Матеј 23 - Свето Евангелие 2008ГЛАВА 23 (Зачало 93) 1 Тогаш Исус му проповедаше на народот и на учениците Свои, 2 говорејќи: – На Мојсеевото седиште седнаа книжниците и фарисеите. 3 Затоа, сѐ што ќе ви кажат да пазите, пазете и извршувајте; а според делата нивни не постапувајте, оти тие говорат, а не извршуваат; 4 врзуваат бремиња тешки и мачни за носење и ги клаваат врз плеќите на луѓето, а сами не сакаат ни со прст да ги помрднат; 5 и сите свои дела ги прават за да ги видат луѓето; ги рашируваат своите записи и прават големи поли на својата облека; 6 сакаат први места по гозбите и предни места во синагогите, 7 и поздрави по улиците, и да им велат луѓето: учителе, учителе! 8 А вие, немојте да се викате учители, зашто еден е вашиот Учител – Христос, а вие сите сте браќа; 9 и никого не викајте на земјата свој татко, оти еден е вашиот Отец, Кој е на небесата; 10 и наставници немојте да се викате, зашто еден е вашиот Наставник – Христос. 11 Но поголемиот меѓу вас, да ви биде слуга; 12 зашто, кој се воздига – ќе биде понизен; а кој се понизува – ќе биде воздигнат. Крај на саботата (Зачало 94) 13 Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, затоа што го затворате царството небесно пред луѓето; оти, ниту вие влегувате, ниту ги пуштате да влезат оние што сакаат да влезат. 14 Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, оти ги подјадувате домовите на вдовиците и лицемерно долго се молите; заради тоа ќе добиете поголема осуда. 15 Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, зашто обиколувате по море и по суша за да добиете еден следбеник и кога ќе успеете во тоа, тогаш го правите син на пеколот, двапати полош од вас. 16 Тешко вам, водачи слепи, кои велите: – ако се заколне некој во храмот, не е ништо; но, ако се заколне некој во храмовото злато, виновен е. 17 Безумни и слепи! Навистина, што е поголемо: златото или храмот, којшто го осветува златото? 18 Исто така велите: – ако некој се заколне во жртвеникот, ништо не е; но, ако некој се заколне во дарот што е на него, виновен е. 19 Безумни и слепи! Навистина, што е посвето: дарот или жртвеникот, којшто го осветува дарот? 20 А кој ќе се заколне во жртвеникот, се колне во него и во сѐ што е врз него; 21 и кој ќе се заколне во храмот, се колне во него и во Оној Кој живее во него; 22 и кој ќе се заколне во небото, се колне во престолот Божји и во Оној што седи на него. Крај на понеделникот (Зачало 95) 23 Т ешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, оти давате десеток од најситни семиња, нане, копар и кимин, а сте го оставиле најважното во Законот: правдата, милоста и верата; ова требаше да го правите, а и она да не го оставате. 24 Водачи слепи! Вие комарецот го прецедувате, а камилата ја проголтувате. 25 Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, зашто ја чистите чашата и чинијата однадвор, додека внатре тие се полни со грабеж и неправда. 26 Слеп фарисеју, очисти ја чашата и чинијата, најнапред внатре, за да бидат чисти и однадвор. 27 Тешко вам книжници и фарисеи, лицемери, оти многу личите на варосани гробови, кои однадвор изгледаат убаво, а внатре се полни со мртовечки коски и секаква нечистотија; 28 така и вие, однадвор им се покажувате на луѓето како праведни, а внатре сте полни со лицемерност и беззаконие. Крај на вторникот (Зачало 96) 29 Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, оти ѕидате гробници за пророците и ги украсувате спомениците на праведните, 30 и велите: – ако живеевме во дните на нашите татковци, немаше да станеме нивни соучесници во крвта на пророците; 31 а со тоа сведочите сами против себе, дека сте синови на оние што ги убиле пророците. 32 Дополнете ја и вие мерата на татковците ваши. 33 Змии, породи ехидни, како ќе побегнете од пресудата за во пеколот? 34 Затоа, ете, Јас праќам при вас пророци и мудреци и книжници; едните ќе ги убиете и распнете, а другите ќе ги биете по синагогите и ќе ги прогонувате од град во град; 35 за да падне врз вас сета праведна крв што е пролеана на земјата, од крвта на праведниот Авел, па до крвта на Захарија, синот Варахиин, кого го убивте меѓу храмот и жртвеникот. 36 Вистина ви велам: сето тоа ќе падне врз овој род. 37 Ерусалиме, Ерусалиме, ти што ги убиваш пророците и со камења ги засипуваш испратените при тебе! Колкупати сакав да ги соберам чедата твои како квачка што ги собира пилињата свои под крилја, и вие не сакавте. 38 Ете, ви се остава вашиот дом пуст. 39 Оти, ви велам: нема да Ме видите отсега додека не кажете: благословен е Оној Кој доаѓа во името Господово. Крај на средата и на Велики Вторник, на утрената |