Матеј 19 - Свето Евангелие 2008ГЛАВА 19 1 Кога ги заврши Исус тие зборови, тргна од Галилеја и пристигна во пределите јудејски, оданде Јордан. 2 По Него одеше многу народ, и Он ги исцели таму. Изостави во вторникот (Зачало 78) 3 И дојдоа кај Него фарисеите што Го искушуваа, па Му рекоа: – Може ли човек да ја остави жената своја за каква и да било причина? 4 Он им одговори и рече: – Не сте ли читале дека Оној што ги создаде во почетокот, маж и жена ги создаде и рече: 5 „Затоа ќе остави човек татко и мајка и ќе се прилепи до жената своја, и ќе бидат обата едно тело“. 6 Па така, тие веќе не се двајца, а едно тело. А Бог што составил, човек да не разделува. 7 Тие Му рекоа: – Зошто тогаш Мојсеј заповеда да ѝ даде мажот разводно писмо и да ја напушти? 8 Он им одговори: – Заради вашите лоши срца Мојсеј ви разрешил да ги оставате жените свои; но, во почетокот не беше така; 9 Јас, пак, ви велам: оној што ќе ја остави жената своја, освен поради прељуба, и ќе се ожени со друга, тој прави прељуба; и оној што ќе се ожени со напуштена, прељубодејствува. 10 А учениците Негови Му рекоа: – Ако е таков долгот на човекот кон жената, тогаш не треба ни да се жени? 11 Но, Он рече: – Не сите го примаат овој збор, а само оние на кои им е дадено; 12 зашто има скопени, така родени од мајчината утроба; а има скопени и од луѓе; но, има и такви што се скопени само заради царството небесно. Кој може да прими, нека прими! Крај на саботата. Читај во вторникот 13 Тогаш доведоа при Него деца, за да ги положи рацете над нив и да се помоли, а учениците им бранеа. 14 Но Исус рече: – Оставете ги децата и не пречете им да доаѓаат при Мене, зашто на так ви е царството небесно. 15 И кога ги положи рацете над нив, Исус си отиде оттаму. Крај на вторникот (Зачало 79) 16 И ете, еден млад човек, кога пристапи до Него, Му рече: – Благ Учителе, какво добро треба да направам, за да имам живот вечен? 17 А Он му одговори: – Зошто Ме викаш благ? Никој не е благ, освен единиот Бог. А, ако сакаш да влезеш во животот, исполнувај ги заповедите. 18 Тој Му рече: – Кои? А Исус одговори: – Не убивај, не прељубодејствувај, не кради, не сведочи лажно; 19 почитувај ги таткото и мајката; сакај ги ближните свои како себеси! 20 Младиот човек Му рече: – Сето тоа сум го запазил од младоста моја; што уште ми е потребно? 21 Исус му рече: – Ако сакаш да бидеш совршен, оди, продај го имотот свој и раздели го на сиромаси, и ќе имаш сокровиште на небото; па дојди и врви по Мене! 22 Штом ги чу младиот човек тие зборови, си отиде нажален, оти имаше голем имот. 23 А Исус им рече на учениците свои: – Вистина, ви велам, богат мачно ќе влезе во царството небесно; 24 и уште ви велам: полесно е камила да мине низ иглени уши, отколку богат да влезе во царството Божјо. 25 Кога го чуја тоа учениците, многу се зачудија и рекоа: – Тогаш, кој може да се спаси? 26 А Исус, кога погледна на нив, им рече: – За луѓето тоа е неможно, ама за Бога сѐ е можно. Крај на 12-та недела. Читај во неделата на сите светии 27 Тогаш Петар одговори и Му рече: – Ете, ние оставивме сѐ и по Тебе одиме: што ќе стане, пак, со нас? 28 А Исус им рече: – Вистина ви велам, дека, вие што врвите по Мене, при повторното раѓање, кога Синот Човечки ќе седне на престолот на славата Своја, ќе седнете и вие на дванаесет престоли и ќе судите над дванаесетте Израилеви колена; 29 и секој што ќе остави куќа, или брат, или сестра, или татко, или мајка, или жена, или деца, или ниви, заради Моето име, ќе наследи стопати повеќе и ќе добие живот вечен. 30 И мнозина први ќе бидат последни, а последните – први. Крај на неделата на сите светии |