-то според Лука. И повторно читај одовде.

39 А минувачите, вртејќи ги главите свои, Го хулеа

40 и велеа: – Ти, што го уриваш храмот и за три дни го соѕидуваш, спаси се Себеси! Ако си Син Божји, слези од крстот!

41 Исто така и првосвештениците, заедно со книжниците и старешините, и фарисеите се потсмеваа и говореа:

42 – Другите ги спаси, а Себеси не може да се спаси. Ако е Он Цар Јудејски, нека слезе, па ќе поверуваме во Него;

43 се надеваше на Бога, нека Го избави сега, ако е по волјата Негова, оти беше рекол: – Син Божји сум!

44 И разбојниците, распнати со Него, Го хулеа, исто така.

45 А од шестиот час настана темнина по целата земја, до деветтиот час;

46 а околу деветтиот час извика Исус со висок глас и рече: – Или! Или! Лама савахтани? – што значи: Боже Мој! Боже Мој! Зошто си Ме оставил?

47 А некои од оние што сто еја таму, кога го чуја тоа, рекоа: – Овој го вика Илија.

48 И веднаш еден од нив отрча, зеде сунѓер, го натопи во оцет и го надена на трска, па Му даваше да пие;

49 другите, пак, велеа: – Чекајте, да видиме, дали ќе дојде Илија да Го спаси.

50 А Исус, откако повторно извика со висок глас, го испушти духот.

51 И наеднаш се расцепи храмовата завеса на два дела, од горниот крај до долниот; и земјата се затресе; и карпи паднаа;

52 и гробови се отворија; и многу тела на упокоени светии воскреснаа;

53 па откако излегоа од гробовите, по воскресението Негово влегоа во светиот град и се јавија на мнозина.

54 А началникот и оние што со него Го чуваа Исуса, откако го видоа земјотресот и сѐ друго што стана, се уплашија многу и говореа: – Навистина Овој бил Син Божји! Крај на седмото евангелие, за св. страданија Христови. Премини за Велики Петок, вечерта, на зачало 61 според Јована. И повторно читај одовде.

55 Таму беа и гледаа оддалеку многу жени, што врвеа по Исуса од Галилеја и Му служеа;

56 меѓу нив беа Марија Магдалина и Марија, мајка им на Јакова и Јосија, и мајката на Заведеевите синови. Крај на првиот час, во петокот

57 А кога се стемни, дојде еден богат човек од Ариматеја, по име Јосиф, кој, исто така, беше ученик на Исуса;

58 тој отиде при Пилата и го побара телото Исусово. Тогаш Пилат нареди да го предадат телото.

59 А Јосиф, штом го зеде телото, Го обви во чиста плаштаница,

60 и Го положи во својот нов гроб, што беше го издлабил во карпа; па откако постави голем камен на гробната врата, си отиде.

61 А таму беа Марија Магдалина и другата Марија, кои седеа спроти гробот. Крај на Вел. Петок, вечерта


(Зачало 114)

62 На другиот ден по петокот, се собраа првосвештениците и фарисеите при Пилата,

63 и рекоа: – Господаре, се сетивме дека Оној измамник, уште додека беше жив, рече: – по три дни ќе воскреснам;

64 затоа, нареди да се причува гробот до третиот ден, за да не отидат учениците Негови ноќе и да Го украдат, па да му речат на народот: – воскресна од мртвите! И последната измама ќе биде полоша од првата.

65 Пилат им рече: – Имате стража; одете и направете како што знаете.

66 Тие отидоа и со стража го обезбедија гробот, и каменот го запечатија. Крај на 12-то евангелие за св. страданија Христови и на Велика Сабота, на утрената

© Македонска Православна Црква 2008

© Мacedonian Orthodox Church 2008

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy