Online Bible

- Reklamy -

Матеј 25 - Свето Евангелие 2008


ГЛАВА 25 (Зачало 104)

1 Тогаш царството небесно ќе заприлега на десет девојки, кои ги зедоа своите светилници и излегоа да го пречекаат младоженецот.

2 Петте од нив беа мудри, а петте – неразумни.

3 Неразумните, откако ги зедоа светилниците свои, не понесоа со себе масло;

4 а мудрите, заедно со светилниците, зедоа во садовите свои и масло;

5 и, бидејќи младоженецот се забави, сите задремаа и заспаа.

6 А на полноќ се чу викање: – Ете, младоженецот доаѓа, излезете да го пречекате.

7 Тогаш сите тие девојки станаа и ги подготвија своите светилници.

8 Неразумните, пак, им рекоа на мудрите: – Дајте ни од маслото ваше, зашто нашите светилни ци гаснат.

9 Мудрите им одговорија и рекоа: – Да не би да не ни стигне и нам и вам; подобро отидете кај продавачите и купете си.

10 А кога отидоа тие да купат, пристигна младоженецот и подготвените влегоа со него на свадбата, и вратите се затворија.

11 Потоа дојдоа и другите девојки и викаа: – Господаре, господаре, отвори ни!

12 А тој им одговори и рече: – Вистина, ви велам: не ве познавам.

13 И така, бидете будни, оти не го знаете ни денот ни часот, кога ќе дојде Синот Човечки. Крај на саботата


(Зачало 105)

14 Зашто, Он ќе постапи како човек, кој, тргнувајќи на пат, ги повика слугите свои и им го предаде својот имот;

15 и на едниот му даде пет таланти, на вториот два, на третиот еден; секому според силата негова; и веднаш замина.

16 Оној, што зеде пет таланти, отиде, ги употреби во работа и спечали други пет таланти;

17 исто така и оној што зеде два таланта, спечали други два;

18 а оној што доби еден талант, отиде и го закопа в земја и го сокри среброто на својот господар.

19 По долго време, дојде господарот на тие слуги и им побара сметка.

20 И кога пристапи оној што беше примил пет таланти, донесе уште други пет и рече: – Господаре, ти ми предаде пет таланти; ете, сум спечалил и други пет.

21 Господарот му рече: – Убаво, добар и верен слуго! Во малку си бил верен, над многу ќе те поставам; влези во радоста на својот господар.

22 Дојде, исто така, и оној што беше примил два таланта и рече: – Господаре, ти ми предаде два таланта; ете, со нив спечалив други два.

23 Господарот му рече: – Убаво, добар и верен слуго! Во малку си бил верен, над многу ќе те поставам; влези во радоста на својот господар!

24 Пристапи и оној што беше зел еден талант и рече: – Господаре, те знев дека си жесток човек: жнееш каде што не си сеел и собираш каде што не си веел;

25 па се уплашив и отидов, та го сокрив твојот талант в земја; ете ти го твоето.

26 А господарот му одговори и рече: – Лукав и мрзлив слуго! Ти знаеш дека жнеам, каде што не сум сеел и собирам каде што не сум веел;

27 затоа требаше моето сребро да го дадеш на трговците, па јас, кога ќе дојдам, ќе си го приберам своето, со добивка;

28 земете го од него талантот и дајте му го на оној што има десет таланти;

29 зашто, секому што има, ќе му се даде и преумножи, а од оној што нема, ќе се одземе и тоа што го има;

30 а лошиот слуга фрлете го во крајна темнина; таму ќе биде плач и крцкање со заби. Откако го рече тоа, извика: – Кој има уши да слуша, нека чуе! Крај на неделата


(Зачало 106)

31 Акога ќе дојде Синот Човечки во Својата слава и сите свети ангели со Него, тогаш ќе седне на престолот на славата Своја,

32 и ќе се соберат пред Него сите народи; па ќе ги оддели едни од други, како што овчарот ги одделува овците од козите;

33 и ќе ги постави овците од Својата десна страна, а козите од левата.

34 Тогаш Царот ќе им каже на оние што Му се од десната страна: – Дојдете, благословени од Мојот Отец; наследете го царството, подготвено за вас од почетокот на светот;

35 оти, гладен бев, и Ми дадовте да јадам; жеден бев и Ме напоивте, странец бев и Ме примивте;

36 необлечен бев и Ме облековте; болен бев и Ме посетивте; в затвор бев и дојдовте при Мене.

37 Тогаш праведниците ќе Му одговорат и речат: – Господи, кога Те видовме гладен и Те нахранивме, или жеден и Те напоивме?

38 Кога Те видовме странец и Те прибравме, или необлечен и Те облековме?

39 Кога Те видовме болен, или во затвор и Те посетивме?

40 А Царот ќе им одговори и рече: – Вистина, ви велам: доколку сте го направиле тоа на еден од тие Мои најмали браќа, Мене сте Ми го направиле.

41 Тогаш ќе им каже и на оние што се од левата страна: – Одете од Мене, проклети, во вечен оган, подготвен за ѓаволот и неговите ангели.

42 Зашто, гладен бев и не Ми дадовте да јадам, жеден бев и не Ме напоивте;

43 странец бев и не Ме прибравте; необлечен бев и не Ме облековте; болен и во затвор бев и не Ме посетивте.

44 Тогаш и тие ќе Му одговорат и речат: – Господи, кога Те видовме гладен, или жеден, или странец, или необлечен, или болен; или в затвор и не Те послуживме?

45 Тогаш ќе им одговори и рече: – Доколку не сте го направиле тоа на еден од овие најмали браќа и Мене не сте Ми го направиле.

46 И тие ќе отидат во вечна мака, а праведниците – во живот вечен. Крај на месопусната недела

© Македонска Православна Црква 2008

© Мacedonian Orthodox Church 2008

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy