Online Bible

- Reklamy -

Матеј 26 - Свето Евангелие 2008


ГЛАВА 26 (Зачало 107)

1 И кога ги заврши Исус овие зборови, им рече на учениците Свои:

2 – Знаете дека по два дни ќе биде Пасха и Синот Човечки ќе биде предаден на распнување. Крај на Велики Вторник

3 Тогаш првосвештениците и книжниците, и старешините народни се собраа во дворот на првосвештеникот, по име Кајафа,

4 и се советуваа како да Го фатат Исуса на измама и да Го убијат;

5 но рекоа: – Само не на празникот, за да не стане бунт во народот.


(Зачало 108)

6 Акога беше Исус во Витанија, во куќата на Симона Лепрозниот,

7 се приближи до Него една жена, која носеше шише со скапоцено миро, и го изли врз главата Негова, кога Он седеше на трпезата.

8 Штом го видоа тоа, учениците Негови се расрдија и рекоа: – Какво е тоа растурање?

9 Оти тоа миро можеше да се продаде многу скапо и парите да се разделат на сиромаси.

10 Но Исус, разбирајќи го тоа, им рече: – Зошто ја буните жената? Таа направи добро дело за Мене;

11 оти сиромасите ги имате секогаш покрај себе, а Мене Ме немате секогаш;

12 таа, изливајќи го тоа миро врз телото Мое, Ме подготви за погребение.

13 Вистина, ви велам: каде и да биде проповедано ова Евангелие, по цел свет ќе се прикажува за нејзин спомен, што направи таа.

14 Тогаш еден од дванаесетте, по име Јуда Искариот, отиде при првосвештениците,

15 и им рече: – Што ќе ми дадете, па да ви Го предадам? А тие му предложија триесет сребреници.

16 И оттогаш тој бараше погодно време за да Го предаде. Крај на Велика Среда

17 А во првиот ден на празникот Бесквасници, пристапија кон Исуса учениците и Му рекоа: – Каде сакаш да Ти приготвиме да јадеш пасха?

18 Он рече: – Одете в град, при тој и тој човек, и кажете му: Учителот вели: времето Ми наближи, при тебе ќе ја направам Пасхата со учениците Свои.

19 Учениците направија како што им заповеда Исус и ја приготвија пасхата.

20 А штом се стемни, Он седна на трпезата со дванаесетте. Премини за Вел. Четврток, на зачало 44-то од Јована. И повторно читај одовде.

21 И кога јадеа, им рече: – Вистина ви велам: еден од вас ќе Ме предаде.

22 Тие многу се нажалија и секој од нив почна да Го прашува: – Да не сум јас, Господи?

23 А Он им одговори и рече: – Оној што ќе брцне рака со Мене во чинијата, тој ќе Ме предаде.

24 Синот, пак, Човечки доаѓа, како што е напишано за Него; но тешко му на оној човек преку кого Синот Човечки ќе се предаде; добро ќе беше за тој човек, ако не беше се родил.

25 А Јуда, којшто Го предаде, одговори и рече: – Да не сум јас, Рави? Му одговори: – Ти рече.

26 И кога јадеа, Исус зеде леб, го благослови и рече: – Земете, јадете, ова е Моето тело!

27 И откако ја зеде чашата, заблагодари, им даде и рече: – Пијте од неа сите;

28 зашто оваа е Мојата крв на Новиот завет, која се пролева за мнозина, за простување на гревовите!

29 И ви велам, оти отсега нема да пијам од овој лозов плод, сѐ до оној ден, кога ќе пијам нов со вас, во царството на Мојот Отец.

30 И откако испеаја благодарствена песна, се искачија на Маслиновата Гора.

31 Тогаш им рече Исус: – Сите вие ќе се соблазните заради Мене во оваа ноќ; зашто е напишано: „ќе го поразам пастирот и овците од стадото ќе се разбегаат“.

32 А по воскресението Свое, ќе отидам во Галилеја, порано од вас.

33 Тогаш Петар Му одговори и рече: – Дури и сите да се соблазнат заради Тебе, јас никогаш нема да се соблазнам.

34 Исус му рече: – Вистина ти велам: дека оваа ноќ, уште пред да пропее петел, трипати ќе се одречеш од Мене.

35 Петар Му рече: – Ако затреба, дури и да умрам со Тебе, нема да се откажам од Тебе. Истото го рекоа и сите ученици.

36 Потоа, отиде Исус со нив на едно место, наречено Гетсиманија, и им рече на учениците: – Поседете тука, додека отидам онаму да се помолам.

37 И кога ги поведе со Себе Петра и двајцата Заведееви синови, се нажали и почна да тагува.

38 Тогаш им рече Исус: – Смртно е нажалена Мојата душа; останете тука и бидете будни со Мене.

39 И откако се поодалечи малку, падна ничкум; се молеше и говореше: – Оче Мој, ако е можно, нека Ме одмине оваа чаша; но не како Јас што сакам, туку како Ти! Престани овде за Вел. Четврток и премини на зачало 109-то според Лука. И повторно читај одовде.

