Online Bible

- Reklamy -

Матеј 2 - Свето Евангелие 2008


ГЛАВА 2 (Зачало 3)

1 Акога се роди Исус во Витлеем Јудејски во дните на царот Ирод, ете, дојдоа во Ерусалим мудреци од Исток и рекоа:

2 Каде е новородениот Цар Јудејски? Зашто ја видовме Неговата ѕвезда на Исток, па дојдовме да Му се поклониме.

3 Штом го чу тоа, царот Ирод се вознемири, и целиот Ерусалим со него.

4 И кога ги собра сите првосвештеници и книжници народни, ги прашуваше: – Каде ќе се роди Христос?

5 А тие му рекоа: – Во Витлеем Јудејски; зашто така е напишано преку пророкот:

6 „И ти, Витлееме, земјо Јудина, по ништо не си помал од Јудините владетелства; зашто од тебе ќе излезе водач што ќе го пасе Мојот народ Израилски“.

7 Тогаш Ирод тајно ги повика мудреците и дозна од нив за времето кога се појавила ѕвездата,

8 па, испраќајќи ги во Витлеем, рече: – Отидете, распрашајте добро за Младенецот; и штом ќе Го најдете, јавете ми, за да отидам и јас да Му се поклонам.

9 Тие, пак, откако го ислушаа царот, си заминаа. И ете, ѕвездата што ја беа виделе на исток врвеше пред нив, додека не пристигна и се запре над местото, каде што беше Младенецот.

10 А кога ја видоа ѕвездата, тие се зарадуваа со многу голема радост.

11 И влегоа во куќата, Го видоа Младенецот со мајка Му Марија, и паднаа, па Му се поклонија; а штом ги отворија своите ковчежиња, Му принесоа дарови: злато, ливан и смирна.

12 И кога примија во сон вест, да не се враќаат кај Ирода, си заминаа по друг пат, за својата земја. Крај на литургијата и на шестиот час


(Зачало 4)

13 А штом си отидоа тие, ете, ангел Господов му се јави на Јосифа во сон, говорејќи: – Стани, земи Го Младенецот и мајка Му, па бегај во Египет и остани таму додека не ти кажам, бидејќи Ирод ќе Го бара Младенецот за да Го погуби.

14 И тој стана, Го зеде Младенецот и мајка Му ноќно време, па отиде во Египет.

15 И таму беше до смртта Иродова, за да се исполни реченото од Господа, преку пророкот, кој вели: „Од Египет Го повикав Мојот Син“.

16 Тогаш Ирод, кога виде дека е измамен од мудреците, се разгневи многу и испрати, та ги уби сите деца во Витлеем и по целата негова околија од две години и надолу, според времето што точно го беше дознал од мудреците.

17 Тогаш се исполни кажаното преку пророкот Јеремија, кој говори:

18 „Глас се слуша во Рама, плач и ридање, и пискот голем: Рахила плаче за своите деца и не сака да се утеши, зашто ги нема“.

19 А по смртта на Ирода, ете, ангел Господов му се јави насон на Јосифа, во Египет,

20 и му рече: – Стани, земи Го Младенецот и мајка Му, и отиди во земјата израилева, зашто изумреа оние што ја бараа душата на Младенецот.

21 Тој стана, Го зеде Младенецот и мајка Му, и дојдоа во земјата израилева.

22 Но, кога чу дека во Јудеја царува Архелај, место татка си Ирода, се исплаши да отиде таму; и, откако доби вест насон тој замина во пределите галилејски.

23 И кога пристигна, се насели во градот наречен Назарет, за да се исполни кажаното преку пророците дека ќе се нарече Назареец. Крај на неделата на Младенци и на деветтиот час

© Македонска Православна Црква 2008

© Мacedonian Orthodox Church 2008

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy