Матеј 22 - Свето Евангелие 2008ГЛАВА 22 (Зачало 89) 1 И, одговарајќи Исус, повторно, им говореше во параболи и велеше: 2 – Царството небесно прилега на човек-цар, кој му направи свадба на својот син, 3 и ги испрати своите слуги да ги повикаат поканетите на свадба; а тие не сакаа да дојдат. 4 Повторно испрати други слуги и им рече: – Кажете им на поканетите: ете, приготвив јадење; јунците мои и сѐ што е угоено се заклани, и сѐ е готово; дојдете на свадба. 5 Но тие не сакаа да знаат за тоа, туку си отидоа: кој на нива, кој по трговија; 6 а некои, пак, ги фатија неговите слуги, ги исмеаја и ги убија. 7 Штом чу за тоа царот, се налути, испрати своја војска, па ги погуби убијците и им го изгоре нивниот град. 8 Тогаш им рече на слугите свои: – Свадбата е готова, но поканетите не беа достојни. 9 Затоа, одете по раскрсниците и колку души ќе најдете, поканете ги на свадба. 10 И откако излегоа слугите на раскрсниците, ги собраа сите што ги најдоа – и лоши и добри; и се наполни свадбениот дом со гости. 11 Кога влезе, пак, царот да ги види гостите, забележа еден необлечен во свадбена облека, 12 па му рече: – Пријателе, како влезе овде, необлечен во свадбена облека? А тој молчеше. 13 Тогаш царот им рече на слугите: – Врзете му ги рацете и нозете, земете го и фрлете го во крајната темнина; таму ќе биде плач и крцкање со заби; 14 зашто, мнозина се повикани, а малцина избрани. Крај на неделата (Зачало 90) 15 Т огаш фарисеите отидоа и се договорија како да Го фатат во некој збор. 16 И ги испраќаа при Него своите ученици, заедно со некои иродовци, говорејќи: – Учителе, знаеме дека си правичен и навистина ги учиш луѓето на патот Божји, и не се плашиш од никого, бидејќи не гледаш кој е кој; 17 затоа кажи ни; како Ти се чини: треба ли да се дава данок на царот или не? 18 Но Исус го разбра лукавството нивно и рече: – Што Ме искушувате, лицемери? 19 Покажете Ми една даночна пара! Тие Му донесоа еден пенез. 20 И им рече: – Чиј е овој лик и натпис? 21 Тие Му одговорија: – На царот. Тогаш им рече: – Подајте го царевото на царот, а Божјото на Бога! 22 И штом го чуја тоа, тие се восхитија, Го оставија и си отидоа. Крај на саботата (Зачало 91) 23 Во истиот ден пристапија кон Него и садукеите, кои велат дека нема вос кресение, и Го прашаа, говорејќи: 24 – Учителе, Мојсеј рече: ако умре некој без деца, тогаш брат му нека ја земе жената негова и нека го подигне потомството на брата си. 25 При нас беа седуммина браќа: првиот се ожени и умре; па, бидејќи немаше пород, ја остави жената своја на брата си; 26 исто така направи и вториот, и третиот, дури и седмиот; 27 а по сите нив, умре и жената. 28 При воскресението, на кого од седумтемина ќе биде таа жена, бидејќи со сите живеела? 29 Исус им одговори: – Се лажете, оти не ги познавате Книгите, ниту силата Божја; 30 зашто при воскресението, луѓето ниту ќе се женат, ниту ќе се мажат, а ќе живеат како ангели Божји на небесата. 31 А за воскресението на мртвите, не сте читале ли што ви рекол Бог, Кој вели: 32 „Јас сум Бог Авраамов, Бог Исааков, и Бог Јаковов“. Бог не е Бог на мртвите, туку на живите. 33 И народот, слушајќи го тоа, се восхитуваше на Неговата наука. Крај на петокот (Зачало 92) 34 Афарисеите, кога чуја дека ги посрами садукеите, се здружија со нив. 35 И еден од нив, законик, искушувајќи Го, запраша и рече: 36 – Учителе, која заповед е најголема во Законот? 37 А Исус му одговори: – Возљуби го Господа својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој разум! 38 Оваа е првата и најголема заповед; 39 а втората е слична на неа: – Возљуби го својот ближен како себе си! 40 На тие две заповеди се крепат целиот Закон и Пророците. 41 И кога се собраа фарисеите, Исус ги праша и рече: 42 – Што мислите за Христа? Чиј е син? Му одговорија: Давидов. 43 Им рече: – Како тогаш Давид, вдахновен, Го нарече Господ, велејќи: 44 „Му рече Господ на Мојот Господ: седи од Мојата десна страна, додека не ги положам Твоите непријатели во подножјето на нозете Твои“. 45 И така, ако Давид Го нарече Господ, како тогаш да Му е Он син? 46 И никој не можеше да Му одговори ни збор, и од тој ден никој веќе не се осуди да Го праша. Крај на неделата |