40 Па дојде при учениците и ги затече како спијат, и му рече на Петра: – Толку ли не можевте еден час да бидете будни со Мене?

41 Бидете будни и молете се, за да не паднете во искушение: духот е бодар, но телото е слабо.

42 Повторно, пак отиде и се помоли, говорејќи: – Оче Мој, ако не може да одмине од Мене оваа чаша, без да ја испијам, тогаш нека биде волјата Твоја.

43 И кога дојде, пак ги најде да спијат, оти очите им беа натежнале.

44 И откако ги остави, отиде и се помоли по третпат, изговарајќи ги истите зборови.

45 Потоа дојде при учениците Свои и им рече: – Спијте и почивајте! Ете, наближи часот и Синот Човечки се предава во рацете на грешници;

46 станете да одиме! Ете, наближи оној што Ме предава;

47 и додека Он уште говореше, ете, Јуда, еден од дванаесетте, дојде, и со него многу луѓе со ножеви и колови, од страна на првосвештениците и старешините народни.

48 А оној, што Го предаваше, им беше дал знак, велејќи: Кого што ќе Го целивам, Он е, фатете Го!

49 И веднаш се приближи до Исуса и Му рече: – Радувај се, Рави! И Го целива.

50 А Исус му рече: – Пријателе, зошто си дошол? Тогаш пристапија, ставија раце на Исуса и Го фатија.

51 И ете, еден од оние што беа со Исуса, откако посегна со раката, го извади својот нож, па штом го удри слугата на првосвештеникот, му го отсече увото.

52 Тогаш Исус му рече: – Врати го ножот на местото негово; бидејќи сите што се фаќаат за нож, од нож ќе загинат;

53 или мислиш дека не можам да Го помолам сега Својот Отец, и Он ќе Ми испрати повеќе од дванаесет легиони ангели?

54 Но, како ќе се исполнат Писмата, ако ова не биде?

55 Тогаш Исус му рече на народот: – Како на разбојник сте излегле со ножеви и колови, за да Ме фатите; секој ден седев со вас, поучувајќи во храмот, и не Ме фативте.

56 Но сето ова беше за да се исполнат пророчките книги. Тогаш сите ученици Го оставија и се разбегаа.


(Зачало 109)

57 Авојниците што Го фатија Исуса, Го одведоа при првосвештеникот Кајафа, каде што беа собрани книжниците и старешините.

58 Петар, пак, одеше по Него оддалеку, до дворот на првосвештеникот; и откако влезе внатре, седна со слугите, за да го види крајот.

59 А првосвештениците и старешините, и целиот Синедрион бараа лажно сведоштво против Исуса, за да Го убијат,

60 и не наоѓаа; и, иако пристапија многу лажни сведоци, не најдоа. Но, најпосле дојдоа двајца лажни сведоци,

61 и рекоа: – Овој кажа: можам да го урнам Божјиот храм и за три дни да го соѕидам.

62 И откако стана првосвештеникот, Му рече: – Ништо ли не одговараш, што сведочат овие против Тебе?

63 Но, Исус молчеше. А првосвештеникот Му рече: – Те заколнувам во Живиот Бог да ни кажеш; Ти ли си Христос, Синот Божји?

64 Исус му одговори: – Ти рече. Но, ви велам: отсега ќе Го видите Синот Човечки како седи оддесно на силата и како доаѓа по небеските облаци.

65 Тогаш првосвештеникот ги раскина алиштата свои и рече: – Овој хули на Бога! Каква потреба имаме повеќе од сведоци? Ете, сега го чувте Неговото хулење.

66 Како ви се чини? А тие одговорија и рекоа: – Заслужува смрт!

67 Тогаш Го плукаа в лице и Го удираа по образи, а други Го биеја

68 и говореа: – Проречи ни, Христе, кој Те удри?

69 А Петар седеше надвор во дворот. И се приближи до него една слугинка и рече: – И ти беше со Исуса Галилеецот.

70 Но, тој се одрече пред сите, велејќи: – Не знам што говориш.

71 А кога одеше кон вратата, го виде друга и им рече на оние што беа таму: – И овој беше со Исуса Назареецот.

72 И тој повторно се одрече со клетва: – Не Го познавам Човекот.

73 Малку потоа се приближија оние, што стоеја таму и му рекоа на Петра: – Навистина и ти си од нив, зашто и говорот твој те издава.

74 Тогаш тој почна да се колне, и се заколна: – Не Го познавам Човекот! И веднаш запеа петел.

75 И се сети Петар на Исусовите зборови, што му ги рече: – уште пред да пропее петел, трипати ќе се одречеш од Мене. Па излезе надвор и плачеше горко. Крај на третото евангелие за страданијата Христови

© Македонска Православна Црква 2008

© Мacedonian Orthodox Church 2008

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy