Матеј 18 - Свето Евангелие 2008ГЛАВА 18 (Зачало 74) 1 Во тој час се приближија учениците до Исуса и рекоа: – Кој е поголем во царството небесно? 2 И откако повика Исус едно дете, го постави меѓу нив 3 и рече: – Вистина ви велам, ако не се преобратите и не бидете како деца, нема да влезете во царството небесно; 4 значи, кој ќе се смири како ова дете, тој е поголем во царството небесно; Крај на саботата 5 и, кој прима такво дете во Мое име, Мене Ме прима; 6 а кој ќе соблазни едно од овие малите, за него е поарно да му се обеси воденичен камен на вратот и да потоне во морската длабочина. 7 Тешко на светот од соблазни, оти соблазните треба да дојдат; но тешко на оној човек, преку кого доаѓа соблазна. 8 Ако те соблазнува раката твоја или ногата твоја, пресечи ја и фрли ја од себе: подобро е за тебе да влезеш во животот без рака или без нога, отколку со две раце и две нозе да бидеш фрлен во вечниот оган; 9 и, ако те соблазнува окото твое, извади го и фрли го од себе: подобро е за тебе да влезеш во животот со едно око, отколку да ги имаш и двете очи, а да бидеш фрлен во геената огнена. (Зачало 75) 10 Гледајте да не презрете едно од овие малите, зашто ви велам, нивните ангели на небесата секогаш го гледаат лицето на Мојот Отец небесен. 11 Оти Синот Човечки дојде да го побара и спаси загубеното. Крај на понеделникот 12 Како ви се чини? Ако некој има сто овци и една од нив се загуби, нема ли да ги остави деведесет и деветте и да појде во планините да ја бара загубената овца? 13 И, ако се случи да ја најде, вистина ви велам, ќе се радува за неа повеќе отколку за деведесет и деветте незагубени. 14 Така и вашиот небесен Отец не сака да загине ниедно од овие малите. 15 Ако згреши против тебе братот твој, оди и искарај го насамо; ако те послуша, си го придобил брата си; 16 ако ли не те послуша, поведи со себе уште еден или двајца, па со устата на двајца или тројца сведоци нека се потврди секој збор; 17 ако ли, пак, не ги послуша и нив, кажи ѝ на Црквата; но ако и Црквата не ја послуша, тогаш нека ти биде тој како незнабожец и цариник. (Зачало 76) 18 Вистина ви велам: сѐ што ќе сврзете на земјата, ќе биде сврзано и на небото; и сѐ што ќе разврзете на земјата, ќе биде разврзано и на небото. 19 Пак ви велам: ако двајца од вас се согласат на земјата да помолат нешто, што и да било, ќе им биде дадено од Мојот Отец Кој е на небесата; 20 зашто, каде што се двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум и Јас, посреде нив. Крај на понелникот на Св. Дух 21 Тогаш Петар пристапи кон Него и рече: – Господи, колкупати да му простам на брат ми, ако ми згреши? До седумпати ли? 22 Исус му одговори: – Не ти велам до седум, туку до седумдесетпати по седум. Изостави во вторникот (Зачало 77) 23 Затоа царството небесно прилега на цар, кој побара да ги расчисти сметките со своите слуги. 24 Кога почна да ја расчистува сметката, доведоа при него еден Што му должеше десет илјади таланти; 25 па, бидејќи немаше со што да плати, господарот негов нареди да го продадат и него, и жена му, и децата негови и сѐ што имаше, за да наплати; 26 тогаш, тој слуга падна и му се клањаше, говорејќи: – Господаре, стрпи се спрема мене и сѐ ќе ти платам! 27 А господарот на тој слуга, кога се смилува, го пушти и му го прости долгот. 28 Слугата, пак, штом излезе, најде еден од другарите свои, кој му должеше сто пенези и, кога го фати, го давеше и му велеше: – Исплати ми, што си ми должен! 29 Тогаш, неговиот другар падна пред нозете негови, го молеше и велеше: – Стрпи се спрема мене и сѐ ќе ти исплатам! 30 Но, тој не сакаше, а отиде и го фрли во затвор, дури не му го исплати долгот. 31 Другарите, пак, негови, кога го видоа тоа што стана, многу се огорчија, па отидоа и му кажаа на својот господар за сѐ што се случило. 32 Тогаш, господарот негов го повика и рече: – Лукав слуго, јас ти го простив сиот долг, зашто ми се молеше; 33 не требаше ли и ти да се смилиш над својот другар, како што се смилив и јас над тебе? 34 И се разгневи господарот негов, па го предаде на мачители, додека не му го исплати целиот свој долг. 35 Така и Мојот Отец небесен ќе направи со вас, ако секој од вас не ги прости, од срце, грешките на брата си. Крај на неделата. Читај во вторникот. |