Матеј 21 - Свето Евангелие 2008ГЛАВА 21 (Зачало 83) 1 И кога наближија до Ерусалим и дојдоа до Витфагија при Маслиновата Гора, тогаш Исус испрати двајца ученици, 2 велејќи: – Отидете во селоно што е наспроти вас и веднаш ќе најдете врзана магарица и магаренце со неа; одврзете ги и доведете Ми ги! 3 И, ако ви рече некој нешто, ќе кажете дека Му треба на Господа, и веднаш ќе ги прати. 4 А сето тоа стана за да се исполни кажаното преку пророкот, кој вели: 5 „Кажете ѝ на ќерката Сионова: ете, твојот Цар, иде при тебе кроток, и качен на магарица и магаренце, Син на подјаремница“. 6 Учениците отидоа и направија така, како што им беше заповедал Исус: 7 Ги дотераа магарицата и магаренцето и ги кладоа одозгора алиштата свои; и Он седна на нив. 8 А мнозина од народот ги постилаа по патот облеките свои; други, пак, сечеа гранки од дрвјата и ги постилаа по патот; 9 а народот, што врвеше пред Него и по Него, викаше и велеше: – Осана на Давидовиот Син! Благословен е Оној Кој доаѓа во името Господово! Осана на висините! 10 И кога влезе во Ерусалим, целиот град се збуни, велејќи: – Кој е Овој? 11 А народот одговараше: – Овој е Исус, пророкот од Назарет Галилејски. Изостави во неделата на Цветници 12 И влезе Исус во храмот Божји и ги истера сите што продаваа и купуваа во храмот, им ги растури масите на менувачите и столовите на оние што продаваа гулаби, 13 и им велеше: – Напишано е: „домот Мој, дом за молитва ќе се нарече“, а вие го направивте како разбојничка пештера. 14 И дојдоа при Него во храмот слепи и куци, и Он ги исцели. Изостави во петокот. Читај на Цветници. 15 А првосвештениците и книжниците, гледајќи ги чудата што ги направи Он и, слушајќи ги децата што викаа во храмот и велеа: – Осана на Давидовиот Син! – негодуваа 16 и Му рекоа: – Слушаш ли што велат тие? А Он им рече: – Да! Зар никогаш не сте читале: „од устата на децата и од оние што цицаат Ти си приготвил пофалба“? Читај во петокот 17 И откако ги остави, отиде надвор од градот, во Витанија, и таму преноќи. Крај на Цветници (Зачало 84) 18 А утредента, враќајќи се во градот, огладне; 19 и виде покрај патот смоква и отиде до неа; па како не најде на неа ништо освен лисјата, рече: – Отсега да нема плод на тебе довека! И смоквата веднаш се исуши. 20 Откако Го видоа тоа, учениците се зачудија и рекоа: – Како одеднаш се исуши смоквата! Крај на петокот 21 А Исус им одговори и рече: – Вистина ви велам: ако имате вера и не се посомневате, не само тоа што стана со смоквата ќе извршите, туку, ако и на оваа планина ѝ речете: дигни се и фрли се в море, – ќе биде; 22 и сѐ, што и да побарате во молитва со вера, – ќе добиете. Крај на понеделникот (Зачало 85) 23 И кога дојде Он во храмот и поучуваше, пристапија кон Него првосвештениците и старешините народни и рекоа: – Со каква власт го правиш тоа? И кој Ти ја дал таа власт? 24 А Исус им одговори и рече: – Ќе ве прашам и Јас еден збор: ако Ми одговорите на него и Јас ќе ви кажам, со каква власт го правам тоа; 25 крштението Јованово од каде беше: од небото или од луѓето? А тие размислуваа помеѓу себе и велеа: ако кажеме – од небото, ќе ни рече: па зошто не му поверувавте? 26 А, ако речеме – од луѓето, се плашиме од народот, оти сите го сметаат Јована за пророк. 27 Па, одговарајќи Му на Исуса, рекоа: – Не знаеме. А Он им рече: – И Јас не ви кажувам со каква власт го правам тоа. Крај на вторникот (Зачало 86) 28 Акако ви се чини? Еден човек имаше два сина; па отиде при првиот и му рече: – Сине, оди денеска да работиш во моето лозје! 29 Тој одговори и рече: – Не сакам! Но потоа се покаја и отиде. 30 Па кога дојде и при вториот, му го рече истото. Тој одговори и рече: – Ќе отидам, господаре! Ама не отиде. 31 Кој од двајцата ја исполни татковата волја? Му одговорија: – Првиот. Тогаш Исус им рече: – Вистина ви велам, дека цариниците и блудниците ќе влезат пред вас во царството Божјо; 32 зашто, дојде при вас Јован по праведен пат и вие не му поверувавте, а цариниците и блудниците му поверуваа; вие, пак, иако видовте, не се покајавте отпосле, за да му поверувате. Крај на средата (Зачало 87) 33 Чујте друга парабола: Имаше еден човек домаќин, кој насади лозје, го загради со плот, ископа бунар, направи кула и, откако го предаде на лозарите, си отиде. 34 И кога наближи времето за берење, тој ги испрати при лозарите своите слуги, за да му ги приберат плодовите. 35 Но лозарите, кога ги фатија неговите слуги, едниот го претепаа, другиот го убија, а третиот со камења го засипаа. 36 Тој испрати сега други слуги, повеќе од првите, но и со нив направија исто. 37 Најпосле го испрати при нив својот син, велејќи: – Ќе се засрамат од сина ми. 38 Ама лозарите, штом го видоа сина му, си рекоа помеѓу себе: – Овој е наследникот; ајде да го убиеме и да го присвоиме наследството негово. 39 Па штом го фатија, го изведоа надвор од лозјето и го убија. 40 А кога ќе дојде господарот на лозјето, што ќе им направи на тие лозари? 41 Му одговорија: – Злосторниците ќе ги погуби, а лозјето ќе го даде на други лозари, што ќе му ги даваат плодовите навреме. 42 А Исус им рече: – Зар не сте читале во Книгите: „каменот, што го отфрлија ѕидарите, стана камен аголен: тоа е од Господа и прекрасно е во очите наши“. Крај на неделата и на светителот (Зачало 88) 43 Затоа ви велам, дека царството Божјо ќе се земе од вас и ќе му се даде на народ што ги принесува неговите плодови. Крај на Велики Понеделник, на утрената. 44 И кој ќе падне врз тој камен, – ќе се разбие; а врз кого тој ќе падне, – ќе го здроби. 45 И, слушајќи ги Неговите параболи, првосвештениците и фарисеите разбраа дека говори за нив, 46 и гледаа да Го фатат, но се плашеа од народот, зашто Го сметаа за пророк. Крај на четвртокот |