Online Bible

- Reklamy -

Матеј 16 - Свето Евангелие 2008


ГЛАВА 16 (Зачало 65)

1 Тогаш пристапија кон Исуса фарисеите и садукеите и, искушувајќи Го, побараа да им покаже чудо од небото.

2 А Он, одговарајќи, им рече: – Навечер велите: ќе биде ведро, оти небото е црвено;

3 а наутро: денес ќе има невреме, зашто небото е црвено и матно. Лицемери, изгледот на небото можете да го распознавате, а знаците на времињата, не можете!

4 Род лукав и прељуботворен бара знак, но знак нема да му се даде, освен знакот на пророкот Јона. Па, откако ги остави, си замина.

5 И, преоѓајќи на спротивната страна, учениците Негови заборавија да земат леб.


(Зачало 66)

6 Исус им рече: – Внимавајте и чувајте се од квасот фарисејски и садукејски.

7 А тие помислија во себе и си рекоа: – Тоа е што не зедовме леб!

8 Но, Исус ги разбра, и им рече: – Маловерни, зошто мислите во себе дека не сте зеле леб?

9 Уште ли не разбирате и не помните ли за петте лебови на петте илјади, и колку кошеви собравте?

10 Ниту за седумте лебови на четирите илјади души, и колку кошници собравте?

11 Како не разбирате дека не за леб ви реков: чувајте се од квасот фарисејски и садукејски?

12 Тогаш разбраа дека Он им беше рекол да се пазат не од лебниот квас, туку од учењето фарисејско и садукејско. Крај на вторникот


(Зачало 67)

13 И кога дојде Исус во земјата на Кесарија Филипова, ги праша учениците Свои и им рече: – За кого Ме мислат луѓето – Мене, Синот Човечки?

14 Тие одговорија: – Едни за Јована Крстител, други за Илија, а некои за Јеремија или за еден од пророците.

15 Он им рече: – А вие, за кого Ме мислите?

16 Симон Петар одговори и рече: – Ти си Христос, Синот на живиот Бог.

17 Тогаш Исус му одговори и рече: – Блажен си ти, Симоне, сине Јонин, оти тело и крв не ти го открија тоа, а Мојот Отец, Којшто е на небесата;

18 и Јас, пак, ти велам: ти си Петар и на тој камен ќе ја изградам Црквата Своја, и вратите на пеколот нема да ја надвладеат; Крај на осветувањето

19 и ќе ти ги дадам клучевите од небесното царство, и што ќе сврзеш на земјата, ќе биде сврзано на небесата; и што ќе разврзеш на земјата, ќе биде разврзано и на небесата. Крај на св. апостоли


(Зачало 68)

20 Тогаш Исус им нареди на учениците Свои да не кажуваат никому дека е Он Исус Христос.

21 Оттогаш почна Исус да им открива на Своите ученици дека Он треба да отиде во Ерусалим и да пострада многу од старешините, првосвештениците и книжниците, и да биде убиен, и на третиот ден да воскресне.

22 А Петар, откако Го повлече настрана, почна да Му говори, зборувајќи: – Биди милостив кон Себе, Господи; тоа со Тебе нема да се случи!

23 Но, Он се заврте и му рече на Петра: – Бегај од Мене сатано! Ти си Ми соблазна! Бидејќи мислиш не за она што е Божјо, туку за она што е човечко!


(Зачало 69)

24 Тогаш Исус им рече на учениците Свои: – Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, да го земе својот крст и да оди по Мене; Крај на средата

25 зашто, кој сака да ја спаси душата своја, ќе ја изгуби; а кој ќе ја изгуби душата своја заради Мене, ќе ја најде;

26 оти, каква полза е за човека, ако го придобие целиот свет, а на душата своја ѝ напакости? Или каков откуп ќе даде човек за својата душа?

27 Зашто, ќе дојде Синот Човечки во славата на Својот Отец со ангелите Свои и тогаш секому ќе му даде, според делата негови.

28 Вистина ви велам: тука стојат некои што нема да вкусат смрт, додека не Го видат Синот Човечки како оди во царството Свое. Крај на четвртокот

© Македонска Православна Црква 2008

© Мacedonian Orthodox Church 2008

Macedonian Bible Society
Následuj nás:



Reklamy