Матеј 20 - Свето Евангелие 2008ГЛАВА 20 (Зачало 80) 1 Зашто царството небесно прилега на домаќин, кој излезе рано наутро да најми работници за своето лозје, 2 па, штом се погоди со работниците по пенез на ден, ги прати во лозјето свое. 3 Потоа, кога излезе околу третиот час и виде други како стојат на пазариштето без работа, 4 им рече: – Одете и вие во моето лозје, па што е право, ќе ви дадам; и тие отидоа. 5 Повторно излезе околу шестиот и деветтиот час и направи исто. 6 А околу единаесеттиот час одново излезе и најде други, како стојат без работа, и им рече: – Зошто стоите тука цел ден без работа? 7 Тие му одговорија: – Никој не нѐ повика. А тој им рече: – Одете во моето лозје, и што е право, ќе добиете. 8 А кога се стемни, господарот на лозјето му рече на својот настојник: – Повикај ги работниците и плати им, почнувајќи од последните, па до првите. 9 И дојдените околу единаесеттиот час добија по пенез. 10 А кога дојдоа првите, помислија оти ќе примат повеќе, но и тие добија по пенез; 11 и штом добија, негодуваа против господарот 12 и велеа: – Оние последните работеа еден час, а ти ги изедначи со нас, што ја претрпевме тешкотијата на денот и жегата. 13 А тој одговори и рече: – Пријателе, не те онеправдувам: нели се погоди со мене за пенез? 14 Земи си го своето и оди си; и на овој, последниов, сакам да му дадам колку и тебе; 15 зар немам право да правам со своето што сакам? Или ти е окото завидливо, што сум добар? 16 Така ќе бидат последните први, а првите – последни; зашто мнозина се повикани, а малцина избрани. Крај на средата (Зачало 81) 17 И кога се искачуваше Исус кон Ерусалим, ги зеде насамо дванаесетте ученици и по патот им рече: 18 – Ете, се искачуваме кон Ерусалим и Синот Човечки ќе биде предаден на првосвештениците и книжниците, и ќе Го осудат на смрт; 19 и ќе Го предадат на незнабошците за да биде исмеан и биен, и распнат; и на третиот ден, ќе воскресне. 20 Тогаш пристапи до Него мајката на Заведеевите синови, заедно со своите синови и, клањајќи се, Го молеше нешто. 21 А Он ѝ рече: – Што бараш? Таа Му одговори: – Заповедај овие мои два сина да седнат при Тебе, едниот оддесно, а другиот одлево, во Твоето царство. 22 Исус им одговори и рече: – Не знаете што барате. Можете ли да ја пиете чашата што ќе ја пијам Јас; или да се крстите со крштението, со кое се крштевам Јас? Тие Му одговорија: – Можеме! 23 И им рече: – Чашата Моја ќе ја пиете, и со крштението, со кое се крштевам Јас, ќе се крстите; ама да се седи од Мојата десна и лева страна, тоа не зависи од Мене; таму ќе седнат оние за кои е подготвено од Мојот Отец. 24 И десетте, кога чуја, негодуваа против двајцата браќа. 25 Но Исус, кога ги повика, им рече: – Знаете дека кнезовите народни владеат над народите, и управниците господарат над нив; 26 меѓу вас, пак, нема да биде така; но, кој меѓу вас сака да биде поголем, нека ви биде слуга; 27 и кој сака меѓу вас да биде прв, нека ви биде роб; 28 како што и Синот Човечки не дојде да Му служат, туку дојде да послужи и да ја даде душата Своја за откуп на мнозина. Крај на четвртокот (Зачало 82) 29 И кога излегуваше од Ерихон, по Него врвеше многу народ. 30 И ете, двајца слепи, седнати покрај патот, штом чуја дека минува Исус, извикаа и рекоа: – Помилуј нѐ, Господи, Сине Давидов! 31 А народот им велеше да молчат; но тие уште посилно викаа и велеа: – Помилуј нѐ, Господи, Сине Давидов! 32 И кога застана Исус, ги повика и рече: – Што сакате да ви направам? 33 Тие Му одговорија: – Да ни се отворат очите наши. 34 А Исус се смилува и се допре до нивните очи, и одеднаш им прогледаа очите нивни; и тие тргнаа по Него. Крај на саботата |